Дамата што го врати готвењето во мода
Ако недостигот на време е вашиот изговор што ја избегнувате кујната, тука е Сања Савеска да ве убеди дека за помалку од половина час можете да зготвите се што ќе замислите.
„Среќна сум што растев во функционално и здраво семејство, тоа за мене е вистинско богатство. Насмевката не значи дека некој има лесен живот, напротив, запознав луѓе кои не биле милувани од судбината, но останале силни. И токму тие приказни ми се мотив во животот.“
„Ведрото и насмеано лице е секогаш убаво, додека напнатоста знае да направи и најубавата жена во тој момент да изгледа помалку привлечно“.
Природна и топла, водителката на кулинарското шоу „Брза Кујна“ заедно со шефовите Никола Мишковски и Бобан Симоновски, секојдневно не потсетува на магијата на готвењето, на моќта на вкусовите да ги зближуваат луѓето и да го соберат семејството на заедничка трпеза.
После напорниот и стресен ден, заедничкиот ручек во друштво на Сања стана ритуал за многу семејства во Македонија. шоуто руши рекорди на гледаност, домаќинките се благодарни што постојано имаат одговор на прашањето: „Што да зготвам утре за ручек?“, многумина се мотивирани да застанат зад шпоретот, а сигурно има и такви кои се привилегирани само да дегустираат.
Како животот ве одведе пред ТВ-екраните, дали отсекогаш посакувавте јавна професија?
Детската игра многу често може да ги покаже афинитетите на децата. Низ игра може да се открие и професионалната определба во иднина. Така барем беше кај мене. Уште од најмала возраст мојата игра беше поврзана со анимирање на најблиските, читање на ТВ-програмата (нешто што во минатото со нетрпение го очекувавме на екраните).
Сакав да најавувам, да имитирам и играм пред публика. И сето тоа се провлекуваше низ моето образование. Секогаш бев дел од секциите во кои се подготвуваа приредби, од подготовките на училишниот весник, водев настани кои се организираа… За во средно училиште да започнам со свои радиоемисии.
Првите чекори во телевизијата ми беа поврзани со надсинхронизација на цртани филмови во тогашната А1 телевизија, каде што извесен период водев и интерактивен квиз.
Што значи дека оваа работа ми е всадена во срцето.
Што е она што ве мотивира секогаш со насмевка да појдете на работа?
Гледачите. Публиката која секојдневно нѐ поддржува. Да се работи во медиум значи да се дава дел од себе за оние од другата страна на екраните. Ние сме на ТВ поради гледачите, тие може да одберат кого ќе гледаат. А за да ве гледа некој, треба да му изнудите насмевка и убаво расположение. Публиката е искрена и брзо препознава енергија. А токму таа енергија, која јас ја чуствувам од гледачите, но и од колегите, ми изнудува насмевка со која одам на работа.
Динамичната, постресна атмосфера во „Македонија денес“ ја заменивте со „Брза кујна“ – иако двете професии се одвиваат пред публика, доста се разликуваат. Дали водителството повеќе ве исполнува од новинарството?
Искрено, не би можела да направам дистинкција. Подеднакво има убавина и во новинарството, колку и да е постресно, неизвесно, често и исцрпувачко. Има убавина и во пренесувањето на информациите, во разговорите од сите сфери во општеството, откривањето новитети. Но, промените се секогаш добредојдени. Потајно секогаш посакував работа од овој тип –шоу емисија со огромна публика. Работа со голем тим професионалци. Па така, денот кога ја добив поканата за „Брза Кујна“ е еден од посреќните во мојата кариера. Момент кога се исполни еден мој сон. Од оваа перспектива можам да кажам дека водителството ме исполнува и вистински уживам во работата.
Постојано сте во контакт со луѓе, а луѓето честопати се лекции во движење. Па, дали професијата ве научи на нешто, дали е поттик во вашиот живот и дали можеби нешто ви одзема?
Секој човек е приказна за себе. Секое ново познанство ни носи ново искуство. Запознав и запознавам постојано прекрасни личности. Научив дека најуспешните луѓе се и најскромни. Насмевката не значи дека некој има лесен живот, напротив, запознав луѓе кои не биле милувани од судбината, но останале силни. И токму тие приказни ми се мотив во животот. Не мора сè да биде како сме замислиле, некогаш Бог има други планови за нас и затоа треба да останеме силни.
Дали повеќе се соочувате со позитивни или негативни коментари? Како излегувате накрај со вторите, особено кога не се издржани?
Јавната професија подразбира понекогаш и јавен линч, а ние сме поднебје каде што се чини луѓето се често среќни кога ќе напишат нешто лошо за некој што не го познаваат. Но, тоа само позади тастатурата. Никој нема да дојде и да ти каже в лице ти си ваква, таква, никаква. На социјалните мрежи тоа се чини е во подем. И ме загрижува, често зборувам за тоа, дека погрдни коментари доаѓаат од повозрасната популација, а токму тие треба да ги едуцираат младите на емпатија, почитување и пристојност.
За среќа, јас досега не сум имала наплив на негативни коментари, по некои одвреме-навреме, но тоа е безболно. Сепак, читам на што сè се подготвени читателите и тоа не ми се допаѓа воопшто, посакувам да сеат повеќе љубов.
Јас ја почитувам својата публика, а досега и тие мене, и верувам така ќе остане.
Покрај водителството, дали можеби имате некоја втора професија, љубов или хоби што го практикувате?
