Ова се најдобрите звуци за заспивање

Ова се најдобрите звуци за заспивање

Белите звуци не се единствената опција

2:00 часот по полноќ, а вие сè уште не можете да заспиете? Пробавте сè, од броење овци до читање книга, но мозокот едноставно не се исклучува? Ноќната борба ве исцрпува толку многу што наредниот ден не можете да се соземете од умор.

А сте пробале ли со бели звуци да го смирите мозокот и да го поттикнете телото да се опушти? Тоа се оние пријатни мелодии кои треба да ви донесат чувство на мир и спокој, и чие редовно репродуцирање навечер може да испрати сигнал до вашето тело дека е време да се смирите, помагајќи ви да изградите здрави навики на спиење со текот на времето.
Интересно е тоа што звуците со ваква намена не се само бели, туку ги има во розова, кафена, виолетова и неколку други бои. Но, која боја на бучава ќе ви помогне да престанете да се превртувате во кревет по цела ноќ?

Според студија на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, повеќе од 14 % од возрасните имаат проблем со заспивањето, додека околу 30 % имаат симптоми на несоница. Стресот, здравствените проблеми или непријатната околина (како што е бучавата од градот, задушливата соба, неудобниот душек) можат да ја влошат оваа ноќна борба.
Звуците за спиење се ритмични и смирувачки, и помагаат да се прикријат вознемирувачките звуци (трескање врати, гласен сообраќај, сирени, галама од луѓе) што можат да ве разбудат.

Белата бучава е најпозната по своето дејство за подобрување на квалитетот на спиењето, особено за оние кои живеат во бучни средини. Таа го користи целиот опсег на звучни фреквенции, создавајќи постојан звук кој ги прикрива несаканите звуци. Ова може да биде идеално решение ако ве буди сопственото рчење и она на партнерот, или ако живеете блиску до автопат или пруга. Но, некои луѓе ја сметаат за малку прегласна и груба. Белата бучава може да имитира звуци како брмчење на фрижидер или климатизер, шушкање на радијатор или звук на вентилатор. Ако немате наменски апарат за бела бучава, обидете се со аспираторот во кујна.

Кафената бучава, во споредба со белата, има подлабок и попријатен тон. Таа ги нема високите фреквенции, а звучи како далечен гром или шум на морски бранови. За разлика од белата, кафената бучава има попријатни и природни звуци, што ја прави попогодна за релаксација. Некои корисници со ADHD тврдат дека кафената бучава им помага да се фокусираат и да го смират својот ум.

Розовата бучава има слични карактеристики како белата, но со помалку остри високофреквентни звуци. Тоа ја прави послаба и поприродна, што ја прави добар избор за оние кои сакаат посмирен звук, како шум на дожд или ветер. Розовата бучава, како што покажала студија од 2017 година, може дури да го подобри квалитетот на спиењето, особено кај постарите луѓе.

Виолетова бучава

Спротивно на кафената бучава, виолетовата бучава ги нагласува повисоките фреквенции, што ја прави помалку идеална за спиење. Интересно, понекогаш се користи за помош при третман на тинитус (шум во ушите).

Сива бучава

Често користена во јогата и во медитацијата, сивата бучава ги нагласува и повисоките и пониските фреквенции. За разлика од белата бучава, сивата бучава ги содржи сите фреквенции со еднаква јачина, додека белата бучава ги содржи сите фреквенции со еднаква енергија, што обезбедува различно искуство при слушање.

Која е најдобра за да заспиете и да имате цврст сон?

На крајот, изборот на боја на бучавата зависи од личните преференции. Не постои универзално решение, бидејќи секој човек различно реагира на звуците. Белата бучава често се користи за блокирање на надворешните звуци и за подобрување на квалитетот на спиењето, особено во бучни градови. Розовата и кафената бучава, пак, се поприродни и поповолни за оние кои сакаат помек и подолгорочен ефект.
Најважно е да изберете тип на бучава што ви е најсмирувачка, а тоа ќе го дознаете ако пробате да заспиете со секоја од нив.