Препознатлив глас што и понатаму допира до срцата
Во време кога сè почесто бегаме од туѓите проблеми, Кристина Арнаудова со години наназад избира да застане, да слушне и да помогне – тивко, без сензационализам и без потреба од аплауз.
Иако јавноста ја памети како еден од најпрепознатливите гласови на домашната музичка сцена, денес нејзината мисија најсилно се слуша преку делата. Преку „Проект Среќа“, таа и мал круг жени-волонтери допираат до стотици семејства и деца низ цела Македонија, носејќи не само материјална помош, туку и чувство дека некој мисли на нив.
Кристина отворено зборува за довербата, злоупотребата на добрината, гладните деца, генерациите што даваат надеж, но и за тоа како, во сета грижа за другите, учи да се грижи и за себе.
Колку луѓето што бараат помош инсистираат на приватност? Како ја обезбедувате и градите довербата во тие чувствителни ситуации?
Во „Проект Среќа“, уште од самото основање, едно од основните начела на работа беше зачувувањето на приватноста на корисниците, без објавување фотографии, кои според мене во такви тешки ситуации ја прават работата уште потешка, особено ако се работи за деца во развој, кои по објавување на тие фотографии можат да бидат мета на исмејување и булинг. Кај нас, на нашите платформи, многу ретко се објавуваат слики од корисници, и кога тоа се прави е наведено и кажано дека ќе се објави, а оние кои не сакаат да бидат објавени, ги прашуваме и се изјаснуваат. Се објавуваат фотографии од забави, од кампови, од среќни моменти, но никако не ги сликаме луѓето во нивната тежина и тага. Тие нè бараат од мака, не од убавина.
Во хуманитарната работа треба прво да се биде човек и да се одбегне секаков вид сензационализам. Се воздржувам од тоа да критикувам често, но искрено го презирам секој вид користење на тешките моменти на луѓето за градење име, кариера, собирање лајкови или зголемување гледаност. Во „Проект Среќа“, корисниците се чувствуваат безбедно и заштитено, а донаторите имаат доверба и затоа со години донираат, во сè поголем број секоја година. И најважно, не нам, не на „Проект Среќа“, туку директно на семејствата и на децата. Токму затоа, бидејќи точно знаат каде оди секоја нивна донација. Имаме една мала армија поддржувачи, обични луѓе со големи срца, без кои нашите проекти, акции и активности нема да се возможни.
Кој почесто излегува во пресрет кога станува збор за помош – обичните луѓе или компаниите? И што, според вас, ги мотивира најдарежливите донатори?
Како што веќе кажав, нашите донатори се обични луѓе, да кажеме дека се од средна класа, повеќето се оние кои и самите знаат како е да се најдеш во безизлезност, во немаштија. Млади луѓе кои успеале во своите кариери. Млади мајки и татковци кои сочувствуваат со другите родители кои немаат.
Речиси и да нема од оние кои светот ги смета за вистински богати и кои се на оние листи каде секоја година се објавуваат кој заработил најмногу.
Минатата година, процентуално, физичките лица донирале 80 проценти од целокупната донирана сума на годишно ниво. Само 20 проценти биле донации од фирми и компании. Секоја година имаме компании пријатели, и некако така беше замислено да функционираме успешно како здружение, со свој персонал и канцеларии. Но, бројката на тие компании секоја година се намалуваше, прво моравме да го намалиме бројот на вработени, па од три остана една, односно сите станавме волонтери, а потоа моравме да ги откажеме и канцелариите. Минатата година, остана само уште една компанија која со симболична сума ја поддржа нашата работа.
Иако луѓето замислуваат дека „Проект Среќа“ е некаков колектив со многу луѓе, комбиња, коли, магацини и средства, ние сме всушност неколку жени кои работат од своите домови, преку своите компјутери и телефони, во своето слободно време, и даваме сè од себе секое барање да биде исполнето и секому да му го олесниме животот.
Во текот на годината, соработуваме со училишта кои имаат потреба од нас, како и со сите семејства кои имаат деца, а бројката се движи од 700 до 1.500 услужени корисници годишно, со разни услуги, а некои и со сите, односно се дел од сите проекти и акции.
Бројка која не успеваат да ја достигнат ни здруженијата кои имаат милионски буџети. На тој факти сум особено горда. Што и во ова тешко време, ни за миг не престанав да верувам дека „Проект Среќа“ треба да престане да постои.

