Овие празници, подарувајте несебично

Овие празници, подарувајте несебично

Само така ќе бидете здрави и среќни!

Празничниот шопинг е застрашувачки за вашиот паричник, но и за вашите нерви? Да ги изненадите блиските со ограничен буџет не е лесна задача? Но, истражувањата велат дека ангажманот ќе ви се исплати. Новите студии потврдуваат дека подарувањето не носи придобивки само за примателите, туку придонесува за подобро здравје и среќа на оние што подаруваат. Плус, чинот на подарување води до зајакнување на целата заедница.

Се разбира, ова нималку не значи дека мора да потрошите цело богатство за да уживате во придобивките од подарувањето. Истражувањата велат дека истите придобивки доаѓаат и од донирање во добротворни организации или волонтирање во народна кујна, дом за деца без родители и сл.

Давањето нè прави среќни. Студијата од 2008 година на професорот од „Харвард“, Мајкл Нортон, и неговите колеги, открила дека давањето пари на некој друг ја зголемува среќата на луѓето повеќе отколку трошењето на самите себе (иако учесниците предвидувале дека трошењето на себе ќе ги направи посреќни). Експертот за среќа, Соња Љубомирски, професорка по психологија на Универзитетот во Калифорнија, „Риверсајд“, постигнала слични резултати кога побарала од учесниците да извршат пет акти на добрина секоја недела, во период од шест недели.

Овие добри чувства се рефлектираат во нашата биологија. Во студија од 2006 година, Џорџ Мол и неговите колеги од Националниот институт за здравство откриле дека кога луѓето донираат во добротворни организации, тоа активира области на мозокот поврзани со задоволство, социјална поврзаност и доверба. Научниците, исто така, веруваат дека алтруистичкото однесување ослободува ендорфини во мозокот, предизвикувајќи позитивни чувства.

Давањето е добро за здравјето.

Широк спектар истражувања ги поврзуваат различните форми на великодушност со подобрено здравје, дури и кај болните и кај постарите лица. Во својата книга Зошто добри работи им се случуваат на добрите луѓе Стивен Пост, универзитетски професор по превентивна медицина, тврди дека подарувањето има придобивки и за луѓето со хронични болести, вклучувајќи ХИВ и мултиплекс склероза.

Студија од 1999 година, предводена од Даг Оман од Универзитетот во Калифорнија, „Беркли“, открила дека постарите лица кои волонтирале во две или повеќе организации имале 44 % помала веројатност да умрат (во период од 5 години) во споредба со оние кои не волонтирале, и покрај тоа што нивните навики за вежбање, општото здравје и негативните здравствени навики како пушење, биле строго контролирани. Стефани Браун од Универзитетот во Мичиген, добила слични резултати во студија од 2003 година за постари парови.

аа и нејзините колеги откриле дека оние кои пружале практична помош на пријатели, роднини или соседи, или давале емоционална поддршка на своите сопружници, имале помал ризик од смрт во петгодишен период отколку оние кои не го правеле тоа. Интересно е дека примањето помош не било поврзано со намален ризик од смрт.

Истражувачите сугерираат дека една од причините зошто давањето може да ги подобри физичкото здравје и долговечноста е тоа што помага да се намали стресот кој е причина за различни здравствени проблеми. Во студија од 2006 година на Рејчел Пифери од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ и Катлин Лоулер од Универзитетот во Тенеси, луѓето кои пружале социјална поддршка на другите, имале понизок крвен притисок од оние кои не го правеле тоа, што сугерира на директна физиолошка корист за оние што се вложуваат себеси во име на другите.

Давањето ја зајакнува социјалната поврзаност.

Кога давате, поверојатно е дека ќе добиете нешто за возврат. Неколку студии, вклучувајќи ја и работата на социолозите Брент Симпсон и Роб Вилер, велат дека кога давате на другите, вашата великодушност веројатно ќе биде наградена подоцна – понекогаш од личноста на која сте дале, понекогаш од некој друг.

Овие разменувања промовираат чувство на доверба и соработка, што ги зајакнува нашите врски со другите, а истражувањата покажале дека позитивните социјални интеракции се клучни за добро ментално и физичко здравје.

Pokloni za nova godina

Давањето поттикнува чувство на благодарност.

Без разлика дали давате или примате подарок, услуга, внимание, поддршка, тој дар секако ќе предизвика чувство на благодарност. Може да биде начин на изразување благодарност од страна на давателот или, пак, може да всади чувство на благодарност кај примателот. Истражувањата покажале дека благодарноста е составен дел од среќата, здравјето и социјалните врски. Негувањето на чувството на благодарност води до оптимистички начин на живот. Една понова студија, предводена од Натаниел Ламберт од Универзитетот на Флорида, открила дека изразувањето благодарност на близок пријател или партнер ја зајакнува поврзаноста со таа личност.

Барбара Фредриксон, пионер во истражувањето на среќата, советува дека негувaњето благодарност во секојдневниот живот е клуч за зголемување на личната среќа. „Кога ја изразувате својата благодарност со зборови или дела, не само што ја засилувате вашата сопствена позитивност, туку и позитивноста на другите“, вели таа. „Патем, ја засилувате нивната добрина и ја зајакнувате вашата врска еден со друг.“

Давањето е заразно.

Кога даваме, не помагаме само на непосредниот примател на нашиот подарок. Исто така, поттикнуваме брановиден ефект на великодушност во нашата заедница.

Истражувањето на Џејмс Фаулер од Универзитетот на Калифорнија, „Сан Диего“, и Николас Кристакис од „Харвард“, објавено во Proceedings of the National Academy of Science, покажува дека кога една личност се однесува великодушно, таа ги инспирира луѓето во својата околина и тие да се однесуваат великодушно кон други луѓе. Всушност, истражувачите откриле дека алтруизмот може да се прошири преку три степени – од личност на личност, па на личност, па на личност. Како резултат на тоа, секоја личност во мрежата може да влијае на десетици, па дури и на стотици незнајни луѓе.

Давањето, исто така, е поврзано со ослободување на окситоцин, хормон кој предизвикува чувства на топлина, еуфорија и поврзаност со другите. Лабораториските истражувања покажуваат дека доза окситоцин ги поттикнува великодушноста и емпатијата кај луѓето, а таквите „симптоми“ траат и до два часа.
Затоа, без разлика дали купувате подароци, волонтирате или донирате пари во добротворни цели оваа празнична сезона, вашето давање е многу повеќе од обврска на крајот од годината. Може да ви помогне да изградите посилни социјални врски и дури да предизвикате лавина на великодушност во вашата заедница. И не бидете изненадени ако во процесот почувствувате голема доза среќа.