Дамата со заразен блесок
Инспирира и преку работата, но и преку начинот на живот. Секоја нејзина порака има за цел да ве потсети да блескате. Долго ја знаеме од телевизиските екрани, а многу малку по приватниот живот што е доказ за нејзиниот професионализам, но и рецепт за нејзиниот успех.
Судејќи по прашањата кои им ги поставувате на гостите во „Нешто конкретно“, но и инспиративните постови на вашиот „ѕид“, навистина поседувате импресивни копирајтинг вештини и голема креативност. Сте размислувале ли некогаш да работите во маркетинг сектор, иако и водењето на вашиот профил е помалку или повеќе маркетинг?
Одлична забелешка и благодарам на тоа. Јас сум заљубена во магијата на маркетингот и ги следам сите нови трендови и правци, начинот на кој рекламите и зборовите интригираат и пораките кои мотивираат. Читам книги, слушам видеа поврзани со тематиката и ме радува секое ново откритие до кое ќе дојдам, а се однесува на маркетингот. Малкумина знаат, но јас повеќе од 10 години работам како маркетинг менаџер во компанијата вработување.ком и секако дека мојот инстаграм профил е еден вид лично брендирање.
Навистина се трудите да поттикнете позитивни промени кај сите оние кои по свој избор одлучиле да ве следат. Но, да се биде во очите на јавноста често може да излезе од контрола, публиката погрешно да интерпретира или остро да пресуди за некој пропуст. Сте имале ли такво искуство и како се носите со сите негативни коментари?
Јас сум многу претпазлив човек, понекогаш и премногу. Имам правило на објавување или коментирање. Таму каде постојат две страни и секој со своја вистина, тука не ми е место да давам свој коментар. Иако, тоа е најлесниот начин за доспевање во жижата и свртување внимание на себе. Таму каде постои фактичка ситуација, можам да си кажам мислење. Рекла-казала не се мој терен на играње.
Она што научив е дека туѓи битки не треба да се водат. Поддршка, ако е од срце, се искажува лично или ако сметам дека некој мој пријател згрешил некаде, во нешто, исто тоа му го кажувам лично. Јавноста често го слуша тоа што ѝ одговара, па подобро е да не им дадете ништо да слушнат, отколку нешто што погрешно ќе го протолкуваат.
Во однос на негативните коментари, камењата се фрлале и ќе се фрлаат, важно е што ќе одлучиме да преземеме – да возвратиме на секој фрлен камен или да градиме тврдина од камењата.
Кои се некои ваши практики или ритуали на кои им давате приоритет за да ја одржите вашата физичка и ментална благостојба?
За менталното здравје најдобра опција е да останеш неинформиран. Односно, да не ги слушаш дневнополитичките информации кои ти го полнат умот и зафаќаат непотребно место. Сакам да слушам квалитетни информации кои можат да ги унапредат моето работење и моето живеење. Сѐ останато влегува во уво и излегува. Понекогаш им делувам чудно на луѓето кога ќе кажам дека нешто не знам или не сум во тек, ама мене ми е убаво, умот ми е чист за да создава креација и да гледам поинаку и појасно. Вревата од информации дефокусира, мудроста е во селекцијата.
Ќе ви кажам една приказна за трката на жабите. 20 жаби имале натпревар и требало да прескокнат еден висок ѕид. Се обидувале, прескокнувале, останатите животни навивале, им дофрлувале дека не можат, некои давале стратегии, трети се обидувале да ги одвратат од идејата. На крајот, само една успеала да прескокне од сите 20. Кога се обиделе да сфатат како само таа успеала, кога не била ништо поспособна од останатите и кога била во исти услови како и останатите 19, сфатиле – жабата била глува. И тоа е тоа.
А физички се одржувам со возење велосипед, со пилатес и прошетки, и секако со чистење по дома.
Дали има некои книги кои имале големо влијание врз вашиот живот? Сте од оние што потцртуваат моќни зборови додека читаат?
Потцртувањето мисли, реченици и цитати ми е омилена активност кога читам книга. А сакам и да ги запишувам кога слушам аудиокниги или некои мотивациони говори.
Но, многу е важно да се знае – цитатите не постојат за слепо да веруваме во нив, туку да ја откриеме сопствената вистина.
Го сакам она: „Како ќе дојде, така ќе тераме“ – што значи да се прилагодиме на текот, да не се опираме, да не викаме: „Е, ама во мое време.“ Минато свршено е тоа време. Колку и да се бориш контра текот на реката, нема да успееш, подобро научи да пливаш.
Како одржувате здрава рамнотежа помеѓу работата и животот? Што за вас подразбира квалитетно поминато време со семејството?
Квалитетно поминато време за нас се патувањата, заедничкото патување во автомобил по неколку часа, кога се разменуваат илјада и една идеја, мислења, има време да се изнасмееме, да се расправаме, да аргументираме, да дискутираме, да носиме заклучоци и сл.
Јас сум од тие родители кои сакаат веднаш да ги ислушаат децата. Тие се и нестрпливи, еуфорични се, понекогаш и инаетливи, па ако не ги сослушате веднаш, може да не ви кажат или да се предомислат. Затоа, секогаш кога ќе ми се обратат синовите прекинувам со тоа што го правам и ги сослушувам, да знаат дека сум тука да ги чујам и да знаат дека секогаш, во кое било време за што било може да ми се обратат. Да не размислуваат ама мама е на состанок да не ја прекинувам или спие да не ја будам. За нив сум секогаш тука. Тоа е за мене квалитетна посветеност.
Што најлесно може да ве насмее, а што најбрзо може да ве налути?
