Kомарците се натрапници што на некој начин ни го „загорчуваат“ уживањето во топлите летни ноќи. Овие двокрилни, долгоноги инсекти, освен што се познати како напасници кои го нарушуваат нашиот мир особено во летниот период, имаат и сѐ поголемо влијание врз здравјето. Имено, комарците влегуваат во најважната група на инсекти-преносители на фактори за различни заразни заболувања.
Распространетост и медицинско значење
Во светот има повеќе од три илјади видови комарци, но од медицински аспект важни се само неколку од нив, затоа што мнозинството од нив и не ги касаат луѓето. Од позначајните заболувања кои се пренесуваат и се шират со каснувањето од комарците се: маларијата, жолтата треска и разни видови енцефалитис.
Во Македонија егзистираат околу 140 видови комарци кои, за среќа, освен предизвикување на локални алергиски реакции и нарушување на мирот при извршување на секојдневните активности и при престојoт во природа, не се преносители на сериозни заболувања. Но, поради евидентните климатски промени и отворениот пазар за транспорт на производи и стоки кои може да бидат погоден медуим за развој на комарци, не е исклучена и можноста од појава на нови видови, како што е сѐ почесто спомнуваниот тигрест комарец (преносител на вирусот денга).
Кога и кој е следната „жртва“?
Комарците главно се активни во летниот период, но во зависност од временските околности, својата активност можат да ја започнат и во рана пролет, па сѐ до доцна есен. Вечерните и раните утрински часови се резервирани за напасничкиот поход кога комарците се најактивни во потрагата по „свежа крв“.
Иако комарците „напаѓаат“ едни луѓе повеќе од други, тоа нема никаква врска со количината на шеќер во крвта, цветните мириси или некои други елементи. Сите комарци се привлекуваат од јаглероден диоксид, млечна киселина и од одредени видови бактерии кои кај некои луѓе се застапени во поголема концентрација.
Зошто комарците цицаат крв?
Протеините од крвта се неопходни за развој и подигање нови генерации на комарци.
Како да се спасиме од непријатните каснувања?
- Заштита на просториите во кои престојуваме со мрежи и со завеси.
- При престој во паркови, ливади и друг отворен простор се препорачува носење лесна облека со долги ракави, по можност со светла или бела боја.
- Употреба на хемиски средства коишто ги одбиват комарците – рапиленти (само доколку е неопходно) и тоа во согласност со упатствата за употреба.
- Употреба на природни производи, во прв ред етерични масла и екстракти од растенија, како паметна алтернатива за добра и безбедна заштита од комарци.
- Комарците можат да ја намирисаат својата жртва и на далечина до 50 метри.
- Касаат само женските комарци бидејќи им се потребни протеини за положување јајца.
- Комарците не треба да се сметаат за наивни инсекти. Можат да бидат преносители на маларија, западнонилска треска и бројни други заболувња, пред сèво тропските краеви.
- Комарците не се преносители на ХИВ вирусот од еден на друг човек.
- Црната боја ги привлекува комарците. Затоа избегнувајте темна облека.
Направи сам
Лаванда – Со цветот од лаванда истријте ги деловите зад ушите, зглобовите и вратот. Не само што ќе ги избркате комарците околу вас, туку и пријатно ќе мирисате.
Мајчина душица – Едно истражување покажало дека карвакролот и алфа-терпентинот, двете состојки од есенцијалното масло на мајчина душица, се ефикасни за растерување на комарците.
Босилек и вотка – Една рака свеж босилек прелијте го со половина шолја врела вода, оставете да отстои четири часа и процедете. Додадете половина шолја вотка и ставете ја смесата во шише со распрскувач. Пред употреба протресете и нанесете по потреба.
Совети за олеснување на симптомите по каснување
Кога веќе е доцна, чешањето по каснувањето од овој инсект е најголем проблем.
Ви претставуваме природни начини кои помагаат по каснувањето. Повеќето од овие препарати се наоѓаат во нашите домови.
Мраз
Ледената терапија ќе го намали чешањето и ќе го спречи отокот на каснатото место. Мразот ги отрпнува нервите кои предизвикуваат чешање и болката, па така со помош на ладната облога ќе се ослободите од овие два проблема.
Сода бикарбона
Содата има алкална компонента која го неутрализира pH балансот на кожата. Натапкајте сода на местото на убодот.
Босилек
Ароматичниот лист на босилекот содржи камфор и тимол – две компоненти кои го намалуваат чешањето. Листот можете директно да го ставите на каснатото место.