Владанка Крстевски

Владанка Крстевски

„Театарот ме научи да ги разберам луѓето и да станам подобар човек“

Кога човек ја пренесува својата страст на сцената, создава простор каде емоциите оживуваат, а приказните добиваат нова димензија. Таква е Владанка Крстевски – актерка, сопруга, млада мајка и водителка на популарната викенд-емисија „Кајмак“ на ТВ Сител, каде преку интересни приказни и гости ја освежува публиката со доза инспирација и со насмевка.

Со својата професионална кариера во Кумановскиот театар, Владанка ја истражува длабочината на човечките емоции, истовремено пренесувајќи ги на сцената. Нејзиниот живот е сведоштво за тоа како талентот, искреноста и длабоката поврзаност со луѓето и уметноста можат да создадат магија. Во ова интервју, таа споделува дел од своите искуства, мисли и инспирации, носејќи нè на патување низ светот на театарот, телевизијата, семејниот живот и нејзината визија за тоа како уметноста може да биде лек за душата.
Како се развива вашата љубов кон театарот и што ве инспирира да станете актерка?

Отсекогаш сум ги сакала луѓето, нивните различности, однесувањето. Можноста да се почуствуваат многу емоции. Паметам само дека гледав една претстава – „Тетовирани души“ во Театар Куманово и на една реплика реков: „Јас ќе станам актерка“, тоа беше таа моја тивка одлука. Моќна одлука која, чудно, никогаш не ја заборавив без разлика на сите превивања.

Како театарот ве промени како личност?

Ме промени многу. Длабоко и темелно. Јас не бев Владанка пред ФДУ. Искрено, таму во тие бараки се наоѓаш себеси, својот глас, пат, но и се губиш. Мене театарот ме направи подобар човек. Научив како сите да ги разберам, прифатам и да не осудувам. Кога играш различни ликови, на крајот на денот, си секој од нив – и мора да спие во тебе и нешто нивно. Не ми останува ништо друго освен прегратка со различното и моќта за катарза и за промена.

Постои ли улога што ви помогнала да откриете нешто ново за себе?

Секоја улога ми помага да откријам нешто за себе. Тоа не е секогаш нешто убаво. Има и демони со кои човек треба да научи да живее. Но убаво е, убаво е да се видиме во огледало и да си признаеме кои сме. Ги сакам ликовите што ме болат, така има смисла спознавањето.

Дали верувате дека уметноста има моќ да лекува? Кога последен пат сте почувствувале дека сте дел од такво искуство?

Многу. Уметноста мора и треба да лекува и да освестува. Тоа не е возможно секогаш. Речиси е невозможно во некои услови. Но, наша должност е постојано да се бориме тоа да се случува кога сме на сцена. Ние сме лекари на душата, со нас човек треба да се опива. Последен пат тоа го почувствував во Германија, кога ја играв мојата монодрама „Прво Лице Еднина“, луѓето плачеа во текот на целата изведба. Многу од жените после изведбата ми пријдоа да разговараат за општествените проблеми и ситуации во кои тие се нашле. Тогаш за првпат после доооолго време ја доживеав моќта на кажаниот збор на сцена. И се чувствував моќно. И убаво. Исполнето. Последен пат мене ме лекуваше сликата на Климт The Kiss во музејот „Белведере“ во Виена. Едноставно, каква било уметност е иљач за душата.

Vladanka Krstevski

Како се справувате со чувството на сомнеж или несигурност, особено во толку јавна професија и социјални медиуми каде критиките лесно стасуваат и честопати знаат да се сурови?

Порано беше потешко. Многу тешко кога пробував да им се допаднам на сите. Откако станав мајка, сакам да си се допаднам само на себе. Да бидам одговорна пред себе и пред моето семејство и да ги носам работите на чело како што ми се дадени. Не ме интересираат критики кои не се конструктивни и кои се злонамерни. Сакам добра критика, пишана добронамерна порака, пијалак после претстава, фокусиран разговор – таквите критики се мој мотор и моја сила. И се молам да ги имам повеќе – оти ме прават подобра.

Кога чувствувате дека сте најповрзани со вашата креативност? Има ли ритуал што го практикувате пред да стапите на сцена?

