СОНЧАНИЦА И ТОПЛОТЕН УДАР

СОНЧАНИЦА И ТОПЛОТЕН УДАР

Сакаме максимално да ги искористиме благодатите на морето, езерото и сонцето,што некогаш може да доведе и до несакани последици: сончаница и топлотен удар!

Што е сончаница?
Сончаница настанува при повеќечасовно и директно изложување на главата на интензивно сончево зрачење што предизвикува прегревање, ширење на крвните садови и мозочни оштетувања. Се среќава во летниот период, при спортување или работа на отворено (градежништво, земјоделство и сл.) или при предолга изложеност на сонце на отворено море, најчесто во периодот помеѓу 11 и 16 часот.
Посебно се осетливи:
·                     деца,
·                     повозрасни лица со поретка коса,
·                     лица со зголемен физички напор за време на изложеноста на сонце без соодветна заштита и рехидратација,
·                     лица во алкохолизирана состојба,
·                     лица кои не се доволно оздравени по болест или исцрпувачка состојба на организмот.

Симптоми на сончаницата:
·                     зашеметеност
·                     главоболка
·                     забрзан пулс
·                     зуење во ушите
·                     црвенило на лицето
·                     покачена телесна температура
·                     мачнини во стомакот и повраќање кое не дава чувство на олеснување
Подоцна, можно е влошување на состојбата со халуцинации, вкочанетост на вратот, грчеви, губење на свеста која може да заврши со кома и смрт.

Што е топлотен удар?
Топлотен удар е сличен на сончаницата, но причината не мора да биде изложеноста на сончеви зраци туку долготрајни активности во прегреани и влажни услови, на отворено или во затворени простории. Посебно се осетливи:
·                     возачи во прегреани транспортни возила,
·                     работници во пекарници, топилници и сл.,
·                     деца, бидејќи нивното тело потешко ја поднесува високата надворешна температура и влажноста,
·                     спортисти кои подолг период спортуваат на отворено и се изложени на високи температури.

Топлотен удар настанува како резултат на нагло и прекумерно покачување на телесната температура поради неможност организмот да ја задржи температурата во нормални граници.

Симптоми на топлотен удар:
·                     сува кожа
·                     вртоглавица
·                     главоболка
·                     низок крвен притисок
·                     забрзан пулс
·                     покачена телесна температура
·                     замор
·                     мачнини во стомакот и повраќање кое не дава чувство на олеснување
·                     грчеви
·                     губење на свеста која може да заврши со кома и смрт.

Прва помош
Лицето за кое се сомневаме дека претрпело топлотен удар или било претерано изложено на сончевите зраци без заштита, треба да се:
·                     пренесе во ладовина или разладена просторија,
·                     да се преземат мерки за постепено разладување на организмот со ладни и ледени облоги на челото, вратот, рачните зглобови, деловите зад колената, препоните и внатрешните делови од лактите,
·                     се разладува со ладни напивки доколку пациентот е при свест,
·                     се следи телесната температура доколку е возможно, сѐ додека не се обезбеди лекарска помош.
·                     Не е дозволено нагло туширање со многу ладна вода, туку треба да се обезбеди постепено разладување.
·                     Во случај некое лице да изгуби свест треба да се стави во странична положба, за да се избегне гушење во случај на повраќање, и итно да се транспортира во болница.

По третирањето на пациентот од страна на лекарот со соодветна терапија, разладување и рехидратација, во неколку наредни денови пациентот може да очекува да има главоболки, осетливост на светлина и звуци, раздразливост и нервоза, поради што се препорачува одмор во затемнети и свежи простории, без заморувања како што се гледање телевизиски програми, работа со компјутер и слично.

Превенција од сончаница и топлотен удар
·                     избегнувајте директна изложеност на сонце во период од 11 до16 часот
·                     избегнувајте затворени загреани и влажни простории
·                     заштитете ја главата со шешир со поголема стреа
·                     користете облека од природни материјали
·                     редовно пијте вода и природни сокови
·                     одморајте се во ладовина
·                     избегнувајте интензивни физички активности директно на сонце
·                     избегнувајте алкохолни пијалаци

Термалните точки
Телото може полесно да се разлади со ладни облоги кои се поставуваат на таканаречените термални точки. Тоа се делови од телото каде поминуваат главните крвни садови (рачните зглобови, деловите зад колената, препоните, внатрешните делови од лактите, вратот).