6 часа сон не се доволни!

6 часа сон не се доволни!

Што му прави недостигот на сон на вашето тело и ум?!

Недостатокот на сон не изгледа страшно – сѐ додека не ги почувствувате последиците како лошо расположение, висок притисок и забрзано стареење на мозокот

Сигурно знаете дека треба да спиете од 7 до 9 часа секоја ноќ. Но, колку често навистина го правите тоа? Ако вашиот одговор е: „Јас со 6 часа функционирам одлично“, оваа статија е токму за вас! Бројни студии покажуваат дека спиењето помалку од 7 часа, особено помалку од 6, може сериозно да влијае на телото и на умот, дури и ако ви се чини дека сѐ е во ред.

Според Светската здравствена организација, 1 од 3 возрасни лица страда од хроничен недостаток на сон. А според Центрите за контрола и превенција на болести, дури 40 % од Американците постојано спијат помалку од препорачаното.
Иако нашата култура дава предност на продуктивноста на сметка на сонот, тоа не е здраво, а на долг рок станува и контрапродуктивно.

Што значи доволно сон?

Не постои магична бројка што важи за сите луѓе, но просекот е јасен – околу 7 до 8 часа во текот на ноќта. Според д-р Анита Наик, пулмолог и специјалист по медицина на спиење: „Доволен сон е оној што ви овозможува да бидете будни и функционални, без потреба од кафе или попладневна дремка.“
Некои луѓе навистина функционираат со само 6 часа сон, но тие се исклучок, а не правило. Повеќето од нас, без доволно сон, влегуваат во циклус на замор, слаб имунитет и лошо расположение.

Од друга страна, не е важна само вкупната должина на спиењето, туку и колку квалитетно спиете, вклучувајќи колку често се будите во текот на ноќта.
Ако се будите освежени, активни и не ви е потребно да пиете повеќе кафе или да дремнете напладне, тогаш веројатно спиете доволно.
Има и алатки за мерење, како Epworth Sleepiness Scale, која преку неколку прашања (проверете подолу) покажува дали страдате од дневна поспаност.

Што се случува кога спиете 6 часа или помалку?

На почетокот нема да почувствувате некои драматични ефекти (нема да заспиете на работното место или во автобус), па затоа ќе мислите дека добро се справувате со помалку сон.
Но, според Националната фондација за спиење, со текот на времето, можете да станете пораздразливи, анксиозни или дури и депресивни.
Вашата концентрација може да опадне, а расудувањето и брзината на реакција да се влошат. Тоа носи ризик од лоши резултати на работа или сообраќајна незгода, вели д-р Анита Наик. Исто така, може да почнете да зависите од стимуланси, како кофеин, за да останете будни.

Ако сонот ви се намали под шест часа, вашето здравје може да се влоши.

Истражување објавено во списанието The Lancet во 2023 година покажа дека спиењето под шест часа, во комбинација со интензивна физичка активност, може да доведе до побрзо когнитивно опаѓање – поголем ризик од деменција – во споредба со оние кои се помалку активни, но исто така малку спијат.
Сонот е клучен за закрепнување на телото. Без него може да се намалат нивоата на тестостерон (тој се обновува во текот на ноќта), да се покачи крвниот притисок и да се зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести, вели д-р Наик.

Со текот на времето, хроничниот недостиг на сон може да го забави метаболизмот, да доведе до зголемување на телесната тежина и да ја ослаби имунолошката функција, според Националниот институт за срце, бели дробови и крв (NHLBI).

Како да изградите и да одржувате добри навики за спиење?

Ако редовно спиете само шест часа, не е тешко да се организирате и да го зголемите спиењето за еден час.

Еве неколку совети:

  • Легнувајте и станувајте во исто време секој ден, вклучувајќи го и викендот
  • Избегнувајте попладневни дремки
  • Исклучете ги телевизорот и телефонот најмалку еден час пред спиење
  • Не јадете и не пијте алкохол и кофеин пред спиење
  • Спијте во темна и ладна просторија
  • Вежбајте најдоцна два часа пред легнување ако тренирате навечер

Избегнувајте „ноќни маратони“ со седење пред телевизор или пред компјутер. Иако можеби мислите дека ќе постигнете повеќе ако останете будни цела ноќ, тоа ќе ве чини многу. Само една непроспиена ноќ може да доведе до сериозни последици како: заматен говор, проблеми со видот и со слухот, тремор и слаба координација, според клиниката „Кливленд“.

Кога да побарате помош?

Ако имате хронични проблеми со заспивање, често се будите ноќе или се чувствувате уморни и после 8 часа сон – консултирајте се со матичен лекар. Можно е да имате нарушување на сонот кое може да се дијагностицира.

Лекарот ќе ја разгледа вашата здравствена состојба и историјата на спиење, ќе провери дали имате навики како ‘рчење или будење со главоболки и ќе утврди дали постои основна здравствена причина за тоа, а можеби ќе ве упати и на специјалист.

Сонот не е луксуз – тоа е основна биолошка потреба. Без него, ниту енергијата, ниту хормоните, ниту мозокот, ниту срцето не функционираат како што треба. Затоа, уште вечерва исклучете го телефонот, спуштете ролетни и посветете 8 часа на она што му е најпотребно на вашето тело: квалитетен одмор.