Направете сами

Направете сами

Креативни новогодишни украси за дома

Посакувате дополнителна празнична топлина и магија во домот, но плановите секојпат ви пропаѓаат бидејќи сте се увериле дека за тоа ви се потребни многу пари? За миг, вратете се назад во детството кога сами креиравте новогодишни украси. Денес можете да го сторите истото, особено што изборот на материјали за изработка е голем, плус нема да потрошите многу пари, а да не го споменуваме бесценетото време поминато со внуците правејќи нешто креативно. Во продолжение ви нудиме идеи за декорирање на домот со украси од едноставни материјали, но со голем ефект.

Новогодишни венци од природни материјали

Новогодишниот венец е класична декорација која можете сами да ја направите. Користете гранчиња од бор или елка, кои можете да ги соберете од вашата околина, и врзете ги со коноп или декоративни ленти. Додадете шишарки, сушени портокали, цимет стапчиња и мини сијалички за да добиете рустичен, но празничен изглед. Овој венец можете да го поставите на врата, на прозорец или како центар на масата.

Свеќници од тегли со зимски мотиви

Старите стаклени тегли лесно можете да ги претворите во празнични свеќници. Намачкајте го надворешниот дел со лепак и посипете го со шеќер за да добиете леден ефект. Поставете свеќа внатре и кога ќе ја запалите, светлото ќе создаде магична зимска атмосфера. Можете да ги декорирате теглите со црвено-бели ленти и шишарки за дополнителен ефект.

Мини елки од плетени конци

Со помош на дебел зелен конец или плетеница, можете да создадете минијатурни елки кои ќе изгледаат одлично како украси на маса, полица или камин. Намотајте го конопот околу хартија во форма на конус и лепете го на лице место. По сушењето, украсете ги мини елките со мали ѕвезди или перли за да добиете целосен празничен ефект.

Новогодишни свеќи со празничен декор

Новогодишните свеќи се одличен додаток за создавање топла и празнична атмосфера. Земете обична бела свеќа, со поголем обем, и обложете ја со стапчиња од цимет кои можете да ги залепите и да ги врзете со празнична лента или коноп. Ова не само што ќе изгледа убаво, туку и ќе додаде прекрасен празничен мирис на вашиот дом.

Најактуелни!

Украси од суво овошје

Тркалца сув портокал одлично стојат на новогодишна елка, како декор на маса во комбинација со листови од каранфилче и стапчиња од цимет, или како дополнување на венецот од природни материјали.

Најлесно е да користите цитрусно овошје, но ако се одлучите за круша или јаболко, пожелно е да ги потопите парчињата во раствор од вода и лимон за да не потемнат.
Исечете ги портокалите на тенки кругови, околу 5 мм дебелина. Наредете ги на плех обложен со хартија за печење и оставете ги да се сушат на ниска температура во рерна (околу 75°C) 2-3 часа. Важно е да ги вртите на секој час за да се исушат рамномерно. Откако ќе се исушат, со помош на игла и коноп, внимателно пробијте ги круговите и нанижете ги.

Како алтернатива за заштеда на енергија, можете да ги поставите парчињата над вклучен радијатор неколку часа или дури да ги оставите да се сушат на воздух, што би траело многу повеќе време и би барало сува атмосфера.