Ла Гасили

Ла Гасили

Француско мало гратче со безброј изненадувања

Грандиозната Ајфелова кула и Париз се првата асоцијација за Франција и ако треба да наброите уште некој град, сигурно тоа би бил Кан, познат по филмскиот фестивал, Лион или можеби Марсеј.

Но, дали некогаш сте слушнале за гратчето Ла Гасили?

Распослано на десниот брег на реката Аф, помеѓу градовите Рен и Ван?

Токму во ова гратче вистински ќе го почувствувате францускиот шик, бидејќи претставува мало прибежиште завиено во цвеќиња, камени градби што потсетуваат на замоци и тесни симпатични улички. И покрај недостатокот на бои во зимскиот период, особено е магичен ако имате среќа да заврне снег.

Ла Гасили е домаќин на најголемата изложба што секоја година се одвива од 31 мај до 30 септември и тоа под отворено небо. Ако не бегате од гужви, тогаш можеби ова е најубавиот период за да појдете тука. Ќе имате прилика да шетате и да уживате во фотографиите поставени низ целиот град. Околу 2 милиони посетители и светски познати фотографи циркулираат низ уличките на градот во овој период од годината. Малкумина се информирани за постоењето на оваа невообичаена изложба, но Ла Гасили е предизвикувачка дестинација што нуди многу повеќе.

СЕДИШТЕ НА КОЗМЕТИЧКИ ГИГАНТ

Ла Гасили е дом на светски познатата козметичка компанија Yves Rocher (Ив Рошер) и нивната огромна ботаничка градина која располага со повеќе од 1 100 видови растенија. Одвојте цел еден ден за да се воодушевувате на боите и мирисите на природата кои се преплетуваат на ова рајско место.

СУПЕРСПА ЦЕНТАР

Во 2009-тата, Yves Rocher го отвори еколошкиот спа хотел La Grée des Landes во кој гостите и дневните посетители можат да уживаат во третманите за релаксација за кои се користат природни козметички производи на компанијата. Хотелот располага и со ресторан во чија кујна се користат исклучиво органски и локални производи. Ако не можете да си дозволите ноќевање, барем почестете се со кафе и десерт и уживајте во панорамскиот поглед на градините. Воедно, ова место важи за резерват на птици и пеперуги.

La Gacily Maison Yves

 

ИЗОБИЛСТВО ОД СУВЕНИРИ

Ако ви причинува задоволство да чепкате по разноразни дрангулии и сувенири, тогаш упатете се низ тесните улички. Ќе најдете безброј уметнички и занаетчиски дуќанчиња. Тука се изработуваат кукли, се дизајнира накит, се прават садови од глина, а можете да посведочите и како се изработуваат стаклени садови со дување во стакло.

ИЗЛЕТ ВО ПРИРОДА

Постои ли подобар начин да го обиколите гратчето качени на симпатично магаренце? Спојте се со природата и направете лежерен пикник под некое од раскошните дрвја или покрај реката. Ако времето е топло, можете да изнајмите и велосипед. Ако пак сте за крстарење по река, на услуга ви стојат мали електрични бродови за кои не ви треба дозвола.

 

Ако ви се допаѓа идејата за Ла Гасили, ќе ви се допадне и…

Говертон – мало гратче во близна на Свонзи, Велс, го нарекуваат близнак на Гасил.

Лавенхам – најубавото гратче во Англија во кое има околу 350 куќи и многу мали продавнички и чајџилници.

Болгери – италијанско селце сокриено меѓу долгометражни винови лози со автентичен изглед и дух на осумдесеттите.