Колку кај нас е развиена свеста за донирање, особено во време кога консумеризмот е сè подоминантен?
Ако зборуваме за физичките лица, ситуацијата е сè подобра од година во година, но кога зборуваме за корпоративни донации и компании, ситуацијата секоја година е полоша. Донациите се сведуваат на формални донации, се донира на две-три организации и најмногу се донира на државни институции, што според мене е сосема погрешна стратегија.
Ако велиме дека младите се нашата иднина, а знаеме дека 40 проценти од нашето население живее на раб на сиромаштија, тогаш зошто не створиме стратетија тие деца да ги извадиме од кругот на сиромаштијата, да им пружиме квалитетно образование, оброк во училиште, да ги мотивираме со летни кампови, со нова облека, за да не бидат жртви на булинг заради нивната социјална состојба?
Зошто не се фокусираме тие деца да ги направиме успешни и продуктивни луѓе, а не следна нова генерација лица во социјален ризик, приматели на социјална помош? Тоа е прашање кое со години си го поставувам и ниедна влада досега, министерство, не создала стратегија за да се справи со тоа.
Сето наведено, ние како здружение се трудиме да го обезбедиме на децата од цела Македонија, со акцент на рурални средини и села, каде помошта најтешко стигнува.
Забележувате ли разлики меѓу генерациите кога станува збор за солидарност и за хуманост? Дали младите ви даваат надеж?
Ау да, младите се многу многу посвесни, генерацијата која се наши донатори се лица од 20 до максимум 40 години. Постарите ја немаат ни таа свест, ни тоа чувство, со секоја чест на исклучоците. Младите се надежта, тие сериозно ја имаат сфатено општествената одговорност како дел од битисувањето, од постоењето и од секојдневието. Буквално на секоја наша објава се пријавуваат и нè реобјавуваат. Многу ни значи тоа.
Еден интересен факт е тоа дека на ФБ се сите кои бараат помош, а на Инстаграм се сите кои нудат помош, па според тоа можете да ја сфатите старосната граница на оние кои донираат и оние кои бараат.
Каде е границата меѓу транспарентно споделување на донаторски чин и злоупотреба на туѓата состојба за лична промоција? Дали јавното споделување може да биде и позитивен поттик за другите?
Границата е тенка, а темата чувствителна на која мора да ѝ се пристапи со свест и внимателно. Веќе споменав околу тоа донирање за гледаност, за лајкови и за популарност.
Јавно споделување на нашите платформи многу значи, бидејќи на тој начин се пријавуваат сите кои сакаат да донираат. Но, никогаш не споделуваме фотографии од корисниците, лични податоци и чувствителни информации.
Ја објаснуваме состојбата, проблемот кој треба да се реши и сите кои сакаат да донираат самите се пријавуваат во порака, а потоа ним им ги даваме податоците каде и кому да донираат и што им е потребно.
Тоа е сосема доволно за да се помогне кому било, без непотребни фотографии и ставање на луѓето, на кои можеби тоа им е најтешкиот момент во животот, пред очите на јавноста.
Дали сте се соочиле со случаи на злоупотреба на туѓата добрина? Како ги препознавате и решавате таквите ситуации?
Секако, секакви ситуации имало во овие 10 години. Некогаш бараат работа а се молат да не ја најдат, некогаш се однесуваат како ние да сме должни или како некој да нè плаќа за постојано и во секој момент да сме достапни за нив, а има и такви кои сакаат со години да живеат од хуманитарна помош, а притоа се сосема здрави и спремни за работа. Но, затоа сме тука ние, да ја дознаеме состојбата, личноста, семејството. И се трудиме секогаш помошта да стигне токму онаму каде што е потребна најмногу.
Дали добрината може да биде „заразна“? Дали сте сведочеле на ланец на добри дела што започнал со една мала иницијатива?
Кај нас тоа постојано се случува! Нашите проекти често стануваат вирални на социјалните медиуми и често една личност може со својата постапка да донесе уште еден куп свои пријатели да бидат донатори. Да, добрината е заразна, и тоа е зараза кон која треба да се стремиме!
