Празниците, покрај добра можност за релаксирање и поминување пријатни мигови со најблиските, барем на нашите простори, најчесто со себе носат и обилна празнична трпеза. „Се прејадовме“ е чест одговор на прашањето како сме си поминале за празниците. Најчесто станува збор за количинско прејадување, но секако и на внес на мешавини на тешка и масна храна, слатко и кисело, и сето тоа зачинето со поголема количина на алкохол или газирани пијалаци.
Симптоми на прејадување
Доколку се чувствувате малаксано и поспано без доволно енергија, придружено со мачнина, ждригавица и главоболка, со сигурнот сте го надминале прагот на уживањето од добро подготвеното печено месо, од превкусната руска салата и од разните деликатесни макала и слатки. Кога на овие симптоми ќе се надоврзат и промените на крвниот притисок, „дијагнозата“ на прејадување е утврдена.
По една ваква обилна трпеза, нутриционистите препорачуваат веднаш да се премине кон лесна и избалансирана здрава исхрана надополнета со соодветна физичка активност. Дополнително, доколку и малку сме претерале со консумирање алкохолни пијалаци, тогаш препораката е најмалку во следните десетина дена воопшто да не се пие алкохол и висококалорични газирани и засладени безалкохолни пијалаци.
Како до нова енергија
Веднаш по денот „Д“, утрото започнете го со цеден портокал или со 2 чаши млака вода со еден цеден лимон.
Пијте околку 2 литри вода во текот на денот за да го прочистите организмот и полесно да ги елиминирате токсините.
Важно е првите три оброка да бидат лесни и количински мали со меѓуоброци во форма на овошна ужина (јаболко, круша, киви и сл). На овој начин ќе го возвратите ударот зададен од присутните слободни радикали со силни антиоксиданси внесени преку ваков вид храна.
Дневно мени
Појадок
150 г овошна салата зачинета со 4 суви сливи или
2 лажици мусли потопени во една шолја обезмастен јогурт
Ужина
1 банана
2 мандарини или
мала овошна салата од ананас, грејпфрут или комбинација по желба
Ручек
голема чинија со мешавина од зелена салата, рукола, свеж спанаќ, рендан морков, прелиено со маслиново масло и сок од лимон
барен зеленчук со свежа салата
Вечера
Бистра супа од зеленчук. Комбинацијата од праз, целер и тиквица е идеална за првата вечера по денот на прејадувањето.
Крем чорба од зеленчук. Комбинација од целер, морков, брокола, карфиол, кромид и еден помал компир се варат и се блендираат со рачен блендер.
Секако, во текот на денот консумирајте и свежо цедени сокови и чаеви (ѓумбир, нане, камилица, зелен чај и други).
Овој начин на исхрана практикувајте го барем неколку дена со што ќе му овозможите на вашиот организам брзо и здраво рехабилитирање.
Запомнете: оптималната и добро избалансирана храна е нашето погонско гориво и извор на виталност и енергија.
Празничните трпези богати со масна и солена храна, освен ефектот на прејадување, поради поголемите количини сол, може да предизвикаaт задршка на вода во организмот и на тој начин да дадат и ефект на зголемување на телесната тежина за два, па и за повеќе килограми.
Чорба од зеленчук (посна чорба од зеленчук)
Потребни состојки:
1 компир,
1 морков,
1 кромид,
1 пиперка,
1 литар вода
½ литар доматен сок
2 лажици зачин,
1 страк магдонос,
сол и бибер по желба
Подготвување:
Се мијат, се чистат и се сечкаат на коцкички компирот, морковот, кромидот и пиперката. Зеленчукот се става во подлабок сад. Потоа се додава 1 литар вода и се вари. Пред крајот се додава доматниот сок и зачинот. Садот го тргаме од оган и се досолува по желба. На крај се додава ситно сечканиот магдонос.