Секогаш дишам длабоко и го повторувам монологот со кој ме примија на ФДУ набрзинка, за да ја загреам вилицата. Чудно суеверие дека тоа е почетокот за кој треба да се држам, коренот кој ме држи приземјен на земја а раскрилен кон небо. Со монологот на госпоѓица Јулија влегов и во Театар Куманово. Едноставно Стринберг ми е таткото на сцена.

На кој филм, претстава или можеби проект имате потајна желба да сте дел и со кого сонувате да соработувате од вашите колеги или режисери?

Еден ден многу сакам да работам со Ivo Van Hove. Ја обожавам неговата работа, режија, острата мисла и фокусот во секоја претстава. Инаку сакам да сум дел од сѐ. Не сум човек што одбива. Сакам искуства, пријателства и креативни врутоци. Кога гледам претстава кај нас, секогаш сакам да сум дел од неа. Сакам да работам со сите колеги и режисери, од сите може многу да се научи.

Дали верувате дека улогата на жената во уметноста и медиумите денес се менува?

Да, секако. Жените, но и мажите, секојдневно ги менуваат световите во кои дејствуваат. Во уметноста и во медиумскиот простор тоа не треба да е желба за доминација, туку моќност за раскажување приказни преку различни визии и погледи. Затоа сметам дека женското гледање на нештата го видоизменува светот во којшто живееме.

Кои книги, филмови или личности ви оставиле најголем впечаток и ве инспирирале?

Браќа Карамазови – Достоевски, La La Land и Мојата мајка и баба – вечна инспирација за непресушна борба!

Што би им порачале на жените кои се борат да балансираат помеѓу кариерата и семејството?

Тешка е таа борба и ретко кога победуваме. Мој совет е да не се борат. Јас сум среќна жена која има огромна поддршка од својот партнер. Тоа значително ми ја олеснува работата. Но, пред сѐ, добро менаџирање на времето и едно златно правило: „Остави ја работата пред да влезеш дома.“ Но, да не се лажеме, претешко е и невозможно. Има денови кога само работам и денови кога сум 24/7 со моето малечко. Но, најискрено, мене ме држи само едно: „СРЕЌНА МАЈКА – СРЕЌНО ДЕТЕ.“ Кога сум јас исполнета, Жан е пресреќен.

Vladanka Krstevski

Како успевате да најдете време за себе и вашиот сопруг во трката со секојдневието? Имате ли посебни моменти кои се само ваши?

Секоја вечер разговараме за утрешниот ден со чаша вино. Еден мал ритуал уште од студентските денови. Важно е да се има цел за здрава врска. Некогаш е ред муабет со чаша вино, некогаш е datenight на вечера. Но, се трудиме да бидеме тука еден за друг. Секој ден. Без оглед на сѐ.

Што правите за да ја одржите вашата физичка и ментална кондиција со толку динамичен живот?

Медитација, вежбање или пешачење и здрава храна. Кога се може, колку се може. Забушавам. Се трудам. Не се осудувам. Знам дека може и подобро.

Куманово е помал град, но вие сте јавна личност со национална препознатливост. Како се снаоѓате со тоа? Има ли предности и недостатоци?

Куманово е прекрасно. Тоа е мој град. Мои луѓе. Таму сум цел живот. Се знам со сите и пред да се појавам на екраните или сцената. Така што сѐ е исто и прекрасно. Многу ги почитувам и сакам моите сограѓани. И некако таа засебна љубов си расне.

Што најмногу сакате во вашиот град, а што би сакале да промените?

Ја сакам различноста, диверзитетот, убавината на моите луѓе. Не знам што би сменила. За мене Куманово се луѓето. Седенките на ѕитче, кафињата во „Агора“, пијанките во кафеана, свирките во „Јард“. Не би менувала ништо и не би сакала ништо да згасне – само да расне.

Патувате често – што ве привлекува во новите места? Дали патувањата ви помагаат да најдете инспирација за нови улоги или проекти?

Патувањето е најголемата инвестиција што можам да ја направам. Инвестирам во знаење, нови култури, луѓе и убавини. Среќна сум кога имам закажано патување. Тоа ми е инспирација за животот – не само за проектите.

Дали има одредена кауза што ви е особено блиска? Како ги инспирирате другите да се вклучат во позитивни промени?

Good thoughts (добри мисли), good words ( добри зборови), good deeds (добри дела). Сѐ е поврзано, ако мислиме добро, ќе зборуваме добро и ќе делуваме добро, а промената почнува од нас самите, зарем не?!