Проблем што сами ќе го решите
Сувата коса делува безживотно, тешко се стилизира и додава плус години на изгледот. Плус, мора да бидете особено внимателни како ја негувате за да не ја пресушите уште толку.
Во тој поглед, врелите масла се најпогодни и најбезбедни за третирање на овој тип коса. Добрата работа кај нив е што можете сами да ги приготвите и да ги служите за да го потхраните сувиот скалп, да ја третирате целата коса или да ги оживеете сувите врвови.
Третман со врело масло
Ставете три лажици маслиново или кокосово масло во сад отпорен на топлина и ставете го садот во зовриена вода за маслото постепено да се загрее. Бидете внимателни, будно следете колку е загреано маслото за да не го изгорите скалпот.
Со чешел поделете ја косата на секции и намачкајте го маслото така што нежно ќе го втриете директно на скалпот, па ќе го масирате долж косата сѐ до врвовите. Замотајте ја косата во кок или соберете ја на ваш начин, ставете чиста ќеса и оставете маслото да отстои барем половина час. Измијте ја косата со што помлака вода, бидејќи топлата вода го пресушува влакното и може да отстрани поголемо количество од маслото.
Домашни третмани за премногу сува и оштетена коса
Честото бојадисување води до сериозно пресушување и оштетување на косата. Во тој случај, пожелно е да се потпрете на природните и далеку помоќни солуции како јајцата. Три јајца измешани со две лажици маслиново масло или масло од канола и една лажичка јаболков оцет, чинат силен третман за регенерација на косата. За да делува, неопходно е овој природен третман да отстои најмалку 15 минути. Потоа, темелно измијте ја косата со шампон.
За најхрабрите, стилистите за коса препорачуваат да додадете една лажица мед во шампонот што вообичаено го користите. Медот ја црпи и ја заробува влагата во косата враќајќи ѝ го природниот сјај. Но, мора да внимавате темелно да ја исплакнете косата.
Маслото од пченични никулци е уште еден добар регенератор за сува коса, особено во лето кога влакното е на удар од сонцето. Користете една лажица од него, после миење со шампон, наместо вашиот вообичаен регенератор. Темелно исплакнете ја косата.
Мерки на претпазливост
Топлата вода и сите алатки за стилизирање на косата кои работат на топлина, уште толку ја сушат косата. Затоа, обидете се да се навикнете да ја миете косата со помлака вода, а во лето избегнувајте фен.
Проблемот со сувата коса се продлабочува секогаш кога во вашата исхрана недостасуваат масни киселини. Гама-линоленската киселина (тип омега-6 масна киселина) оди директно во косата, затоа почесто јадете лосос. Лененото семе го одржува скалпот здрав и му дава дополнителен сјај на влакното.