Дамата на која не и се потребни крилја за да лета
Есмералда, Јулија, Китри, Рајмода, Маргарита, Црниот лебед, Белиот лебед, Клара, Ана Каренина, зад сите овие улоги стои, и тоа на прсти, нашата неприкосновена примабалерина Мирјана или Мими како што сите милуваме да ја нарекуваме, а таа сосема спонтано ни го дозволува тоа, бидејќи е приземна, топла, префинета и однадвор и одвнатре.
Ковид пандемијата поттикна голем застој во уметничкото и балетското творештво. Дали балетот заздрави од присилената стагнација?
Ковид пандемијата направи неопислива штета, но балетот и воопшто танцот како сценска уметност, која е пред се физичка и бара соодветни услови, го имаше најголемиот предизвик. Во балетот кога губиш година, губиш многу. Нашето тело треба да е во постојана форма и за нас беше премногу тоа што бевме лишени од простор и затворени дома, а ние сме научени нашите емоции и експресивност да ги искажуваме преку танц, допир и слобода на движење. Балетската професија бара јака психа дури и во „нормалните“ времиња, бидејќи ние секојдневно (поради тешката физичка работа) се соочуваме со стрес, повреди, жените прават паузи поради бременост, и некако принудната пауза беше вишок за нас, со оглед на тоа дека нашата кариера е релативно кратка на сцена. Затоа, секој од нас се бараше соодветен начин да остане креативен надвор од сцената и нашето секојдневие.
Што е со публиката, дали таа се врати во салата со оглед на целиот турбулентен период и поскапување?
Балетот отсекогаш имал своја публика, дури и за време на пандемијата. Иако во тој период редуцирана, сепак имаше луѓе кои не поддржуваа, доаѓаа на претстави, се трудеа да живеат нормално и беа во аудиториумот сакајќи бар на неколку часа да се опуштат во уметноста и да заборават на моменталната ситуација. Денес публиката е во полн состав, цената за балетските претстави отсекогаш била прифатлива за јавноста и за тие коишто го сакаат балетот. Затоа, нормално, некогаш повеќе, некогаш помалку имаме публика, во зависност од репертоарот и претставите кои сакаат да ги гледаат.
„Уметноста е таа што лекува, поместува граници и е важна за просперитетот на една држава“.
Како некој што живее за и од балетот, како лично ги поднесовте промените? Дали ви беше тешко што ви беше одземена сцената на одреден период?
Со оглед на тоа дека пред почетокот на пандемијата бевме многу активни, уморни и ја подготвувавме обновата на претставата „Жизела“, на почетокот почувствував олеснување бидејќи мислев дека е нешто што ќе помине брзо и нема потреба од паника. Го добив луксузот да одморам, да се посветам повеќе на семејството, да уживам во домот, во природата, но за мене како човек кој не може да остане непродуктивен подолго време, кој е научен да работи до истоштување на телот, стана многу тешко. Школувањето на две мали деца во дневната соба и претворањето на терасата во вежбална стана вистински предизвик и почнав да се гушам. Несоодветното вежбање, немањето проби и претстави, резултираше со анксиозност и „ковид тело“, со коешто не можев да се помирам и за коешто ми требаше подолг период да се изборам самата со себе. Единствената светла точка во тој период од аспект на професијата, беше поканата да учествувам во претставата „Идентитети“, претстава која беше направена за време на пандемијата, почитувајќи ги сите правила и наметнатото „ново нормално“ бесконтактно танцување и претстава со која Рисима Рисимкин го одбележа својот 30-годишен јубилеј на кореографско творештво. Работејќи со неа и со танчерите на „Скопје танцовиот театар“, јас успеав да се вратам во живот и да ја пронајдам силата да продолжам понатаму.
За консументите на балетот танцувањето делува лесно, но за да се постигне таа леснотија се потребни многу труд и дисциплина. Дали некогаш ве уморува таа перфекција со оглед на тоа што сте првенец? Дали некогаш сте посакале да бевте нешто друго, а не балерина?
За танцот да изгледа лесно на сцената потребни се многу години макотрпна работа, труд, големо вложување во себе и дисциплина. Да одговориш на статусот првенец е голем предизвик, не само од аспект на улогите кои ги толкуваш, туку и за тоа што претставуваш како уметник и која е твојата цел. Од една страна првите улоги се покомплексни од останатите, имаме голема одговорност на сцената, но и позади неа. Првите играчи оставаат дел од себе во театарот, тие претставуваат олицетворение, двигатели на уметноста и професијата, и се оние кои треба да ги инспирираат помладите генерации. Сето тоа понекогаш претставува голем товар за уметник кој потполно се вложува во тоа што го прави, но никогаш не би го заменила за нешто друго. Јас сум свесна дека нема вечно да останам на сцената и дека нашиот танцов век е краток. Можам да бидам што ќе посакам по завршувањето на мојата кариера, а тоа секако ќе биде поврзано со уметноста.
Кои се предностите, а кои се потешкотиите на вашата професија? Како е да се биде балерина, но и мајка истовремено?
