Моќни гурмански двојки

Моќни гурмански двојки

Постои нутритивна теорија која вели дека здравата исхрана е синергија од најмалку две состојки кои меѓусебно се надополнуваат за да му достават доза здравје на организмот. Или со други зборови, за да извлечете максимум од храната што ја јадете, треба да научите како да ги комбинирате намирниците.

Месо со зелен додаток

Истражувањето на еден јапонски универзитет откри дека компонентите кои предизвикуваат канцерогени заболувања, се преполовуваат при консумација на 70 г магдонос со 150 г пржен лосос. Друго истражување ги истакнува сличните својства на рузмаринот кога се консумира во пар со месо подготвено на скара. Пржените и печените меса содржат состојки кои можат да произведат канцерогени компоненти. Фитохемикалиите во магдоносот и останатите зелени зачини имаат својство да ги неутрализираат овие токсични компоненти и да ги заштитат клетките од уништување, но учествуваат и во нивно разложување на нетоксични компоненти.

Морков со авокадо

Портокаловиот зеленчук е многу повеќе од само прилог кој треба да донесе свежина и боја на чинијата. За да го извлечете најдоброто од морковите, јадете ги заедно со авокадо. Според истражување на Државниот универзитет во Охајо, САД, ваквата комбинација ја зголемува апсорпцијата на компонентите на бетакаротенот и го зголемува нивниот удел во активната форма на витамин А – неопходен за здравјето на кожата, коските и очите. Истражувањето го споредува влијанието на оброк подготвен исклучиво од сирови моркови и истиот тој оброк во комбинација со авокадо. Резултатите покажуваат значителен удел во активирање на неактивните делови на витаминот А во организмот, како и зголемување на апсорпцијата на бетакаротенот (антиоксидант кој ги штити клетките од слободните радикали) за шестпати повеќе. Освен тоа, оваа комбинација четирикратно го зголемува внесот на алфа-каротенот кој се поврзува со животниот век.

Јатки и бобинки

Последните истражувања објавени во Annal Of Internal Medicine покажуваат дека високиот холестерол во 20-тите и 30-тите го зголемува ризикот од коронарна артериска болест за 44 %. Коронарната артериска болест доведува до срцев удар, а претставува затнување на коронарните артерии (одговорни да го хранат срцевиот мускул со кислород и хранливи материи) со наслаги на холестерол. Со соодветни промени во исхраната, може да дојде до ефективно намалување на нивото на холестерол. Прв избор на храна за заштита на срцето? Јатки и бобинки! Содржат комплементарни состојки – мононезаситените масти во јатките го намалуваат холестеролот во комбинација со флавоноидите од бобинките кои ја имаат истата функција врз холестеролот. Во оваа комбинација има уште магија! Истражувањето објавено во American Journal of Nutrition открива дека синергијата меѓу хранливите состојки во јатките и оние во бобинките, имаат супер ефекти врз здравјето на мозочните функции. Одлични за закуска во од!

Кељ со лимон

Ако имате навика да јадете кељ, прелијте го со малку свежо цеден лимон за да го појачате вкусот, но и нутритивниот профил. Комбинирајќи состојки богати со витамин Ц (како агруми) и состојки богати со железо (како темнозелен листен зеленчук) се зголемува способноста на телото да складира железо. Витаминот Ц го прави железото подостапно за останатите процеси во организмот. Железото е задолжено за создавање на црвени крвни зрнца, кои, пак, го транспортираат кислородот низ телото создавајќи енергија. Меѓу останатото, дефицитот на железо во крвта може да предизвика замор, вртоглавица и тешкотии при дишењето.