Сигурно сте слушнале дека пиењето млеко помага при киселина во желудникот. Или можеби постарите ве уверуваат да каснете парче леб за брзо да се ослободите од непријатното пецкање.
Но, кога ќе започне она непријатно горење во градите, дали навистина домашните лекови можат да помогнат?
Според гастроентерологот д-р Патрик Хајат од Балтимор, тоа се само „бабини деветини“ што може дури и да ја влошат состојбата.
Киселината во желудникот настанува кога желудочната киселина, течност што се создава при варење на храната за да се уништат бактериите, се враќа во хранопроводот, објаснува д-р Хајат.
Често се појавува по консумирање кисела храна, како вино, кафе или лути јадења. Киселините од таа храна се комбинираат со желудочната киселина, создавајќи посилна мешавина што пече кога ќе се искачи во хранопроводот.
Прекумерните колични храна исто така може да предизвикаат киселина, додава тој. Кога стомакот е преполн, содржината на желудникот притиска врз долниот отвор на хранопроводот (езофагеален сфинктер), што може да предизвика протекување на киселината нагоре.
Во овие случаи, внесувањето дополнителна количина храна како леб или млеко, само ќе го зголеми обемот во стомакот и ќе предизвика организмот да произведе уште повеќе желудочна киселина.
Што тогаш навистина помага?
Аптеките се полни со опции, но д-р Хајат вели дека најбрзо олеснување даваат лекови кои блокираат хистамин и што може да се купат без рецепт.
Овие лекови функционираат така што го блокираат хистаминот, хемиска супстанција што го стимулира лачењето желудочна киселина. Тие можат да обезбедат олеснување за 15 до 30 минути.
Ако добро се храните и избегнувате одредени пороци, воопшто нема да се сретнете со овој проблем.
За почеток, обидете се да ги идентификувате вообичаените предизвикувачи. Обрнете особено внимание на тоа како се чувствувате по јадење храна што е лута, мрсна или храна што содржи лук или домати. Напитоците како млеко, кафе, нане, чоколада и газирани пијалаци исто така можат да предизвикаат рефлукс.
Ако сепак одлучите да се почестите со проблематична храна, непосредно по оброкот земете гума за џвакање без вкус на ментол за да не ги влошите симптомите. Гумата за џвакање го стимулира лачењето плунка, која пак ја неутрализира киселината и ја ублажува непријатноста во хранопроводот.
Јадењето доцна навечер исто така може да предизвика киселина, вели гастроентерологот д-р Дејвид Поперс, професор на NYU Langone Medical Center. Тој препорачува да чекате најмалку два часа пред да легнете по јадење. А кога спиете, легнете во поткрената положба, тоа спречува киселината да се искачи во хранопроводот.
Ако имате киселина повеќе од двапати неделно, задолжително консултирајте се со лекар, вели д-р Хајат. Честата појава на киселина може да е симптом за гастроинтестинално заболување, а ако овие заболувања не се третираат навремено, можни се дополнителни здравствени проблеми, како воспаление на езофагусот, Баретово заболување на хранопроводот, па дури и канцер на хранопроводот.