Никој не сака да биде „црна овца“ во општеството, но кога станува збор за кариерата, токму тука лежи прогресот.
„Парадокс на црната овца“ е движење кое зема замав во светот на бизнисот и кое пропагира дека поединецот може да постигне успех само ако одолее на искушението да го следи стадото.
Во 1951 година, Соломон Аш, социјален психолог од Полска, се впуштил во мисија да ја разбере човечката желба за припадност во толпа.
Во својата прва студија на колеџот „Свартмор“, тој собрал неколку групи од 8 млади мажи на кои им претставил едноставна слика – сликата прикажувала 3 линии со различна должина.
Потоа тој ги прашувал учесниците која линија е најдолга. Лесно, нели?
Интересно е тоа што 7 од мажите во секоја од групите биле актери, кои намерно и самоуверено давале погрешен одговор. Кога дошло време за клучниот испитаник да одговори на прашањето, Соломон Аш дошол до запрепастувачко откритие: и покрај тоа што го знаеле точниот одговор, вистинските испитаници одговориле погрешно само за да се усогласат со групата.
Во текот на неколку повторувања на студијата, Аш открил дека неверојатни 75 % од учесниците се усогласиле со толпата барем еднаш.
Експериментот на Аш е поучна метафора за животот: Независното размислување е критичка вештина поставена во средина која е сè побучна и полна со дезинформации.
Следењето на стадото дава чувство на безбедност, но често ве доведува до опасност. Затоа, мора да развиете специфични вештини за да се истакнете.
За да постигнете успех – било да е тоа како инвеститор, претприемач, писател, интелектуалец, уметник или кое било креативно поле – мора да се спротивставите на искушението да се усогласувате со другите.
Постојаното одење со толпата, во најдобар случај, ќе резултира со просечни резултати. Но, и целосното спротивставување на толпата може да биде опасно, затоа важен е балансот.
Успехот вообичаено е резултат на некаква противречност: Подготвеност да се биде отфрлен, па дури и исмејуван на краток рок, со цел да се создаде потребната платформа на која ќе се успее на долг рок.
Низ историјата, некои од најуспешните поединци, компании и технологии започнале како „црни овци“. Тие биле аутсајдери омразени од широката маса кои постигнале извонреден успех години подоцна.
Што е она што го прави поединецот „црна овца“? Неговата вродена способност да го игнорира туѓото мислење и очекување, а тоа му дава потпора за развој на идеи за кои другите не се осмелуваат.
Но, и оние кои поседуваат силен фокус имаат потенцијал да станат „црни овци“. Кога Ворен Бафет и Бил Гејтс првпат се сретнале на вечера, ги прашале кој фактор бил најважен во нивниот успех. И двајцата одговориле: „ФОКУСОТ!“
Дури и ако не сте родени со биогенетски состав на „црна овца“, постојат неколку едноставни практики кои можат да ви помогнат да станете независен кројач на својата мисла, а тие се: длабоко учење, разновидно учење и пишување.
Длабокото учење подразбира избор на тема поврзана со професијата, длабинско истражување на сите нејзини аспекти и следење на сите новости поврзани со неа. Со развивање на длабока експертиза за една тема, вие стекнувате предност во однос на конкурентите и го олеснувате процесот на носење одлуки.
Различното учење вклучува следење на тема надвор од вашето професионално поле. Експертизата ве прави кратковиди: станувате замолчени во вашата професионална средина и стагнирате во вашето разбирање на светот. Но, со учење нешто ново, хоризонтите ви се прошируваат, а со тоа го продлабочувате независното резонирање.
Пишувањето е наједноставната алатка што ја имате во арсеналот. Пишувањето ќе ви помогне да согледате колку вистински ги разбирате нештата. Преку пишувањето ќе го видите светот појасно, тоа е затоа што пишувањето има смешен начин да му дозволи на вашиот ум да талка во она во кое навистина верува.
По децении проучување на човечкото однесување, Соломон Аш заклучил дека е многу тешко да се остане независен.
„Притисокот да се усогласиме е толку силен што често сме подготвени да ги потиснеме нашите сопствени перцепции и проценки за да добиеме прифаќање и одобрување од другите“, вели тој.
И затоа е толку важно да ја отелотворите улогата на „црната овца“, бидејќи само така ќе ви биде удобно во вашата различност!