Полноќни закуски

Полноќни закуски

Како заоѓа сонцето така ви расте апетитот? Истражувањата покажуваат дека доцните оброци не се добра идеја!

Нема нешто повкусно од чаша сладолед или малку чипс после полноќ, се согласувате? Колку е тоа здраво, тоа е друга приказна. Истражувањето на Универзитетот во Пенсилванија открива не толку нови вести – ако сакате да одржите здрава телесна тежина, да не се чувствувате подуено и да ги одржувате холестеролот и шеќерот во крвта во нормала, треба да се откажете од буричкањето во ладилникот во доцните часови.

Во текот на 8 недели, истражувачите ангажирале група возрасни луѓе да внесуваат три оброци и две закуски во период од 8:00 часот наутро до 19:00 часот попладне (фаза на дневно јадење). Во следните 8 недели, истите испитаници ги внесувале истите оброци, но овој пат малку подоцна во денот, меѓу пладне и 23:00 часот (фаза на оддложено јадење).
Износот на внесени калории, физичката активност, па дури и времето поминато во спиење во текот на ноќта било контролирано и останало исто. Ниту една друга варијабла не се променила, освен периодот на јадење во текот на денот. Што се случило?

Резултатите покажале дека кога испитаниците се придржувале до режимот на фазата на одложено јадење, не само што добиле вишок килограми, туку им се покачиле и нивоата на холестерол, триглицериди (го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања) и глукоза (маркер за ризик од дијабетес).

Истражувањето исто така покажало дека во текот на фазата на дневно јадење, одредени хормони како грелинот (хормон на глад) и лептинот (хормон кој воспоставува енергетска хомеостаза) имаат тенденција да реагираат порано или подоцна од вообичаеното, што укажува на тоа дека раните оброци имаат тенденција да направат да се чувствувате посити подолго време.

Но, да бидеме реални, раните оброци не функционираат за секого. За некои луѓе вечерата е најприфатливо време за обилен оброк, додека за други, обврските во денот наложуваат најобилниот оброк да биде во 15:00 часот.

Друго истражување покажува дека испитаниците кои главниот оброк го внесуваат за време на ручекот (меѓу 12:00 и 14:00 часот) можат да загубат повеќе килограми од оние кои јадат после 15:00 часот попладне.

Трендовите во исхраната се менуваат побрзо од модните, но едно е сигурно, секое опсесивно следење на правилата води до создавање нездрав однос со храната. Штом тој однос попушти, здравјето е прво на удар, а килограмите се враќаат како бумеранг.

Доцната резервација за вечера и сочниот хамбургер што го собравте по пат накај дома, не се комплетна саботажа на неделата во која бевте дисциплинирани и јадевте салати и здрава храна. Најважно е да се трудите ваквите гревови да бидат исклучок, а не навика, и ќе останете безбедни.

ДОЗВОЛЕНИ ЗАКУСКИ ЗА НОЌНИТЕ ПТИЦИ

25 г овесни снегулки со 200 мл обезмастено млеко.
Нутритивен профил: 153 калории, 10 г протеини, 25 г јаглехидрати.

30 г протеин од сурутка растворен во 250 мл млеко од бадем.
Нутритивен профил: 141 калорија, 20 г протеини, 2 г јаглехидрати.

100 г грчки јогурт без масти и 100 г шумско овошје.
Нутритивен профил: 100 калории, 10 г протеини, 9 г јаглехидрати.