Орторексија

Орторексија

Кога обидот за здрава исхрана преминува во себеуништување

Храната не е само извор на хранливи материи за вашиот организам, туку незаменлив ритуал што ги зближува колегите, пријателите, семејството.

Храната дава енергија, го одржува здравјето и лекува, додека мноштвото вкусови развеселуваат, смируваат и пружаат утеха во тешките денови.

Но, храната може да биде опасна и штетна за физичкото и менталното здравје доколку развиете погрешен однос со неа.

Во тој ризичен однос не спаѓа само честото јадење во прекумерни количини или претераното консумирање нездрави намирници, туку спаѓа и претераната опседнатост со здрава и чиста храна.

Терминот за ваквата опсесија гласи орторексија (orthorexia nervosa) и претставува нарушување во исхраната кое може да биде опасно.

Како луѓето развиваат опсесија со здрава храна?

Поттикнати од желбата да ја намалат својата прекумерна телесна тежина или да го подобрат своето здравје, луѓето почнуваат да го менуваат начинот на кој се хранат. На почеток, тоа обично подразбира исфрлување на храната богата со масти и шеќери. Но, како минува времето, поединици почнуваат да ја зголемуваат листата на забранети намирници додавајќи ги емулгаторите, адитивите, вештачките бои и низа други додатоци.

Опсесијата продолжува со активно планирање на секој оброк и строга селекција на одбраните продукти и оди дотаму што се јавува силно чувство на вина во случај да се внесе нешто забрането.

Луѓето опседнати со здрава храна се штетни за околината!

Индивидуата која страда од орторексија е толку многу заслепена во своите убедувања, што таа дури се однесува супериорно во однос на луѓето кои имаат нормален или опуштен однос со храната.

Таа индивидуа станува напорна и токсична за луѓето околу себе, бидејќи во секој момент се обидува и на другите да им го наметне својот став околу исхраната.

На долг рок, ваквото однесување води до разнишување на социјалните врски и односи. Неразумното контролирање на послужената порција храна едноставно ги оддалечува луѓето.

Однесувања кои укажуваат на орторексија
  • Толку многу се грижите за квалитетот и потеклото на храната што станувате анксиозни.
  • Избегнувате да јадете надвор или некој друг да ви го подготви оброкот од страв дека изборот на намирници нема да ги задоволи вашите стандарди.
  • Стравувате колку навистина храната е чиста и безбедна и дали може некако да ви го загрози здравјето.

  • Вашето тело сигнализира дека имате недостиг на одредени хранливи материи, па намалувате на тежина, немате енергија и имате чести вртоглавици.
  • Трошите премногу време истражувајќи ја храната. Во ред е да потрошите неколку минути за да го проверите рокот на производот и состојките што ги содржи. Но, во случај на орторексија, вие ќе поминувате часови во истражување и планирање на оброците.
  • Одбивате да јадете цели категории храна, не затоа што не ви се вкусни или му пречат на стомакот, туку затоа што сте се увериле дека се нездрави.
  • Стравувате да не изгубите контрола и да каснете нешто забрането, макар и еден залак.
  • Премногу сте критични во однос на начинот на кој се исхрануваат луѓето околу вас, иако немате рационално објаснување за вашиот начин на исхрана.
  • Вашата преокупација со храна ве тера помалку да се сакате себеси и почесто да се обвинувате, а тоа секогаш резултира со плус рестриктивни мерки во однос на тоа што не смеете да консумирате.
Дијагнозата препуштете му ја на здравствениот работник!

Само доктор или нутриционист е соодветен да дијагностицира орторексија и да укаже соодветна помош. Поради емотивниот карактер на оваа состојба, на луѓето кои страдаат од орторексија им се препорачува и посета на психијатар.