Кога храната лекува

Кога храната лекува

Со вистинските намирници во чинијата ќе успеете да останете здрави цела зима

Често мијте ги рацете, користете хартиени шамичиња за една употреба, кивајте и кашлајте во внатрешниот дел од лактот, носете заштитна маска во затворените простории, држете дистанца со соговорниците, проветрувајте ги просториите секогаш кога надвор воздухот е чист… правилата за заштита од вируси ги знаеме напамет.

Но, зошто никој не зборува за исхраната кога можеби е најважна од сите мерки на претпазливост наведени погоре? Со малку поздрава храна и спорт, ќе го зајакнете имунитетот па вашата одбрана ќе делува без разлика што ве напаѓа.

Настинка и грип

Професорот Рон Еклес од Универзитетот „Кардиф“ знае како да спречи зимска кивавица и нос што тече. „Настинката треба да се најаде, а грипот да се изгладни – тоа е изрека што повеќе нема значење“, вели Еклес. „Треба добро да се храните за да не ја влошите настинката и да се соочите со треска, бидејќи на телото му се потребни дополнителни хранливи материи за да се одбрани од инфекцијата“, објаснува тој. Хранете се разновидно, листата на хранливи материи кои имаат влијание врз имунитетот е многу долга. Неопходни се посни протеини, житарки со цело зрно, крути јаглехидрати, млечни производи. Зеленчук и овошје во сите бои кои ќе бидат вклучени во секој оброк, јатки и семиња за да дојдете до витамините, минералите и антиоксидантите. Стартувајте со промените преку оброкот на работа, нека биде сендвич, но задолжително нека содржи зеленчук наместо кечап и мајонез. Ако веќе сте болни, листата од подолу залепете ја на фрижидер. Со сигурност ќе ви стане подобро…

ЛУК

Супстанцијата алицин што се среќава во лукот има антивирусно, антибактериско и антигабично дејство, што значи вреди да го вклучите во исхраната особено во сезона на вируси“, вели професорот Еклес.

СВЕЖО ОВОШЈЕ

Низа научни студии велат дека високите дози на витамин Ц може да го скратат траењето и интензитетот на настинката“, вели Еклес. Но, цитронот не единствениот извор: капини, малини, киви, пиперки, темнозелен листен зеленчук, па дури и компирите се богати со витамин Ц.

ТОПЛИ НАПИВКИ

Не е важно дали се работи за топол лимон со мед, топол чај или пилешка супа, истражувањата покажуваат дека која било топла напивка е ефективно оружје. Тие поттикнуваат секреција на слуз и плунка и на тој начин го омекнуваат грлото и ја стивнуваат кашлицата. Бидејќи при настинка се губи голем дел од течностите во организмот, напивките се сигурен начин да останете хидрирани. Пареата од напивките дополнително го одзатнува носот, а преку исфрлање на секретот од носот и грлото, ќе го исфрлите и вирусот.

Ултимативно оружје против грип

Dale Pinnock, автор на „The Medical Chef“, ќе ви дозволи да ѕирнете во неговото тенџере, а вие ќе му бидете доживотно благодарни, бидејќи овој рецепт вреди да го фотографирате со мобилен за секогаш да ви бидат достапни состојките кои во комбинација се одлични против настинка и грип.

За 4 порции:

  • 1 црвен кромид, ситно сечкан

  • 1 зелено чили пиперче, ситно сечкано

  • 4 чешни лук, ситно сечкани

  • 5 см парче свеж корен од ѓумбир, ситно сечкан

  • 2 супени лажици маслиново масло

  • 2 помали слатки компири, сечкани на коцки

  • 8 до 10 шитаке или друг тип на печурки

  • 2 раце гоџи бобинки

  • бистра супа од зеленчук

  • сол и црн бибер

Ставете ги кромидот, чили пиперката, лукот и ѓумбирот во големо тенџере со маслиново масло. Гответе ги состојките на тивок оган околу 5 минути, колку да омекне кромидот. Додајте ги слатките компири, печурките и гоџи бобинките. Убаво промешајте, па сипете ја бистрата супа од зеленчук. Оставете ја супата да врие на оган од 10 до 15 минути, додека да омекне компирот. Ако милувате, можете и да ја блендирате супата штом се свари.

Стомачен вирус

Секој што се соочил знае – стомачниот вирус напаѓа агресивно! Симптомите како мачнина, дијареја, повраќање, грчеви, се редат еден по друг и за неколку секунди заразениот е целосно изнемоштен. Со секое повраќање се ослободуваат околу милиони вирусни честички кои се шират до три метра. Штом се залепат на некоја површина, тие можат да преживеат цели 12 дена. Оние што ќе им подлегнат, нека се водат по следниот план:

Одмарајте

Заборавете на чистење по дома, заборавете на идејата да појдете на работа, не само што ќе ви биде непријатно поради честата посета на тоалетот, туку буквално ризикувате да се струполите на земја, бидејќи стомачниот вирус го исцрпува телото до срж.

Хидратација под итно

Пијте мали голтки вода, чај или растворен електролит, откако ќе забележите дека стомакот и нагонот за повраќање малку се смириле. Дехидратацијата е најголемиот ризик кај стомачните вируси, затоа секогаш дома треба да имате изотоничен пијалак.

Јадете помалку, а почесто

Штом почувствувате дека апетитот ви се враќа, тоа ви е шанса да си ја вратите силата. Стартувајте со лесна супа или смуди за да се освежите. Покачете го енергетското ниво со јаглехидрати – тостирано лепче со путер или суви бисквити. Избегнувајте масна, солена и зачинета храна и јадете блуткава храна што лесно се вари. Јадете често и помалку.

Баланс во стомакот

Пробиотските напивки, јогурти и суплементи придонесуваат за општото здравје на цревата. Иако нивното редовно консумирање во текот на зимата не е гаранција дека ќе ги избегнете стомачните вируси, сепак тие го забрзуваат заздравувањето со тоа што ќе ви помогнат да го вратите балансот на бактериите во дигестивниот систем.