На пример, прво што ми текнува е проектот: ,,Оброк за секое дете во училиште…“
Една нормална вечер, додека гледав некоја серија, отворив ФБ и ми излезе статус на една наставничка кој станал вирален, и во која кажуваше како на голем одмор ѝ се скршило срцето кога видела еден свој ученик како јаде сув леб во ќошот од училницата и пие вода, додека сите други деца си ги јаделе работите кои си ги купиле. Наставничката се приближила до него и внимателно го прашала дали би сакал да одат заедно да купат нешто друго. Детето се засрамило и не сакало во прв момент, но потоа успеала да го убеди да купат кифла и јогуртче. Не можев да престанам да мислам на тоа цела ноќ. Го исплакав и тоа дете и сите деца на кои тоа им е секојдневие.
Така веќе утредента отидов и отворив наменска сметка во банка, која ја наменив само за оброк за деца кои одат во училиште а немаат средства да се хранат.
Проектот го објавивме и стана вирален! Се приклучија обични луѓе, компании, здруженија… Таа година плативме оброк за секој ден за цела учебна година за 300 деца.
Следната година одзивот веќе беше многу помал, а големите компании не сакаа да дадат поддршка, па проектот траеше две и пол години.
Ако се појават услови, би сакала тој проект годинава да го оживеам повторно. Гладот кај децата е сериозен проблем во Македонија за кој мислам дека апсолутно никој не зборува и никој не го споменува. Илјадници деца се гладни, што ќе направиме во врска со тоа?
Како народ често се сомневаме во добрите намери и бараме некаква скриена агенда. Дали сте се соочиле со таков тип критики и како лично се справувате со нив?
Многу сум благодарна што тоа навистина досега не се случило, барем не јавно, и јас не сум слушнала. Тоа за мене една од најголемите сатисфакции во работата на „Проект Среќа“ како здружение. Повеќето не ни знаат дека јас стојам позади здружението, што беше и мојата првична намера – „Проект Среќа“ да стане хуманитарен бренд за себе и да не го поврзуваат со моето име. Да кажеме и дека можеби сакав да го избегнам оној муабет дека го правам тоа за сопствена популарност.
Јас како личност не сум фан на популарноста, и некако толку многу време поминав пред очите на јавноста, што навистина не ми беше потребно да добивам некаква популарност преку хуманитарната работа. Хуманитарната работа беше моја љубов уште од детството и сметам дека сега сонот ми е остварен. Особено што „Проект Среќа“ не е само моја, туку е на сите добри луѓе во Македонија, секој еден кој барем еднаш се вклучил и донирал.

Кој момент од вашата хуманитарна работа најмногу ве скршил, а кој најмногу ве зацврстил?
Најтешко ми беше кога ги работев емисијата и проектот: „Проект Куќа со Кристина“. Очекував масовна поддршка од општеството и од компаниите, што можеби беше утопистички од моја страна, а тоа не се случи, па едвај успеав да ја завршам таа една сезона и да обезбедам донации за 10 домови. Тоа ме скрши и долго време не сакав да се вратам на работа. Физички и психички тогаш сум била најуморна. После тоа бев сигурна дека веќе никогаш нема да се вратам на тој проект, па дури и кога ми се јави компанија која сакаше да биде главен покровител на цела емисија. Реков повелете, работете го, ви го давам, само без мене. Ако зборуваме кој момент ме зацврстил… тоа беше истиот момент. Она што не те убива те прави посилен. И тоа е вистина.
Што е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за хуманоста?
Дека мора да имаш некаква задна намера за да се занимаваш со тоа.
Како мајчинството ве промени како личност и како хуманитарец?
Мајчинството знае да смени од корен, но мислам дека мене ме направи уште поемотивна, и тогаш сфатив дека децата се оние на кои сакам да им помагам. Кога сфатив на колку многу деца им требаме и колку многу деца немаат основни услови за живеење.
Иако повеќе не сте активна на музичката сцена, каква е вашата денешна врска со музиката?
Пасивна. Мојата врска со музиката е сега на далечина. Таа е во мојата крв, но сега само ја уживам.
Во сета оваа грижа за другите, како се грижите за себе – за сопственото здравје, менталната рамнотежа и енергијата?
Не можете да се грижите за другите ако прво не се грижите за себе, тоа важи на секое ниво. Не можете да ги сакате другите ако не се сакате себеси. Клише кое е вистина. Се трудам да направам пауза кога чувствувам како сè да е премногу во одреден момент. Тоа порано не знаев да го направам. Сега го знам тој баланс и многу го почитувам. Малку работа, малку одмор е вистинската формула.
