Дали навистина постарите луѓе мирисаат поинаку или станува збор за уште еден стереотип за сениорите?
Иако научниците открија дека постарите луѓе поминуваат низ одредени физиолошки промени кои го менуваат начинот на кој мирисаат, тоа воопшто не значи дека мирисот е непријатен. И уште помалку се должи на недостиг на лиучна хигиена или водење на домаќинството како што многумина веруваат.
Што вели медицината за овој феномен?
Промената на телесниот мирис е резултат на природниот процес на стареење на кожата. Супстанцата одговорна за овој феномен, за кој многу малку се зборува, се нарекува нонеална. Лачењето на нонеалната е комплетно природен процес. Во текот на животот, кожата произведува омега-7 масни киселини. Штом овие природни масти почнат да оксидираат, резултатот е зголемено ниво на супстанцата со силен мирис наречена 2-нонеална.
Во текот на младоста телото произведува доволно антиоксиданти за да се забави овој оскидациски процес. Но, како што кожата старее се случуваат две промени: помало производство на антиоксиданти и истовремено, поголемо производство на масни киселини.
Резултатот? Поголемо ниво на 2-нонеална и се понагласен нов, не толку пријатен мирис.
Никој не сака да мириса непријатно, чудно, поинакво, неубаво… а фактот дека новиот мирис се должи на староста, на многумина им делува депримирачки. Но, мирисот на телото се менува во текот на целиот живот. Мирис на бебе, мирис на тинејџер, мирис на староста, па тоа е само една фаза низ кој минува еден здрав организам. Истражувањата многупати потврдиле дека самиот мирис и не е толку непријатен, туку самата конекција со староста делува луѓето да го перцепираат поинаку.
Конкретно, во едно истражување од учесниците било побарано да го оценат мирисот на материјалите што биле изложени на пазувите на различни луѓе, без да знаат колку години имаат тие луѓе. Иако испитаниците најлесно го препознале мирисот на постарите лица, тој не бил оценет како најнепријатен. Авторите на студијата заклучиле дека познавањето на потеклото на мирисот има голем ефект врз тоа како го перцепираме. Со други зборови, нашата реакција на нонеалниот мирис може да биде поврзана со нашите чувства за стареењето воопшто.
Како да го спречите овој мирис?
Не е едноставно од причина што 2-нонеалната е супстанца што не се раствора во вода, што значи не се измива лесно со туширање. Од друга страна, сапунот е дизајниран да ги отстрани нечистотиите и потта, но не и оваа упорна супстанца. јапонците се први во светот кои почнаа да создаваат козметика за возрасни луѓе. Станува збор за специјализирани формули што ја измиваат нонелната. Нивните истражувања покажуваат дека екстрактот од јапонско јаболко е најефикасен во отстранувањето на 2-нонелна. Но, мирисот може да се контролира и преку мали промени во животните навики, со цел да се намали стресот (бидејќи ја зголемува продукцијата на 2-нонеална) и да се одржи кожата чиста.
Пијте многу вода. (Кога сте дехидрирани, вашата кожа може да стане посува, па секоја супстанца што ја произведува вашето тело ќе бидеп оконцентрирана.)
Носете памучна облека за да може вашата кожа лесно да дише. Погрижете се облеката и постелнината да се перат редовно. Избегнувајте облека направена од синтетички материјали.
Капете се или туширајте се редовно. Хидрирајте ја кожата после капење или туширање. навлажнувачите со витамин Ц и други антиоксидантни состојки можат да ја заштитат кожата.
Обезбедете циркулација на воздух во просторот во којшто живеете. Некои постари лица живеат во средини во кои нема оптимална циркулација на воздухот, што доведува до замирисување на просторијата. Обидете се да ги држите прозорците отворени кога е можно. Добар прочистувач на воздух исто така може да помогне, особено во зимската сезона кога отворените прозори не се опција. Јадете здрава храна. Некои истражувања покажуваат дека зголемениот внес на овошје и зеленчук богато со антиоксиданти за сметка на намалениот внес на месо, месни производи и алкохол, помага да се контролира нонеалното производство. Сосема на крај, размислете за активности за ослободување од стрес како јога или медитација.
Кога чудниот мирис алармира на болест?
Стареењето на кожата не е единственото нешто што може да предизвика промени во мирисот. Други фактори, како терапија со лекови, промени во исхраната, трауми, промени во хормоните, исто така може да влијаат на начинот на кој ќе мириса постарото лице.
Имајте на ум дека различниот мирис на телото понекогаш може да биде знак за медицински проблем. На пример:
- Овошниот мирис на здивот на една личност може да сигнализира дијабетес.
- Здивот што мириса на амонијак може да биде знак за бубрежна болест.
- Промените во мирисот што се резултат на занемарување на основната лична хигиена понекогаш може да укажуваат на почеток на деменција.