Според статистиките, луѓето од година во година се сѐ поодговорни кога станува збор за заштита на природата. Но, пред нас има уште многу работа, па ако целите кон повеќе, преземете ги овие еко трикови и заштитете го сопственото здравје помагајќи ѝ на природата. Не заборавајте, таа двојно ќе ви врати.
Збогувајте се со пластиката
Следниот пат кога ќе купите шише вода или уште полошо ќе го фрлите на улица, земете го предвид следниов факт: за едно пластично шише да се распадне на поситни парчиња (ништо повеќе од тоа) потребни се од 450 до 1.000 години, велат од Marine Reserves Coalition.
Подобро за вас: Низа студии потврдиле дека БПА, состојка присутна во пластичните шишиња, е штетна за здравјето на човекот – ги попречува хормоните, па дури и го зголемува бројот на масни клетки. Спасете ја планетата и себеси така што ќе ја сведете употребата на пластичните садови на минимум. Уште подобро, пластиката заменете ја со стакло.
Јадете посна храна барем 2-3 пати неделно
Дали знаете дека при колењето, животните испуштаат гасови, најчесто метан? Најновите истражувања велат дека токму овој метан има големо влијание врз климатските промени.
Подобро за вас: Не велиме сосем да се откажете од месото, но повремено можете да го замените со зеленчук кој е богат со растителни влакна. Не само што лично ќе придонесете за поздрава средина, туку ќе го намалите холестеролот и ќе го контролирате нивото на шеќер во крвта. Срцето ќе ви биде благодарно.
Мијте ги рацете, но со благ сапун
Антибактериските сапуни се особено барани во ова време на пандемија, но лошата вест е тоа што содржат состојки кои негативно влијаат на хормоните, како триклосан. Додека ги миете рацете, овие состојки ќе завршат во канализацијата, а оттаму во реките и морињата каде ќе продолжат да го загрозуваат животинскиот свет.
Подобро за вас: Држете до традиционалниот сапун и вода. Антибактериските сапуни можеби ги уништуваат лошите бактерии на дланките, но истовремено ги уништуваат и оние добрите кои го зајакнуваат имуниот систем.
Размислете два пати за хемиско
При хемиско чистење, алиштата се потопуваат во штетни растворувачи кои преку цевките завршуваат во земјата и водите и на тој начин ја загрозуваат храната за животните.
Подобро за вас: Потребен ви е детергент што биолошки се разложува и кој зад себе нема да остави хемикалии кои ќе завршат во стомакот на животните. Сетете се дека крајната дестинација сте вие, дури и ако сте вегетаријанци, бидејќи водата им е потребна и на дрвјата од кои берете плодови.
Складирајте храна и во замрзнувачот
Замрзнатиот јогурт и зеленчуци траат подолго (тоа значи помалку фрлање храна) и најчесто имаат понизок јаглероден траг за разлика од оние што не престојувале меѓу ледот. Ова се должи на фактот што увозот на замрзнати производи се одвива бавно и најчесто се користат бродови, додека свежата храна се дистрибуира преку авион на гориво што загадува.
Подобро за вас: Некои замрзнати плодови имаат поголем број хранливи материи во однос на свежите. Во тој поглед имаме двајца победници: боровинки и грашок.