Патувањето низ актерството
Магијата на актерската игра ја почувствувал кога имал само 13 години, за денес да создаде нераскинлива врска со глумата во сите нејзини облици. Родителите и децата го знаат како Могли, Капетан Кук, Мачорот во чизми и низата други улоги што го толкува на сцената на „Театарот за деца и младинци“.
Преку „Квиско“, Мартин ги освои бабите и дедовците кои со нетрпение го чекаат квизот за да ги одвлечат внуците од мобилните телефони и да ги тестираат нивните знаења преку забава. Се надеваме дека што поскоро „Квиско“ ќе се врати на малите екрани.
Во „До Балчак“ на Столе Попов, Мартин ја толкуваше главната машка улога, поточно ликот на младиот Филип кој по студиите во странство се враќа во својата земја. За оваа улога Мартин морал да учи француски јазик и да учи да јава коњ, но се чини дека предизвикот се исплатеше, бидејќи улогата вистински ја потврди и ja извиши неговата актерска големина.
По 21-ви пат, препознатливиот глас на Мартин ќе одекне преку маскотата Поки, која ќе го најави детскиот фестивал „Поточиња“.
Заљубен во глумата, заљубен во децата, заљубен во природата, овој млад човек преку својата работа промовира вистински вредности, бидејќи не го пушта детето од својата душа.
Дали е потешко да се глуми пред деца или пред возрасни? Дали е потешко да се засмее или натажи публиката?
– За почеток, благодарам на поканата и честа за интервјуто. Одговорот на прашањето е јасен. Потешко е да се работи со деца. И да едуцираш е тешко и да играш на сцена е тешко. Децата не познаваат граници. Нивната фантазија е поразвиена од онаа на возрасните. Децата ги забележуваат сите детали и се искрени „судии“ на нашиот сработен труд. Токму поради таа причина треба да се стремиме кон тоа засекогаш да останеме деца во душата. Посебно уметниците.
– Како и во животот. Многу е лесно да растажиш/натажиш некој, а многу е тешко да го насмееш/засмееш. Комедијата како жанр не е едноставна. Најтешка е за играње. Како и во животот. Можеби не е лесен, но треба да гледаме на позитивните страни, да бидеме со позитивна мисла и со насмевка на лицето.
Која е поголема љубов за вас, театарот или филмот?
– Театарот е мојата прва љубов. Убавината во театарот е во тоа што се случува сега и тука пред публиката. Во живо. Енергијата кружи, се пренесува во салата. А филмот си носи посебна магија со себе. Сосема е различно од театарот. Актерската игра на филм е различна од онаа на театарската сцена. Филмот е засебна мајсторија. Убавината кај филмот е дека останува вечно. Доколку гледаш снимена театарска претстава, не е истото доживување. Различни уметности со свои убавини.
Кога следно можеме да ве очекуваме на филмското платно? На кои проекти работите во моментов?
– Јас си посакувам што поскоро да застанам пред камера и да се сними фантастичен филм кој ќе биде препознатлив по квалитетот и ќе го прошета светот. Нажалост, кај нас, филмската индустрија е многу малку поддржана. Исто како и алтернативната театарска сцена. Имаме сериозно квалитетни актери кои вредат и голема штета е (ниту еднаш) да не се појават на филмско платно. Во ТДМ чекаме да видиме кој ќе почне да работи оваа сезона, бидејќи резултатите од конкурсот на Министерството за култура излегоа пред неколку дена. Последна претстава која имаше премиера беше ,,Како ќе го делиме мачорот“, која е младинска претстава во режија на Јане Спасиќ и препорачувам да се погледне. Имам неколку приватни проекти кои се планирани за следниот период, но сега засега ќе останат тајна. Со полна пареа се подготвуваат ,,Поточиња“ за 21-во издание и тоа ме радува. Константно, напорно работам на еден голем проект кој се вика ,,себе“.
Секогаш кога одам во театар, сама или со децата, се прашувам дали оваа земја, дали овој народ е свесен за актерскиот талент на луѓето што се на сцената пред мене. И секогаш си велам, кога светот би дознал за овие луѓе, дали тие сѐ уште ќе глумат толку магично и со цело срце? Затоа, ќе ве прашам, дали вие како актер се чувствувате доволно ценето и признаено во вашата земја?
– Дефинитивно публиката го препознава актерскиот талент и квалитет во Македонија. Доказ за тоа се секогаш полните сали и потребата за карта, а некогаш и претстава плус. Ова го кажувам за сите театри. Јас се радувам дека се бара и карта плус за алтернативната театарска сцена која мора да се поддржи зашто веќе е голема, има потреба да биде голема, многубројна. Многу дипломирани актери се невработени. Актери кои со срце ја работат и сакаат професијата, кои имаат внатрешна потреба да бидат на сцена. Кога ќе се достигнат најголемите височини во професијата е само вреднување на трудот. Потврда дека си ја знаеме работата и си ја работиме одлично. Во таков случај срцето ти е поотворено и магијата, желбата, задоволството се поголеми.
Дали актерството како професија напредува или спие, со оглед на тоа што актерите почнаа дури повеќе да заработуваат како инфлуенсери? Дали фокусот на социјалните медиуми е опасен за актерот и неговиот напредок во самата актерска игра?
