Екстра хранлив плод што заслужува место на вашето мени
Ако сте од оние луѓе кои сакаат да експериментираат со вкусови, тогаш направете место за стариот добар кокос. За разлика од порано, кога единствено кокосовите снегулки се провлекуваа во десертите, денес на пазарот постојат низа кокосови намирници со кои можете да зготвите вкусни, но и здрави јадења.
Главната нутритивна одлика на кокосот е што дава многу енергија и поттикнува добро расположение. Жените најмногу го ценат поради свиленкавиот ефект што ѝ го дава на кожата, а на неговата релаксирачка миризлива нота никој не останува рамнодушен.
Кокосова вода
Полна со електролити како калиум, кокосовата вода е идеален пијалак за после вежбање, бидејќи му помага на телото да ја надомести загубената вода. Содржи многу малку калории – помалку од 80 во шише од 400 милилитри. Сепак пијте ја со мерка, особено ако избегнувате шеќер.
Кокосови снегулки
Богати со масни киселини со средна должина (MCFAs), кокосовите снегулки го стимулираат метаболизмот, а со тоа индиректно влијаат врз намалување на телесната тежина. Ќе ви дадат инстант енергија, а се далеку поздрава алтернатива на чоколадните трошки во тортите и чоколадите. Можете да ги консумирате секојдневно, едноставно вклучете ги во утринските житарки, додадете малку мед и ќе добиете неверојатен вкус.
Кокосово млеко
Наместо бадемово или она од соја, во утринското кафе создадете навика да ставате чисто кокосово млеко. Да, со тоа ќе додадете дополнителни 40 калории, но масните киселини во кокосот го одржуваат имунолошкиот систем.
Кокосов јогурт
Кокосовиот јогурт не содржи млечни култури, но и покрај тоа е богат со калциум, минералот што ќе ви ги одржи коските здрави, ќе ги зацврсти и плус ќе го забрза метаболизмот. Консумирајте го со житарки богати со влакна или свежо овошје.
Кокосово брашно
Кокосовото брашно содржи висок процент на растителни влакна, здрави масти и протеини, а поради нискиот гликемичен индекс можете да бидете сигурни дека нема да ви го покачи шеќерот во крвта. Не содржи глутен – идеален за болните од целијакија. Ако редовно готвите со кокосово брашно, ќе го зголемите внесот на оние влакна пријатни за стомакот и цревата.
Кокосово масло
Наместо сончогледово масло или путер, користете кокосово масло за да ги намалите нездравите заситени масти, а истовремено да ја поттикнете дигестијата. Освен за готвење, маслото од кокос е пријателски настроено кон кожата и косата давајќи им инстант влажност и сјај.
Кокосов крем
Кокосовиот крем е одличен извор на протеини, антиоксиданти, фосфор, магнезиум, холин, фолати, а најмногу содржи калум кој е неопходен за здравјето на секоја една клетка во организмот. Ваквиот состав го прави кокосовиот крем одличен за намалување на ризикот од висок крвен притисок, умор и грчеви во мускулите.