Одгледување билки

Одгледување билки

Интересно хоби со бенефити за целото семејство

Замислете да можете да скинете две-три ливчиња свеж босилек, рузмарин, нане или која било друга билка за да ги зачините јадењата додека готвите? Дали би биле повкусни? Секако дека да! Дали би биле поздрави? Без сомневање! Да не го споменуваме шармот што ќе го добие кујната со сите тие свежи билки наоколу.

Интензивната арома што се чувствува со секое протресување на нежните ливчиња на билките, ги исполнува сетилата влевајќи необичен спокој, зарем не? Можеби оваа идеја ви звучи како одлично сценарио за некое кулинарско шоу, но ве уверуваме дека со малку труд можете да ја реализирате.

Искористете ги сите саксии или жардиниери што ги имате на располагање, а ако имате повеќе простор на балконот или имате двор, вклучете и градинарски кревет. Градинарскиот кревет, налик дрвена гајба, е дизајниран за одгледување растенија на мал простор. Покрај билки, можете да го искористите за да одгледувате ситен зеленчук и овошје како чили пиперчиња, шери домати, јагоди, капини и слично.

Светлината е најважна

Прво нешто што треба да земете предвид кога одгледувате билки во саксија или градинарски кревет е локацијата. Одберете место кое е изложено најмалку шест часа на сончева светлина во денот, бидејќи на повеќето билки им е потребно сонце во континуитет за да напредуваат. Ако не располагате со таков простор, одгледувајте билки кои толерираат делумна сенка како нане, магдонос и коријандер.

Кои билки најмногу успеваат?

Изборот на билките што ќе успеат да напредуваат на мал простор е ограничен, но не разочарувајте се при првиот неуспех. Најбараните билки како босилек, мајчина душица, оригано, рузмарин, власец, се најлесни за одгледување поради тоа што бараат минимално одржување.
Задолжително обидете се да ги одгледувате оние билки без кои ниту еден ваш оброк не смее да помине, како магдонос, цилантро, копар и различни видови нане.

Квалитетна почва подразбира квалитетни билки

Секогаш кога садите билки погрижете се да користите висококвалитетна, готова мешавина за саксии. На овој начин ќе ги снабдите билките со сите потребните хранливи материи и ќе им обезбедите дренажа за да растат најдобро што можат. Обренете внимание на распоредот на семето, бидејќи ако коренчињата се пренатрупаат и се збиени едно до друго, билките нема да напредуваат.

Чувајте ги наводнети

Билките бараат редовно наводнување, особено за време на летниот период. Но, сепак бидете внимателни да не ставате премногу вода и да поттикнете гниење на коренот. Штом горниот сантиметар од почвата се исуши, време е да ги напоите билките со вода. Ќе си олесните доколку засадите билки кои имаат слични потреби, инаку ќе ви биде потребно повеќе труд да ги контролирате.

Оплодување

Билките имаат корист од редовно оплодување бидејќи тоа им помага да станат силни и здрави. За да им го овозможите тоа неопходно е да ги наѓубрите.
Можете да користите балансирано ѓубриво растворливо во вода или органско ѓубриво со бавно ослободување за да ги обезбедите билките со потребните хранливи материи. Можете, исто така, да користите компост или старо ѓубриво како органска алтернатива.

Заштитете ги од бубачки

Контролата на штетници и болести е многу важен аспект на одгледување билки. Со редовна проверка на билките и какви било знаци на штетници или болести како што се пожолтување на лисјата или венеење, ќе успеете да го спречите проблемот пред да стане сериозен.
Ако редовно ги собирате билките, ќе поттикнете нов раст и ќе спречите можна пренатрупаност во саксијата. За да го направите ова успешно, едноставно исечете ги листовите или стеблата со ножици или остар нож. Можете, исто така, да ги штипнете врвовите на растението за да го поттикнете растечкиот раст.