Целосно сум посветена на професијата и максимално се вложувам во тоа што го работам. Завршив политички студии, но тоа никогаш не стана моја професија.
Кога е топло времето сакам многу да пешачам, а кога е студено да читам книги и да бидам во опкружување на најблиските. Ништо не може да ме направи позадоволна и посреќна од времето поминато со саканите.
Како стоевте со готвењето пред „Брза кујна“, а како денес? Дали лекциите по готвење што ги следите на лице место се наоѓаат на менито дома?
Знаев да готвам и да уживам во кујната уште од средно училиште. Моите нѐ научија, мене и брат ми, да работиме буквално сè и бескрајно сум благодарна што нѐ воспитувале во таа насока. Сега имам уште повеќе можности да стекнувам нови знаења и секојдневно учам од најдобрите шефови, Никола Мишковски и Бобан Симоновски.
Кој ви е омилен рецепт што го дознавте во кулинарското шоу и што милувате да јадете?
Пилешки крилца со мед и сусам! Дефинитивно нешто што од прва морав да го пробам и стана мој омилен начин на подготовка на крилца. Инаку сум гурман, сакам од сè да пробам, но по малку, повеќе од љубопитност. Најчесто јадам ориз со пилешко, со зеленчук, а сакам и тестенини, омилени ми се во доматен сос со босилек. И секако, многу сакам колачи и торти.
Дали можеби имате посебен режим на исхрана со оглед на вашата фит форма?
Немам некој посебен режим, како што споменав во претходниот одговор, јадам од сè по малку, не јадам многу количински. А кога сакам да симнам некој килограм, целосно отфрлам брашно и шеќер од исхраната, но имам одлични заменски рецепти за здрави оброци, како и за торти и колачи со природни шеќери, па не ми е тешко да издржам.
Она што фасцинира кај вас е ведрината, свежината и насмевката на вашето лице, а сепак сетоа тоа е спакувано во една сосема природна форма, што е навистина реткост во ера на филери и ботокс. Па, морам да прашам, како се негувате? Дали можеби имате некој посебен ритуал за убавина што би ги споделиле?
Ви благодарам за позитивниот коментар и впечаток. Насмевката е нешто што природно доаѓа кога работите со љубов и кога сте исполнети однатре. И многу е важно да ја негуваме уште повеќе, затоа што ведрото и насмеано лице е секогаш убаво, додека напнатоста знае да направи и најубавата жена во тој момент да изгледа помалку привлечно.
Посебен ритуал немам, освен што никогаш не си легнувам без да го исчистам темелно лицето, и кога немам потреба не користам шминка.
Кој е вашиот став во однос на естетските корекции, дали како јавна личност чуствувате притисок за тоа како изгледате и дали би коригирале нешто кај себе?
Сѐ додека е умерено е прифатливо. Тоа е мојот став. Не би била искрена кога би рекла дека не постои притисок и дека сум рамнодушна кон видливите промени кои настапуваат со годините. Но, тоа е сепак природен процес, кој можеме со помош на козметика и третмани да го запреме за кратко. Според мене, проблемот е само кога ќе се изгуби контролата над интервенциите, па се губи и природниот изглед. Не би менувала ништо на себе, освен што посакувам подобра еластичност на кожата.
Како изгледаа вашето детство и младост? Како некој што искусил живот без паметни уреди и социјални медиуми, и живот со преголема присутност на истите, како наоѓате баланс меѓу двете?
Детство какво што посакувам и за денешните деца. Немавме многу, живеевме скромно, но детството го поминав со многу љубов и време поминато со родителите. Среќна сум што растев во функционално и здраво семејство, тоа за мене е вистинско богатство.
Детската безгрижна игра нè собираше сите заедно надвор, испотени, извалкани, се враќавме среќни дома. Сосема поразлично од денешните деца. Но, на денешните деца им е чудно како ние сме растеле без паметни телефони.
Веројатно секој ќе каже дека времето кога тие биле деца и млади било најдобро, и никој нема да погреши, бидејќи секоја генерација расте различно, со нови трендови и можности, па секој во својот период на раст и развој е најсреќен.
Како наоѓам баланс? Се трудам кога сум во друштво што помалку да користам социјални медиуми и да уживам во актуелниот миг. Отсекогаш сум сакала фотографија, па единствено тоа можеби не можам да го контролирам, да сликам наоколу и да го преполнувам телефонот со фотографии.
Што најмногу ви недостасува од минатото?
Меѓусебната поврзаност. Но, онаа вистинската, не денешната, виртуелна. Со интернет ерата добивме многу, но, за жал, и многу повеќе изгубивме.
Во која група припаѓате, во оние кои уживаат во магијата на празниците и го запазуваат секој детаљ или Нова година е само еден обичен ден како и сите претходно?
Празниците ги сакам поради радоста што ја носат, топлината што во тој период од годината ги исполнува домовите. Токму за време на празниците ја имаме таа меѓусебна поврзаност и близина која во друг период од годината за жал сѐ повеќе ни недостасува.
И за крај, како би гласела вашата новогодишна честитка за нашите читатели?
Не трошете ја залудно енергијата, насочете ја кон нештата кои вистински ве прават среќни. Не споредувајте се со останатите кои ги гледате на Инстаграм и Фејсбук. Создадете хармонија во вашиот живот и повеќе внимавајте на вашето здравје отколу на телефоните!