Што е имунитет и зошто е важен?
Човековиот организам е во постојан контакт со бактерии, вируси и хемикалии. Изложен e на зрачења и загадувања од различна природа. Со цел да се справи со нив и да остане во хармонија и добро здравје, од најголемо значење е неговата способност да се одбрани од овие штетни влијанија. Механизмот кој е задолжен да ја извршува оваа примарна задача, за одбрана на нашиот организам, е имунолошкиот систем.
Основа на имунолошката реакција е да го препознае „непријателот“ и да го неутрализира, односно, да го отстрани од организмот. Тоа се случува со неспецифични – вродени и специфични – стекнати механизми.
Физиолошката функција на имунолошкиот систем е да ги спречи инфекциите, но и да ги елиминира постоечките инфекции.
Затоа, може да се каже дека здравиот имунолошки систем е основен предуслов за здравјето на човекот, како и за долг и квалитетен живот. Ако е ослабена активноста на имунолошкиот систем, поподложни сме на разни инфекции, а неговата зголемена активност значи предиспозиција за алергии и за таканаречени автоимуни болести, кога организмот реагира на сопственото ткиво.
Што го намалува имунитетот?
Бројни чинители може да го ослабат функционирањето на нашиот систем за одбрана: долги и тешки болести, стрес, исцрпеност и хроничен замор, несоодветен начин на исхрана при која е намалено внесувањето на некои хранливи материи, витамини, минерали и антиоксиданси, лошо расположение (песимизам), нехигиена, како и животниот стил со недоволна физичка активност. Пушењето цигари и други штетни навики, исто така, влијаат врз намалување на имунитетот.
Како да го зајакнеме имунитетот?
За добро функционирање на имунолошкиот систем, од голема важност е соодветно внесување на важни елементи во исхраната како: цинк, железо, бакар, селен, витамини A, B, C и E (се наоѓаат во овошјето, зеленчукот, интегралните житарки, оревите, бадемите, лешниците и во некои семиња).
Витамин C – ги стимулира клетките на одбранбениот систем, го поткрепува и го зајакнува имунитетот и има силно антиоксидантско дејство. При болест расте потребата на организмот од негово внесување.
Echinacea – најпознат растителен препарат за поддршка на имунолошкиот систем. Се употребува при хронични заболувања на системот за дишење и при склоност кон чести инфекции, како што е настинката. Не смее да се употребува при автоимуни заболувања, ниту како замена за антибиотска терапија кај тешки инфективни заболувања.
Пробиотици – треба да се земаат за време или по зачестена употреба на антибиотици кои ја нарушуваат цревната флора.
Прополис – содржи голем број лековити материи кои имаат антиоксидантски, антимикробни, противвоспалителни и други лековити својства.
Матичен млеч – содржи висока концентрација на биолошки активни состојки од природно потекло како што се: аминокиселини, протеини, шеќери, масти, витамини (A, В, C, D, E), хормони.
Лук – содржи супстанции кои го стимулираат имунитетот, имаат антибиотски својства, антиоксиданси и се препорачува негово земање како храна и/или во форма на различни препарати.
Гинсенг – растение од кинеската традиционална медицина, се употребува во различни форми, сам или во комбинација со други средства.
Алое вера – се смета дека содржи материи кои влијаат на имуниот одговор, но и антиоксиданси и средства што го намалуваат воспалението. Се употребува сам или во комбинација со други состојки во разни форми.
Антиоксиданси – материи од различно потекло чие основно својство е да ги врзуваат слободните радикали и на тој начин ја подобруваат општата состојба на организмот и на неговите одбранбени механизми. Тука спаѓаат голем број витамини, минерали, материи од природно потекло како: состојки на масло од црн дроб на ајкула, семиња, интегрални житарки и друго.
Едноставни и природни начини да го зајакнете вашиот имунитет
Спијте доволно и намалете го стресот. Недоволното спиење и изложеноста на стрес го зголемуваат лачењето на некои хормони што го намалуваат имунитетот.
Избегнувајте изложеност на чад од цигари. Ја намалува отпорноста на организмот и го зголемува ризикот од бронхитис и пневмонија кај сите, а кај децата постои и ризик од инфекција на средното уво.
Пијте помалку алкохол. Прекумерното пиење го намалува имунитетот и го зголемува ризикот од инфекции на белите дробови.
Јадете многу зеленчук, овошје, јаткасти плодови и семиња. Тие ќе го снабдат вашиот организам со неопходните материи за зајакнување на имуниот систем.
Земајте пробиотици. Се смета дека пробиотиците ја намалуваат можноста за појава на респираторни и гастроинтестинални инфекции. Производите од ферментирано млеко, исто така, може да ги намалат респираторните инфекции кај деца и кај возрасни.
Излезете на сонце. Сончевите зраци го овозможуваат создавањето на витаминот D во кожата. Ниското ниво на витамин D го зголемува ризикот од респираторни инфекции, грип и настинка.
Јадете лук. Лукот има состојки кои имаат широк антимикробен спектар и состојки што го зајакнуваат имунитетот. Топлината може да разгради некои од активните состојки и се препорачува да се додаде во храната пред сервирањето.
Умерена физичка активност. Телото се одржува во кондиција, што е многу важно за одржување на имунитетот и за спречување на многу болести и состојби.
Дружете се, излегувајте со пријателите, смејте се. Доброто расположение, активното дружење и оптимизмот позитивно влијаат на имунитетот и на општото здравје на поединецот.
Проф. д-р Бистра Ангеловска