Фотографијата не е само пат до спомените. Таа ни овозможува да гледаме подлабоко, да откриваме нови хоризонти и да забележуваме убавини што во брзината на секојдневието не би ги забележале. Изгрејсонце, случајна насмевка или разиграно куче во паркот – сето тоа добива нова димензија штом го погледнеме низ објектив.
Во моменти кога секојдневието ни делува бледо, еднолично, стресно или осамено, фотографијата може да ни помогне да се поврземе со она што е убаво и смирувачко околу нас. Таа поттикнува креативност, буди емоции и често има ефект сличен на водењето дневник – приземјува, насочува и ни ја буди благодарноста.
Во продолжение ви предлагаме неколку инспиративни фотографски предизвици што може да ги започнете уште денес. И знаете што, не мора да имате професионален апарат – искористете го телефонот и уживајте во новото хоби.
Фотографија на денот
Овој предизвик е идеален ако сакате структура во вашето фотографско патување. Треба само секој ден да направите една фотографија и така 365 дена. На крајот можете да ги споите во краток филм, да ги испечатите или да ги подредите во албум. Тоа е прекрасен начин да откриете колку малите навидум небитни моменти, ја обојуваат вашата година. Фотографиите може да бидат едноставни или смели: зимски пејзаж, семејна вечера или автопортрет.
Автопортрети
Автопортретите се вистински предизвик, но се исклучително корисни. Така учиме да се прифатиме себеси какви што сме, а истовремено стекнуваме поголема самодоверба. Можете да правите автопортрет еднаш неделно (секогаш на исто место) и да ги воочите промените низ кои поминувате. Или да создадете серија фотографии што ги претставуваат различните улоги што ги имате – професионални, семејни, социјални.
Азбука од фотографии
Овој предизвик е совршен ако сакате насока, а немате конкретна идеја што да фотографирате. Целта е да создадете фотографија за секоја буква од азбуката – секој ден по една. Некои букви ќе ве натераат да бидете особено креативни, што ја прави задачата уште пошармантна. Кога ќе соберете 31 фотографија, можете да започнете нов циклус или да ги уредувате собраните. Со секое повторување ќе го забележите вашиот технички и креативен напредок.
Еден ден, една приказна
Овој проект покажува како изгледа еден типичен ден – вашиот или на некоја друга личност. Фотографиите не мора да бидат спектакуларни: утринското кафе, патот до работа или активностите дома, може да раскажат многу повеќе отколку што претпоставуваме. Токму ваквите мали секојдневни навики создаваат интимна, автентична приказна. Проектот е идеален и ако сакате да документирате ден на дете, родител, миленик или постар член на семејството.
Фотографии со тема благодарност
Ова е еден од најубавите и најтерапевтски фотографски предизвици. Секоја фотографија претставува нешто на што сте благодарни: омилен оброк, топол џемпер, книга, лице што ви значи или момент што ви го разубавил денот. По неколку месеци ќе имате галерија исполнета со лични, топли моменти кои сведочат за убавината на вашиот живот – голема или мала. Овој проект нè учи да го бараме доброто секој ден и да го негуваме она што ни носи радост.
