Појава на фалсификувани лекови
Во денешно време, значајно е да се укаже на поимот „фалсификување лекови“, нивното влијание врз здравјето на пaциентите, фармацевтската индустрија и јавното здравје.
Лажните (фалсификувани) лекови се дел од широката појава на неквалитетни лекови кои настанале како последица на намерно и лажно означување на обележјата на идентитетот или потеклото. Со оглед на високата побарувачка за лековите насекаде низ светот, фалсификувањето е дејност со високи профити.
Што се фалсификувани лекови
Фалсификуван (лажен) лек или лажно медицинско средство се сите производи кои се изработуваат и ставаат во промет со намера на кој било начин да го измамат купувачот, било да се работи за лажни податоци, идентификација, место на производство, дозволa на упис во регистарот, сертификат за анализа и пакување.
Фалсификуваниот лек може да биде: без активна супстанција, со активна супстанција но во недоволна количина, со погрешни состојки и/или пакуван во лажна амбалажа.
Фалсификуваните лекови е тешко да се откријат поради сè поголемата сличност со оригиналните лекови.
Голема опасност претставува и онлајн купувањето лекови, често по пониски цени во однос на аптеките. Дури во 50% од случаите понудата на лекови по пат на Интернет се наоѓа на илегалните сајтови и се работи за неквалитетни или фалсификувани лекови.
Содржина на фалсификуваните лекови
Фалсификуваните лекови варираат од мешавина на токсични супстанции до неактивни препарати. Во сите слуачи можат да им наштетат на пациентите. Фалсификуваниот лек може да биде производ со исправни или погрешни состојки, без или со недоволна количина на активна супстанција или спакувани во лажно пакување.
Видови потенцијални купувачи
Според резултатите од истражувањата на пазарот на лекови, најчесто фалсификувани лекови се лековите наменети за потенција, за лекување на хронични болести, притисок и дијабетес, но и лековите против рак и останати тешки заболувања. Вообичаено, тоа се лекови со голема потрошувачка или со висока цена на легалниот пазар.
Продавањето и купувањето лекови преку неовластен Интернет или на пазар не е дозволено со закон. Со такво купување, купувачот го крши законот и истовремено се доведува во непотребен ризик: дури и доколку купува нефалсификуван шверцуван лек. Нема гаранција за начинот на чување, квалитетот, ефективноста и за рокот на траење. Така добиениот лек може да биде опасен по здравјето или без терапевтско дејство. За фалсификаторите не е важен квалитетот на лекот – тие се грижат само да изгледа како оригиналниот лек.
Луѓето кои имаат проблеми со потенција, хронични болести, хипертензија и дијабетес најчесто се на удар на фалсификаторите на лекови. Последиците по здравјето од вакви лекови се погубни, а ако сакате да се уверите дали лекот е правилен, најдобро е да се обратите кај првиот фармацевт или кај Инспекцијата за лекови во Министерството за здравство.
Доколку потрошувачите се сомневаат во автентичноста на лековите, можат да се консултираат со фармацевтите кои најдобро можат да воочат дали некој лек е фалсификат или не, а исто така пожелно е тоа да се пријави кај Инспекцијата за лекови во Министерството за здравство и да го однесат лекот на анализа.
Последици од фалсификувани лекови
Примарната и најтешка последица од употребата на фалсификувани лекови е по здравјето на пациентите:
Неефикасност на третманот кога фалсификуваниот лек не содржи доволно количество активна супстанција или има несоодветни компоненти, а и погрешни количества помошни супстанции.
Може да предизвикаат токсичен ефект доколку содржат отровни супстанции во лекот и може да предизвикат невообичаени симптоми кои ја отежнуваат дијагнозата и ефективноста на трeтманот, а во некои случаи може да доведат и до фатален исход.
Може да бидат причина за појава на отпорност кон лековите кога се наменети за третирање на болести предизвикани од бактерии, паразити и други микроорганизми.
Како да се заштитиме
Во фалсификуваните лекови често се наоѓаат неактивни супстанции што доведува до неуспех на терапијата, може да бидат причина за алергиски реакции, развој на резистенција, болести, па дури и смрт. Дури и „висококвалитетните“ фалсификати кои содржат декларирана количина активна супстанција може да бидат опасни бидејќи содржината им е недоверлива, а потеклото нејасно или непознато. Токму поради овие причини, лековите и диететските суплементи треба да се набавуваат од сигурни извори, односно од аптеките.
При купувањето на лекот задолжително треба да се провери дали кутијата е добро затворена, дали употребата на лекот е јасно назначена; таблетите треба да се со еднолична форма, цели, нескршени, без пукнатини и без дупки. Доколку пациентот има каков било сомнеж во квалитетот на купениот лек, треба да му се обрати на фармацевтот.
За заштита од фалсификуваните лекови се препорачува лековите да се купуваат само во аптеките, бидејќи секој лек кој се наоѓа во аптеката е набавен од регистриран добавувач и поседува соодветна документација за потеклото и сертификат за квалитетот од Агенцијата за лекови.
Проф. д-р Бистра Ангеловска