Колаген и хијалуронска киселина

Колаген и хијалуронска киселина

Ништо не ни го покажува времето толку јасно како огледалото и… зглобовите.

Еден ден, без претходна најава, кожата почнува да го губи сјајот, а колената да нè вртат по долг, напорен ден. Тоа е тивок потсетник дека најважните градбени елементи во нашето тело полека се трошат.

Колагенот и хијалуронската киселина се како двајца главни чувари што долго време незабележително ја извршуваат својата работа. Сè додека не им затреба нашата помош.
До 30-тата година, нашиот организам веќе произведува 15 % помалку колаген.

До 50-тата година – изгубени се повеќе од половина од залихите.
А хијалуронската киселина? Таа исчезнува уште побрзо.

Резултатот? Сувост, брчки, напнатост во зглобовите, подвижност која веќе не е како порано.

Научниците веруваат дека решението е во враќање на она што телото го губи – колаген и хијалуронска киселина во соодветна форма и секогаш во пар.

Колаген – протеин кој нè држи на нозе

Колагенот е протеин кој природно се наоѓа во телото и се создава од клетки на сврзното ткиво. Тој е најзастапениот протеин кај човекот – сочинува речиси една третина од вкупната протеинска маса. Познати се 28 типови колаген, а најчести се:

Тип I – најзастапен, присутен во сите сврзни ткива
Тип II – се наоѓа во зглобовите и во меѓупршленските дискови
Тип III – дел од сврзното ткиво во кожата и во крвните садови
Тип IV – присутен во бубрезите, очната леќа и внатрешното уво

Колагенот е клучен за структурата и еластичноста на тетивите, лигаментите, мускулите и ’рскавицата – па затоа има значајна улога во здравјето на зглобовите и на коските.
Воедно, тој сочинува 75–80 % од структурата на кожата, а придонесува за еластичноста, хидрацијата и обновата на оштетените клетки.

Истражувањата покажуваат дека колагенот го достигнува врвот во периодот од 25 до 34 години, а потоа неговото природно производство опаѓа за околу 1,5 % годишно.

Последиците ги гледаме како:

  • појава на фини линии и брчки
  • слабеење на коскената густина
  • поголем ризик од остеопороза

Затоа, многу луѓе одбираат да внесуваат морски колаген (тип I) како додаток во исхраната. Тој има одлична апсорпција и претставува соодветна замена за луѓе кои не користат животински извори од говедско или свинско потекло.

Хијалуронска киселина – молекула што задржува вода

Хијалуронската киселина е природен полисахарид присутен во кожата, зглобовите и очите. Таа е позната по својата исклучителна способност да задржува вода – над 1 000 пати повеќе од сопствената тежина.
Благодарение на тоа:

  • ја одржува кожата хидрирана и полна
  • ја подобрува заштитната функција на кожата
  • придонесува за еластичност и нежност на кожата

Во зглобовите, таа е составен дел на синовијалната течност, која ги подмачкува и ги штити од триење. Со возраста, нејзиното производство се намалува, што може да доведе до сувост на кожата, намалена подвижност и болка во зглобовите.

Дополнителни придобивки од хијалуронската киселина:

  • забрзува зараснување на рани
  • намалува воспаление
  • го одржува здравјето на очите

Како функционираат заедно?

Колагенот и хијалуронската киселина се надополнуваат природно.
Колаген = структура и цврстина.
Хијалуронска киселина = хидрација и подмачкување.

Двојна сила за кожата

Кожата содржи:

50 % од вкупната хијалуронска киселина
75 % од целокупниот колаген во телото
Кога нивото на овие две супстанции се намалува – се забрзува стареењето на кожата.

Комбинацијата:

  • ги подобрува цврстината и еластичноста
  • ја зголемува хидрацијата во длабоките слоеви
  • ја зајакнува кожната бариера
  • придонесува за порамномерна текстура

Истражувањата сугерираат дека внесувањето суплементи во орална форма може поефикасно да стигне до длабоките слоеви на кожата отколку кремите.

Поголема подвижност и заштита на зглобовите

Во зглобовите:

колагенот дава структура и стабилност
хијалуронската киселина ги подмачкува и ги штити од триење

Комбинацијата:

  • ги намалува непријатноста и болката при движење
  • го поддржува здравјето на ’рскавицата
  • придонесува за подобра коскена густина
  • го одржува мускулниот тонус, па зглобовите трпат помал притисок

Оваа синергија е особено корисна за луѓе кои многу стојат, кои седат подолго време или се физички активни.

Важно е да се знае!

Иако колагенот и хијалуронската киселина се природни и добро поднoсливи:

  • суплементацијата треба да биде прилагодена индивидуално
  • секогаш е паметно да се консултира фармацевт или лекар
  • здравата исхрана, хидрацијата и заштитата од сонце остануваат темел на убавата, здрава кожа.