Нови херои за меморија

Нови херои за меморија

Билки кои го поддржуваат здравјето на мозокот

Голем број билки можат да помогнат во подобрување на здравјето на мозокот, билки како босилек, зелен чај, рузмарин, жалфија, кои најверојатно ги консумирате во облик на чај. Но, алтернативната медицина секојдневно открива нови потенцијали кај помалку познатите растенија во природата, па денес имаме нови херои за зачувување на здравјето на мозокот.

Некои од нив се проучувани за нивното влијание врз Алцхајмеровата болест, додека други се тестирани за нивното целокупно влијание врз когницијата, поточно менталната активност или процесот поврзан со размислување, разбирање, учење и помнење.

Гинко билоба

Гинко билоба е широко применуван лек во традиционалната кинеска медицина. Се смета дека гинко билоба може да помогне во подобрувањето на когнитивната функција преку стимулирање на циркулацијата и подобрување на протокот на крв во мозокот.
Иако истражувањата за гинко билоба даваат мешани резултати, постојат докази дека оваа билка може да ја подобри когнитивната функција кај луѓе со Алцхајмерова болест или со лесно когнитивно оштетување.

Преглед на истражувања објавен во списанието Journal of Alzheimer’s Disease во 2015 година, сугерира дека екстрактот од гинко билоба наречен EGb761 може да биде особено корисен во забавување на когнитивниот пад кај пациенти кои покрај когнитивно оштетување и деменција имаат и невропсихијатриски симптоми.
Во една студија, четиримесечен третман со гинко билоба покажал значително подобрување на когнитивните функции кај постарите возрасни лица.

Ашваганда

Ашваганда е адаптогена билка која помага во намалување на стресот и анксиозноста, што може да има позитивен ефект врз когнитивните функции. Исто така, има антиоксидантски својства кои го штитат мозокот од оксидативен стрес. Истражувањата покажуваат дека редовното консумирање ашваганда може да доведе до подобрување на меморијата и способноста за учење.

Во едно истражување од 2019 година, спроведено на 64 возрасни лица, откриено е дека употребата на ашваганда довела до значително намалување на анксиозноста и подобрување на општата благосостојба во текот на 60 дена.

Друга студија покажа дека учесниците кои редовно консумирале ашваганда имале подобрување на меморијата и когнитивните функции во текот на 8 недели.
Прелиминарните истражувања покажуваат дека ашвагандата го инхибира формирањето на бета-амилоидните плаки, наслаги од протеини кои се формираат во мозокот и се поврзани со развојот на Алцхајмеровата болест и со други невродегенеративни нарушувања.

Готу кола

Готу кола е билка која се користи во традиционалната медицина за подобрување на менталната јасност и на концентрацијата. Наодите од истражувања на животни сугерираат дека оваа билка може да му помогне на мозокот во борба против оксидативниот стрес. Во прелиминарна студија објавена во Clinical and Experimental Pharmacology & Physiology во 2003 година, тестовите на стаорци покажале дека готу колата може да го инхибира оксидативниот стрес поврзан со Алцхајмеровата болест и да ја подобри когнитивната функција.

Женшен

Женшенот е познат по своите адаптогени својства и способноста да ги зголеми енергијата и менталната фокусираност. Научните студии покажуваат дека женшенот може да помогне во подобрувањето на меморијата и на учењето, а исто така помага и во намалувањето на симптомите на стрес и на замор.

Бакопа

Бакопа е билка позната по своите способности да ги подобри памтењето и когнитивната функција. Истражувањата покажуваат дека редовната употреба на бакопа може да доведе до значително подобрување на меморијата, а исто така може да помогне во намалување на симптомите на анксиозност и на стрес. Во една студија, учесниците кои консумирале бакопа покажале значителни подобрувања во тестовите за памтење во текот на 12 недели. Бакопата содржи компоненти наречени бакозиди, кои во случај на оксидативен стрес во мозокот ја вршат улогата на невротрансмитери и не дозволувааат да дојде до пречки при протокот на информација.

Мелиса

Мелиса, позната и како лимонска трева, се користи за намалување на стресот и на анксиозноста, што може да помогне во подобрувањето на фокусот и на меморијата. Научните истражувања покажуваат дека мелиса може да има позитивно влијание на когнитивните функции, особено во однос на подобрувањето на краткотрајната меморија.

Радиола

Радиола е адаптогена билка која помага во подобрување на енергијата и на менталната острина. Има антиоксидантски својства и може да помогне во намалување на стресот и на заморот. Студиите покажуваат дека радиола може да доведе до значително подобрување на когнитивните функции и на меморијата кај поединци изложени на стрес.