Ако сакате плажи и историја на едно место, ќе ви се допадне…
Сместено во северниот дел на Португалија, ова мало гратче ќе ве воодушеви со својата природа, историја и звуците на традиционалната португалска музика Фадо, што потекнува токму оттука. Живописниот скапоцен камен на Португалија е сместен на бреговите на реката Лима и е свртен кон Атланскиот Океан, но подеднакво плени и со своите живи традиции.
Идеално време за посета: август
Во месец август (од 20-ти до 23-ти) во Виана до Кастело се одржува тридневниот фестивал Feasts of Nossa Senhora da Agonia, каде околното население облечено во традиционална португалска носија парадира низ градот и ја повикува божицата да го смири морето и да им помогне на рибарите. Многу позитивна енергија, музика и турканици од туристи низ уличките.
Препорака за гурманите
Casa de Pasto Maria de Perre е познат ресторан што нуди безброј традиционални јадења, како солен бакалар или Tripas á moda do Porto – лигњи со бел грав. Mau Maria е уникатен бар во стар стил со бел ентериер каде може да наздравите со најпопуларното вино Porto или да го пробате прочуениот ликер Ginjinha.
Кафе со поглед
Quinta de Valverde е хотел сместен на највисоката точка на градот и нуди неверојатна глетка на Атлантскиот Океан и околната река Лима, а истовремено е оддалечен само 10 минути пеш од центарот на градот. Затскриен меѓу уникатна природа и цвеќиња, ќе ве принуди да заборавите на сѐ.
Места што мора да ги посетите
Виана до Кастело може да се пофали со богата историја која датира од римско време. Градот бил официјално основан во 13-ти век од кралот Афонсо III, првенствено за да го одбрани крајбрежјето од пиратски напади и да ја олесни трговијата. Низ вековите, тој процвета како витално пристаниште, особено за време на ерата на откритијата во 15-тиот и 16-тиот век, кога португалските истражувачи испловија за да трасираат непознати територии.
- Еден од најзначајните историски знаменитости на градот е Санта Лузија, сместена на рид со поглед на градот. Оваа величествена базилика, завршена во 1943 година, е инспирирана од Sacré-Cœur во Париз и нуди панорамски погледи кои едноставно го одземаат здивот. Мешавината на неовизантиски и неоромански архитектонски стилови го прави фасцинантно место за љубителите на историјата и на архитектурата.
- Praça da República, еден од најубавите плоштади во Португалија. Таму се наоѓа и фонтаната Chafariz која датира од 16-тиот век.
- Sé Cathedral de Santa Catarina, катедралата била изградена на почетокот од 15-ти век. И покрај реставрацијата во 17-ти век, задржан е нејзиниот автентичен изглед и токму поради тоа се вбројува во првите три градби што мора да ги посетите штом дојдете тука.
- Градот нуди прекрасни плажи, како што се Praia do Cabedelo и Praia de Afife, кои се совршени за сурфање, пливање или едноставно релаксирање покрај морето. Блиските планини Сера д’Арга нудат пешачки патеки со поглед што го одземаат здивот и се шанса да се истражува бујниот, зелен пејзаж што го карактеризира регионот Мињo.