Мене најмногу ме смеат луѓе од кои не очекувам дека ќе бидат духовити или дека знаат да кажат виц или досетка. Тогаш кога нивната појава не е соодветна со кажаното уште повеќе ме смее, во позитивна смисла на зборот. Го сакам оној софистициран хумор кој по малку ласка, а помалку раздрмува.
Ме лутат неправдата и непочитувањето. Ме разбеснува кога некој ќе си поигра со мојата доверба. Јас сум човек кој дава шанси, но завршив ли еднаш со некого, завршувам за цел живот.
Споделете со нас барем еден вегански рецепт во кој ќе уживаат и љубителите на месо. Поправете ме ако грешам, но чинам од здравствени причини станавте веган, колку време веќе се водите по овој начин на исхрана? Дали веќе имате аргументи дека е добро да се биде веган?
Веќе речиси 20 години сум веган. И точно е, заради здравствени причини сум веган, заради интолеранција и алергии морав да го сменам начинот на исхрана. Моите лични агументи се дека веганството е добро за моето здравје и за мојот организам. Притоа никако и никого не сакам да наведувам или убедувам. Мене овој начин на исхрана ми носи добар живот и тоа е она што ми е најважно.
А лично сметам дека на секој од нас телото му кажува што е добро за него, изгледот во огледалото исто така, ама има една зезната работа… Телото вика: не јади чоколадо, ама мозокот вика: дај ваму чоколадото, лачи хормон на среќа ќе ни биде подобро. Колената викаат: не можам да те држам од тежина, мозокот вика: ела, седни на фотелја, кај си тргнал. Телото се гледа во огледалото и вика: не е добра оваа форма, мозокот вика: има и други извори на среќа, не е само изгледот. Резултатите викаат: висок притисок, мозочето вика: еднаш се живее… и така… сами бираме кого ќе слушаме.
Рецепт: Две замрзнати банани, две урми, една лажичка какао и едно мало филџанче растително млеко, изблендирајте и уживајте во здрав вегански сладолед.
Како млада мајка, по кои начела се водите при воспитувањето на вашите деца? Горди ли сте со постигнатото досега?
Млада мајка е комплимент, благодарам на тоа, но јас знам да кажам дека сум стара мајка. Млади мајки се оние со деца од 3,4 години, моите синови се 17 и 12 години.
Инаку се согласувам, воспитувањето е предизвик, посебно во ова време кога сите информации се лесно достапни, кога мозочињата на децата им работат 300 на саат и кога нивната лукавост и снаодливост се на високо ниво. Не палат тука лажги или неисполнети ветувања, сѐ има да се прочита на интернет и затоа мора да се биде исклучиво претпазлив.
За мене најважно е да ги научам децата на почит. Да знаат да ги почитуваат и луѓето и содржината. Да ја знаат вистинската вредност на нештата и да бидам вистински пример за тоа што го зборувам. Да не се косат зборовите и делата. Сакам кога им давам можност да донесат сами одлука и сами да ја сносат одговорноста. Да научат што се тоа последици. Сакам сами да си ја увидат грешката и сами да научат да ја поправат. Тука сум им секогаш, но сакам да ги научам прво да се потпрат на себе и да веруваат во себе.
Имам правило дека ги слушам децата и се обидувам од нивното однесување да проценам во каква фаза се наоѓаат, се водам по мајчинскиот инстинкт и интуиција. Не мислам дека некој прирачник може да го побие или дефинира тоа што една мајка знае како, во одреден момент, треба да постапи со своето дете.
Можеби правилникот треба да даде некоја насока, но тој не може да го воспита детето и да го научи да биде човек. Книгите даваат само насока и отвораат очи, сѐ друго е практика.
Скролајќи по вашиот „ѕид“ на Instagram, забележав голема дисциплина – во исхраната, во физичката активност (вежбате и додека сте на одмор), во организирањето на емисијата. Па, ако се согласувате дека дисциплината е еден од аргументите за вашиот успех, кои се останатите?
Дисциплината е клучот во сѐ: и во работата, и во исхраната, и во колегијалноста и во пријателството, и во родителството. Оставањето работите за попосле или утре, е првиот чекор кон саботирање и себесопнување.
Мојот впечаток е дека на ТВ има сè помалку комплетни водители. Вие и уште неколкумина сте исклучок и како верно да го чувате она златно време кога сите потајно сакавме да нѐ има на ТВ. Што ве мотивира да останете активни на ТВ и уште поважно, дали се постигнува очекуваната гледаност и дали се заработува без поддршка од социјалните медиуми?
Живееме едно друго време, време на социјални мрежи, во кое секој може да стане познат и видлив за секунда. Но, да бидеш познат не значи да бидеш и популарен. Популарноста во своето толкување ја има позитивната страна од типот углед, поддршка, чест, добар глас, признаеност и слично, а препознатливоста може да биде и во негативен контекст.
Публиката точно знае да оцени кому ќе му ја даде препознатливоста, а кого ќе го прогласи за популарен.
Инаку, не мислам дека може да се биде чувар на кое било време, затоа што сѐ се менува, поентата е да се прилагодиш на новото време носејќи ги со себе квалитетите и убавите работи од претходните генерации. Јас сѐ уште верувам во гламурот, големината и интегритетот на телевизијата. Верувам во телевизиската магија и сѐ додека ме држи ентузијазмот ќе го работам тоа на телевизија со поддршка на социјалните мрежи. Кога веќе ќе почувствувам дека е напор, а не задоволство, ќе престанам.
Ја сакам целата таа ангажираност околу поставување, сцена, светло, градење кадар, перцепција, обраќање, па облекување, дотерување, позитивна трема, неизвесност при создавање на телевизиски производ.
За разлика од социјалните мрежи кога е доволно да се запали камера и да почнеш да зборуваш и сѐ да биде вирално, лесно повторливо, лесно достапно и лесно променливо. Хиперпродукцијата не е мојот стил на работа.