– Актерството напредува со брзината на технологијата. Се отвораат/пронаоѓаат нови форми на театар, а и на филм. Технологијата овозможува многу предности. Мислам дека истото важи за уметноста генерално. Дел од технологијата и времето е и инфлуенсерството, подкастот итн. Сѐ си има позитивни и негативни страни. Од нас зависи кон што ќе се насочиме. Јас не сум многу активен на социјалните мрежи зашто повеќе ме привлекува природата. Не сметам дека актер кој се занимава со инфуенсерство на пример, има потенцијална опасност за актерската игра. Сметам дека само може да се собере различно искуство. Актерот никогаш не спие, актерот само одмора.
Колку суета и дискриминација има во филмската и во драмската уметност кај нас? Дали актерскиот талент е доволен за да се успее како актер во нашата земја?
– Не би сакал да навлегувам во првата тема. Секогаш треба мал ветер во грб. Има многу невработени актери на кои не им се дава шанса. Едноставно шансата не стигнува до нив. Во уметноста, во секоја нејзина форма, државата мора да инвестира.
Како всушност се заљубивте во глумата и како одлучивте да станете актер?
– Кога бев 7-мо одделение, во моето основно училиште ,,Војдан Чернодрински“ се подготвуваше патронат по повод 45 години од постоење на училиштето. (Не)случајно дознав дека ќе се прави театарска претстава, делови од ,,Македонска крвава свадба“. Кај педагогот во канцеларија седеше Славица Ковачевиќ-Јовановска, јас тропнав на вратата, кажав зошто сум дојден и бев одбран да учествувам. Го играв ликот на Спасе. Откако заврши патронатот, Славица нѐ покани неколку деца, доколку сакаме да бидеме дел од нејзиното детско драмско студио. Така почна целата приказна. Цели 5 години одев во драмското студио, а потоа се запишав на ФДУ во класата на Владимир Милчин и Сузана Киранџиска. Убави денови, убави спомени. Безгрижност, радост и насмевки.
Кои актери/ки или можеби филмови ви служат како инспирација до ден-денес?
– Има многу актери на светско ниво кои се фантастични, ако зборуваме за филм. За театар, многу се исто така. Само на нашево поднебје се многу. Ако треба да кажам еден, тоа е Џони Деп. Во последно време гледам цртани филмови. Јас си ги гледам во форма на документарци. Ако треба дополнителна листа со имиња на актери и филмови, со задоволство ќе ја доставам.
Велат дека еден вистински уметник е невозможно да се пензионира, неговиот креативен ум секогаш ќе бара медиум за да се изрази. Како го замислувате вашето пензионирање?
– Да, тоа е многу точно дека уметникот никогаш не се пензионира. Роден е да твори постојано, тоа е неговиот порив, тоа го исполнува и го одржува во живот. Неопходно е за уметникот да твори. Во пензионерските денови би творел во мала куќарка со голема бавча, градина, рибник, животни. Трчкаат наоколу внучиња и викаат ,,Дедо, дедо“.
Театарот, а особено филмот, има неверојатна моќ да влијае на културата на живеење, но колку социјалните медиуми ја загрозија таа моќ? Дали ќе се соочиме со празни сали поради ФБ?
– Театарот опстојува со векови. Опстанал и во најтешките времиња кога бил забранет. Театарот секогаш се случува со причина во даден момент како критика на општеството. Уметноста генерално. Не можеш да ја забраниш/укинеш. Уметноста е секогаш тука да го ,,освести“ народот. Културата на живеење од типот на играње криенка, ластик, џамлии, брканица, камај итн. никогаш нема да се врати. Секое време си носи свои предности и мани. Можеби треба да помине време за да видиме дали е добро или лошо влијанието на социјалните медиуми. А влијанието е големо, последователно и опасноста е голема затоа што не може да се воспостави контрола. Дефинитивно нема да се соочиме со празни сали. Стендапите во Македонија се множат, кафулињата/салите се полни. Тоа е одличен показател дека знаеме да ја цениме културата и дека сме подготвени за нови искуства.
Забележувам дека не сте активни на социјалните медиуми, на што се должи тоа?
– Јас лично сметам дека тоа е губење време. Не велам дека не треба да се користат. Но, едноставно не се живее животот со очите во екранот. Човекот е роден за да се конектира со природата, а не со екранот. Едно е кога гледаш растенија на екран, друго е кога ќе ги помирисаш, допреш, вкусиш. Шумолењето на дрвјата и жуборот на потокот, пеењето на птиците, тоа се природните фреквенции кои пријатно делуваат на човековиот организам. Гушнете дрво, одете боси колку можете почесто. Екранот не ни бега. Најмногу се користи каде што царот оди пеш.
Како милувате да го поминувате своето слободно време? Која е вашата девиза за здрав и среќен живот?
– Сакам да сум во природа, да нема гужва. Река, езеро, планина… може. Многу е важно да имаш луѓе до тебе кои искрено те сакаат и кои те разбираат. Нивните критики можеби звучат лошо, но сигурно се најдобронамерни. Љубовта е онаа која го движи светот. Важно е да љубиме. Важно е да научиме да простуваме. Да пробаме да ги разбереме другите. Само така ќе сме подобри луѓе и заедно ќе придонесеме за благосостојба. Инаку, немам девиза. Нели ги укинаа одамна?!