Создадете посреќен дом преку 7 фeнг шуи правила

Создадете посреќен дом преку 7 фeнг шуи правила

Знаете ли дека начинот на кој е уреден вашиот простор за живеење значително влијае врз вашето расположение и среќа? Ако верувате во оваа теорија, за која патем постојат и научни докази, тогаш ќе ве oсвои концептот фенг шуи – уметност на создавање рамнотежа и хармонија во просторот.

Што е фенг шуи?

Фенг шуи во превод значи „патот на ветерот и водата“ и потекнува од таоизмот – кинеска филозофија стара околу 2 000 години. Основната идеја е дека сè во универзумот поседува енергија и дека нашата околина влијае врз нашите емоции, мисли, постапки, па дури и врз здравјето, односите и успехот.

Според оваа древна практика, фенг шуи помага да се усогласи енергијата (чи) во просторот.

Фенг шуи се заснова и на рамнотежата меѓу спротивставените, но комплементарни сили јин и јанг – како што се светло и темно, меко и тврдо, топло и ладно. Покрај тоа, се зема предвид и балансот меѓу 5-те елементи: вода, дрво, оган, земја и метал, кои се претставени преку боите, формите и материјалите во домот.

Минимални фенг шуи преуредувања

Внесете хармонија и позитивна енергија со неколку едноставни промени:

1. Според фенг шуи, многу е важно како е распоредена главната покуќнина во однос на вратите и прозорците – местата каде што влегува и излегува чи. На пример, кога седите на софата, лежите во кревет или работите на биро, идеално е да сте најоддалечени од вратата, но со јасен поглед кон неа. Најдобра позиција е дијагонално спроти вратата, со цврст ѕид зад грбот. Ако тоа не е можно, барем осигурајте се дека вратата не е директно зад вас. Оваа поставеност ве става во контрола на просторот и енергијата околу вас.

2. Фенг шуи подразбира чистота и ред! Нередот го блокира протокот на енергија, што може да влијае негативно врз расположението и концентрацијата. Особено внимание посветете на просторите што често ги занемаруваме, како под кревет – таму, задржаната енергија може да влијае и на сонот.

3. Што ве чека штом влезете дома? Расфрлани чевли, купови јакни и хаос? Во фенг шуи, влезот е порталот на енергијата – ако е затрупан, позитивната чи нема каде да помине. Исчистете го, организирајте го и украсете го претсобјето со саксиско растение или уметничко дело. Проверете дали вратата се отвора лесно и широко.

4. Прозорците се очите на домот. Ако се валкани, енергијата и сончевата светлината не можат целосно да влезат. Отворајте ги прозорците најмалку 10 минути дневно за да овозможите движење на воздухот и да ја отстраните застоената енергија.

5. Енергијата „чи“ тече само кога патот ѝ е слободен. Прошетајте низ домот и забележете каде се судрувате со мебел или можеби прескокнувате кабли или непотребни работи. Ако некој предмет постојано ве нервира, преместете го или ослободете се од него. Помалку мебел во мала просторија може да направи чудо за енергијата. Користете заоблени рабови кога е можно, бидејќи тие симболизираат нежност и проток, за разлика од острите агли што сечат енергија.

6. Природата е најголемиот извор на позитивна енергија. Во фенг шуи, зелените, здрави растенија со меки, тркалезни листови претставуваат виталност и раст. Избегнувајте кактуси и растенија со остри лисја, кои симболизираат остра енергија (ша чи).

7. Секој тон има своја вибрација. Во фенг шуи, зелената означува обновување и свежина, кафената стабилност и грижа, а белата чистота. Светлите бои поттикнуваат јанг енергија (активност, движење), додека пастелните нијанси носат јин (мир и хармонија). Користете потемни бои долу (на под или мебел) за стабилност и посветли горе (ѕидови и тавани) за отвореност и рамнотежа.