Каде грешите?
Летото e секогаш добар мотив за започнување со режим кој можеби нема да ви го донесе телото од соништата, но несомнено ќе ве спреми за силната храна во зима. Исхраната на база на овошје и зеленчук во комбинација со вода се доволно добри намирници за да осигурате намалување на килограмите. Лубеници и домати има во изобилство, па послушајте го организмот кој и самиот ви сигнализира дека има потреба за полесна храна. Но, внимавајте, течните и лесни оброци во никој случај не се магична формула за идеална фигура. Ако не ги комбинирате правилно, ќе ве одведат во ќор-сокак.
Појадувате минимално
Денот го започнувате со свежо цеден сок од портокал? Да, ја задоволивте потребата од витамин Ц, но што е со неопходните 500 калории? Менито за појадок треба да содржи јајца, две парчиња ’ржан леб, путер и свежо овошје. Ова е неопходното гориво за да можете да функционирате во текот на денот. Вам можеби ви звучи како премногу, но имајте на ум дека тоа е потрошна храна која организмот ја користи сè до вечерта. Појадувајте омлет, а овошјето нека ви послужи за попладневна ужина.
Скокате оброци
Заборавете на изговорот: „Немам време да јадам!“ Без разлика за кој оброк станува збор, секое прескокнување има негативни последици врз брзината на метаболизмот. Режимот во никој случај не смее да подразбира гладување. Постојано залажувајте го желудникот и терајте го да работи. Гладот лесно може да ве натера да потклекнете на искушението, за на крај да изедете многу поголема порција од вообичаеното. Обидете се паузата помеѓу два оброка да не биде поголема од 4 часа.
Консумирате исклучиво диетална храна
Само поради фактот што ја нарекуваме диетална храна, не значи дека треба да заборавите на количините што ги внесувате. Дозволената храна како сушено овошје, авокадо и бадеми може да ги намалат ефектите на нискокалоричните оброци доколку се прејадувате со нив. Бидете умерени и секогаш дефинирајте ги количините. Во денот е доволно да изедете само 10 сирови бадеми на празен стомак.
Не сте на режим за време на викенд
Во текот на неделата нема место за грешки, нели? Додека сте на работа или ги чувате внучињата пиете чај, појадувате, јадете овошје, а кога ќе дојдете дома ве чека богат здрав оброк. Но, распоредот се руши штом дојде сабота и имате време да поспиете или да јадете надвор. Во ред е да си дозволите малку уживање и да каснете 2 топки сладолед или еден ред чоколада, но тоа не значи дека треба комплетно да се откажете од режимот. И кога сте во ресторан дружете се со салатите, со чисто печено месо или со печурки и заборавете на похованата даска.
Не вежбате
Тоа што истрчавте еден километар не ви дава за право да се фрлите на пицата, а уште помалку на газираните пијалаци и на пржените компирчиња. Доколку сметате дека заслуживте да каснете нешто после напорниот тренинг, тогаш потрудете се тоа да биде здрава храна без масти. Секое активирање на мускулите влијае на ефикасноста на режимот, затоа спортувањето е неопходно.
После јадење пиете вода
Доколку внимавате на количината на водата што ја пиете во текот на денот, тогаш имајте на ум дека 2 часа после секое јадење мора да направите пауза. Сè до оброкот дозволено ви е да пиете вода онолку колку што сметате дека му е потребно на вашиот организам, но за да не дозволите разредување на желудочните киселини, а со тоа и забавување на варењето на храната, заборавете на водата непосредно после јадење.