Нема ништо поубаво од благородна и креативна работа. Нашата професија, иако една од најтешките, сепак е една од најубавите. Балетот е колаж на сите уметности во едно, тој нуди огромна можност за интерпретација, создавање и самоспознавање, а можноста за трансформација со огромниот дијапазон на движења и емоции за мене е незаменлив. Балерините кои се мајки за мене се херои, не дека јас сум една од нив, но можеби бидејќи имам искусено многу тешки периоди, многу непроспиени ноќи со близнаци кои беа многу болежливи како помали, трудот да го вратиш телото во некоја нормала, воедно да се помириш дека никогаш нема да биде исто како пред да родиш. А одговорноста е преголема, не можеш постојано да одиш на боледување, не можеш постојано да откажуваш претстави, а никому не му е битно како ти се чувствуваш кога си на сцена. Тешко е, посебно за првите балерини, но од друга страна семејството и децата се мојот мотив, мојот подвиг и инспирација кои ме прават посилна, поискусна и поради нив се чувствувам побогата и во животот и на сцената
На што работите во моментов? Дали можеме да очекуваме шаренолик и креативен репертоар оваа година?
Во моментов работиме на тековниот репертоар, имавме премиера на балетот „Пепелашка“ кој помина со воодушевување кај публиката од причина што не е секојдневен. Следно што е иинтересно е обновата на претставата „Заспаната убавица“ која е голем предизвик за сите нас и се надевам ќе помине поздравено од публиката. Новите проекти во голема мера зависат од годишниот буџет што го добива нашиот театар, но останатите претстави од репертоарот се играат редовно и публиката може да се информира за нив на страницата на Националната опера и балет.
„Балетот е колаж на сите уметности во едно“.
Голема е жртвата што една балерина ја дава за секоја улога, но колку нашето општество, институциите и публиката го вреднуваат овој труд? Има ли моменти кога се чувствувате посебно само затоа што сте балерина?
Да се биде дел од оваа елитна професија е голема чест само по себе, плус кога гледаш дека публиката, која е единствениот показател на нашето вложување, го вреднува тоа што е добро, тогаш тоа претставува дополнителен омтив. Ние работиме и сме во нивна служба, нашата цел е подигнување на балетската култура, свесноста и потребата од уметноста во едно општество. институциите се посебна работа, не секогаш наоѓаме разбирање за специфичноста на нашата професија, но ние сме креативни борци и постојано докажуваме дека уметноста е таа што лекува, поместува граници и е важна за просперитетот на една држава.
Која би била вашата препорака за сите оние кои размислуваат да станат балерини/балетани? Дали меѓу младите се уште има жесток интерес за оваа уметност како што имаше порано?
Иако отсекогаш сме биле дефицитани во поглед на машкиот кадар, никогаш не запрела желбата на малите деца да танцуваат. Можеби денес, повеќе од кога било има интерес кај младите девојчиња и нивните родители да почнат со балет од најмала возраст. Има многу балетски студија од кои некои се попрофесионални, некои не, кои се полни со талентирани деца, но важно е дека луѓето ја сфаќаат потребата од танц и колку балетот е важен за психофизичкиот развој на децата. Тој помага во правилното држење на телото, ја развива моториката, концентрацијата кај децата, помага во нивното осамостојување и полесно решавање на животните предизвици кај децата.
Кое е вашето омилено место во Скопје и надвор од него? Како изгледа еден совршено поминат ден за вас?
Јас не сум љубител на градот, не ги сакам метежот, нечистотијата, загадениот воздух, се чувствувам како да не можам да дишам во Скопје. Пораснава кај баба и дедо во село, пораснав со домашни продукти, природа и животни, и таму се чувствувам најсреќно. Да не морав да живеам во Скопје, ќе живеев на село. таму постојано има работа, се губиш во зеленилото, сите сетила работат пропорционално и мирот што го нуди природата не може да го понуди градот и брзиот живот. Затоа совршено поминат ден за мене е таму, далеку похармоничен, ослободен од стрес, гледајќи колку ресурсите што ни ги дава природата се важни за нашата егзистенција и за здравата психа.
Дали вашите деца покажуваат какви било уметнички афинитети и дали би ги поддржале да се занимаваат со уметност?
Предиспозиции имаат, уметноста ја сакаат, но самите не изразиле желба досега за нешто конкретно. Креативноста ја користат секојдневно во се што прават, љубопитни се и би ги поддржала да бидат што сакаат се додека тоа го прават со љубов и напорна работа, без разлика дали нивната иднина ќе биде поврзана со уметноста или не.
Која е вашата омилена балетска улога или можеби улога што ви го смени животот, и дали се уште имате идоли кои ви служат како инспирација?
Улога која уште на самиот почеток ме „претстави“ како драмска балерина беше претставата „Ромео и Јулија“ што ја одиграв на 19 години. Оттогаш, секогаш повеќе сум се пронаоѓала во балетите кои се драмски, во кои можам да ја покажам мојата моќ за трансформација и емоциите на ликовите кои ги толкувам. Засега претставата која ја обележа мојата досегашна кариера е „Ана Каренина“. Кореографот Лео Мујиќ ме виде во ликот на Ана и од мене го извади сето искуство користејќи ги моите танцови предиспозиции, кои помогнати од гимнастиката која ја вежбав како дете ми помогнаа за совладување на тешката артикулација која неговиот кореографски стил ја бараше.
Балерини на кои им се восхитувам има многу, но идолите ги имав како помлада. Сега искуствотот што го имам како зрела балерина бара од мене да се осврнам на работите на кои јас самата треба да работам, кои треба да ги усовршам или сопствените недостатоци да ги прикријам. Идеален танчер не постои, во тоа е поентата на уметноста, сите сме различни, сите имаме свој печат и секогаш треба да се стремиме кон сопствениот идеал.