НА ЕКСКУРЗИЈА

НА ЕКСКУРЗИЈА

Посакајте им среќен пат на вашите најмили и подгответе се да се справите со празнината од нивното отсуство!

Секое одделување од децата е тешко, па дури и кога тоа е за нивно добро. Најчесто разделбата е потешка за родителите и е исполнета со голема доза на загриженост. Но нема простор за паника. Ќе се изненадите од фактот колку децата се адаптaбилни и колку децата знаат и умеат да бидат самостојни.

Училишните екскурзии се организирани со една и единствена цел – усвојување и проширување на знаењата, а воедно и развивање и јакнење на социјализацијата и солидарноста.
Целта на  училишните екскурзии е преку забавно-рекреативни и социјализирачки игри детето да развие позитивен однос кон националните, уметничките, научните и општокултурните вредности, да го осознае влијанието на човекот врз природата и објектите и да развие способност за набљудување и запознавање на локалната средина.
Низата активности кои се одвиваат за време на едно или повеќедневните екскурзии се манифестира со поттикнување позитивни емоции, другарување и поддршка, солидарност и подобро запознавање со соучениците.
Училишните екскурзии даваат можност за градење и остварување спортска култура и навики за здрав живот.

Што сè може да биде место на реализацијаза една училишна екскурзија?
Најчесто еднодневните екскурзии се реализираат во природа (посета и набљудување на различни природни географски објекти – извор, река, езеро, шума…), обиколка на населбата или само нејзин дел (препознавање на разни општествени објекти – пошта, амбуланта…), посета во парк (градски парк, парк шума, помала зелена површина и сл.), посета на разни други објекти (фабрика, зоолошка градина, супермаркет, трговски центар и сл.), посета на едукативни установи (музеј, театар, балет, опера).

Како да го подготвите своето дете за дружење на еднодневна или повеќедневна екскурзија?
Во ранчето спакувајте им сува храна, без слатки или сокчиња поради можните мачнини. Ако планирате да им спакувате слатки и сокчиња, ставете ги во куфер, но погрижете се да има доволно и за другите дечиња. Сепак, целта на дружењето е и да научат да споделуваат со другарчињата. Задолжително додадете во ранчето доволна количина вода за пиење.
Проверете ја временската прогноза и соодветно на тоа обезбедете облека според условите. Планирајте изненадувања и ставете парче облека повеќе.
Не е практично детето да носи мобилен телефон. Дополнително го оптоварувате да се грижи за него, а воедно не му дозволувате да биде самостoјно и решително, туку за секоја ситница да ве бара за совет. Имајте број од учителката и побарајте го распоредот на активности.
Доколку вашето дете користи одредена терапија, координирајте се со учителката таа да се прими на соодветен начин и време.

Дали и колкава сума пари да му дадете на вашето дете?
Дознајте кои ќе им бидат забавните (социолошки) дружења и дајте им малку повеќе од предвидените трошоци (одење на пица, сладолед, палачинки). Преголема сума пари може да  делува негативно, предизикувајќи постојан стрес и притисок да не им ги украдат, а воедно и да стекнат чувство да ги планираат трошоците. Најдобро е да се  договорите и со другите родители околку висината на средствата кои ќе им ги дадете.

Обезбедете:

  • палома марамчиња / влажни марамчиња
  • гел за дезинфекција на раце
  • ханзапласт
  • слоевита и соодветна облека
  • доволно вода за пиење