Нашиот најшармантен актер кој својот талент за глума не го ограничува само на театарската сцена и му благодариме за тоа
Сѐ што ќе допре овој шармантен млад господин го претвора во уметност. Од театар, па на телевизија како водител, па на музичката сцена, Жарко поседува извонредна камелеонска природа и успешно се адаптира на сите овие различни сцени. Неговата стихозбирка „Пеперутка“ е уште еден во низата докази дека овој мултиталентиран актер дише за уметност. Сепак, она што посебно воодушевува кај Жарко е љубовта, посветеноста, професионалноста со која им пристапува на сите свои проекти. Во неговите очи секогаш има жар, секогаш има позитивна енергија, секогаш има волја и, токму поради ова, сигурни сме дека Жарко ќе реди само успеси. Но, ако успее барем кај еден млад човек да го всади истиот порив за напредок, ако успее да ја удави летаргијата, рамнодушноста, некултурата во која тонат младите, тогаш гласно ќе кажеме дека Жарко успеал да се надмине и себеси. Или можеби веќе го сторил тоа…
Како еден актер созрева во својата кариера, како еден актер станува сѐ поуверлив во улогите што ги толкува и истите ги изведува со некоја леснотија. Како и кога се стигнува до тие актерски квалитети или тие доаѓаат до израз само кога на актерот ќе му се погоди улогата?
’Актерите живеат подолго од обичните смртници‘, зошто е ова вака? Актерот на сцената секоја вечер, барем по два часа, не го живее својот живот, туку се позајмува себеси на животот на ликот, заминува во друг имагинарен свет. Транзитот од мојот приватен живот до животот на ликот е патот на актерското созревање. Кога веќе ќе влеземе во ’кожата‘ на ликот ние треба да се заборавиме себеси и да си ја направиме таа кожа најудобна што може да биде, тука е тајната на ’погодување‘ на ликот, може малку да нѐ стега, малку да е широка, но затоа глумата е и занает каде што мораме да си го направиме и скроиме ликот по мерка. Актерството е начин на живот, или го сакаш и живееш или не… нема место за баланс.
Ти се случило ли да ја лажеш публиката, да не се чувствуваш удобно во улогата, да не се пронајдеш во неа и да се трудиш едноставно професионално да ја завршиш работата? Мислиш ли дека тоа се познава или само актерот знае?
Во период од месец до три месеца, колку што трае создавањето на еден лик т.е создавањето на една претстава или снимањето на филм, доколку актерот не успее да си најде комоција во ликот, тогаш не треба да се мачи ни себеси ни другите. Тежок е процесот на создавање на лик, но кога за тоа живеете нема поубаво. Постојат денови кога ликот што си го создал на одредена изведба, на некоја претстава, нема да блесне во полниот сјај, но на крајот на денот публиката платила карта и тебе тоа ти е работа, никој да не те познае и да дадеш сѐ од себе да ’изглумиш‘.
Уметноста не ја ограничуваш само на театарската сцена, пееш, твориш, водиш емисија… колку сите овие различни проекти го градат твојот професионален карактер и дали е можно едната професија да ја исклучи или загрози другата? Сепак, која од уметностите е твоја најголема љубов?
„There is no business like showbusiness.“
Сите овие работи се поврзани една со друга во сите работи што ги работам ставам од другите работи, еден микс уметности, шоу, глума-музика, музика-глума, водење-глума-музика и уште многу варијации на тема. Моето функционирање е такво што едно без друго не ми оди, но сепак основа на сѐ е глумата.
„Џентлмен магазин“ е одличен проект, големо освежување по многу нешта – водител кој е пријатен, природен, кој се изразува, се однесува и изгледа токму во склоп на главната порака што се обидува да ја пренесе секоја емисија, а од друга страна, гостите се одлични. Колку и во приватниот живот си џентлменот што го гледаме пред малите екрани? Кои особини треба да ги поседува еден млад човек за да се нарече џентлмен, а притоа да не отскокнува од модерното време? До колку е возможно старите џентлменски навики да преживеат и да се адаптираат во оваа дигитална ера и дали треба да воспоставиме нови од типот – телефон на „silent“ за време на ручек?
Ти благодарам. Често и во емисијата говориме за тоа дека основа на џентлменството е доброто однесување, а тоа пред сѐ произлегува од домашното воспитување како темел, и сѐ понатаму е онолку колку што ти сам ќе си вложиш. Според претходно кажаново, сакам да констатирам дека секаде и секогаш се трудам да бидам ист насекаде, како јавно така и приватно, џентлменството е состојба на умот, или го имаш или го немаш, доколку го имаш понатаму е лесно. Патот е долг, човек учи додека е жив, но волјата за учење и себенадоградба е убава и клучна работа. Затоа е клучно, поготово помладите генерации, да сакаат да негуваат таков стил на живот за да можат да го спознаваат, учат и применуваат тој ’лајфстајл‘. Џентлменството, особено кај нас, е вид во изумирање и затоа и тоа како треба прво да се вратиме на основните добри навики, а дури после да воспоставиме нови.
„Театарот е магија што се создава помеѓу сега и овде и има многу адреналин и живот… кој не посакува да биде допрен од тоа, губи многу.“
Живот за време на Корона – што промени кај тебе, на што те научи? Како живее театарот во време на оваа пандемија, дали овој застој е голем културен шок за културата што и онака ни е слаба страна?
Пред короната во едно интервју ме прашаа што очајно му треба на светот и реков ТИШИНА и некако после цела бура со бројки, зарази итн., се случи една тишина којашто беше доволно долга и гласна за на сите што им беше потребна да сфатат и видат до каде се и што треба да променат во животот. Театарот и воошто уметноста замре дефинитивно, но мислам дека тоа вроди поголема желба кај луѓето за таа страна на животот и за таквиот тип на социјализација и еве конечно почнува новата сезона, па да видиме што ќе донесе.
За време на карантинските денови се емитуваа речиси сите македонски серии и филмови, но и снимки од тетарски претстави. Претставите не го задржуваа моето внимание, (верувам не сум единствена) и затоа едвај чекав да седнам на црвените седишта. Но, колку младите генерации кои постојано зјапаат во телефонот, ја исправуваат главата за да ги видат убавините на театарот и да го почувствуваат театарскиот адреналин? Дали новото време и сите овие мерки се закана за театарот?
Живееме во време во коешто сѐ повеќе луѓето се претвораат во социопати и короната и карантинот од таа гледна точка на многу луѓе им годеше. Тоа не е добро, зашто луѓето се социјални суштества, создадени за заедница, како и да звучи ова во ’модерново‘ време, затоа мислам дека сите овие мерки станаа закана за самото општество, а не само за театарот. Сѐ повеќе се создаваат пасивни генерации коишто не сакаат да излезат надвор од комфор-зоната, а тоа е поразително. Театарот е магија што се создава помеѓу сега и овде и има многу адреналин и живот и навистина кој не посакува да биде допрен од тоа, губи многу.
Како го помина своето детство, на кои денови со задоволство се потсетуваш и дали можеби приграби некои совети и практики кои би ги пренел на своите деца во иднина?
Сѐ уште го живеам детството, го негувам детето во мене и тоа ми е еден од главните двигатели во животот, само така може да се остане креативен во овој свет и да се ужива во сите убавини што животот ги сервира. Секако дека приграбив и секојдневно приграбувам совети и во иднина ќе гледам да ги пренесувам не само на моите деца, туку на сите оние на коишто им е потребно, а добар совет е потребен секому.
Оставаш впечаток дека сѐ што работиш, работиш со љубов. Јавно ја покажуваш својата љубов и кон твојата сопруга, па дали љубовта е твојот најголем двигател во животот?
Детската љубов е најчистата љубов што некој може да ја даде и прими, затоа велам го негувам детето во мене, зашто во комбинација со личноста која свесно ја градам, во која вложувам, се одличен рецепт за примање и давање љубов. Дефинитивно љубовта ми е најголем двигател, затоа што без љубов ништо не сум. Љубовта е најголем двигател за сите, но не секој го признава тоа, зашто животот знае да зададе сериозни ниски и непредвидливи удари и сето тоа го инхибира човештвото и можеби и тоа е причината за појава на социопатите, за кои погоре говорев –недостатокот на љубов. Јавно ја покажувам мојата љубов кон сите, кон животот, кон најблиските, особено кон мојата сродна душа и јавно повикувам САКАЈТЕ СЕ.
„Актерството е начин на живот, или го сакаш и живееш или не… нема место за баланс.“
Покрај уметноста, имаш ли некој свој начин да избегаш од реалноста, а особено од социјалните медиуми?
Спортот и готвењето ми се голема пасија. А најмногу бегам од сѐ со живеењето на животот.
Која е твојата формула за добро здравје и ведар дух што би ја споделил со читателите? Дали можеби патувањата играат улога?
Па од горе наведеното може да се заклучат некои работи, но ќе сублимирам: Љубов-молитва-смеење-спорт-музика-поезија-театар-филм-секс-патување-сон-храна-семејство-смеење-молитва-љубов. Патувањата секако играат улога во животот, откривањето на старите светови, култури, обичаи, откривањето нови места и освојувањето нови врвови, запознавањето нови луѓе и споделувањето на љубов со светот – бесценето.