ПУШЕЊЕТО И ЗДРАВЈЕТО

ПУШЕЊЕТО И ЗДРАВЈЕТО

 

Пушењето, како активност, претставува вдишување на чадот од растение што гори, особено тутун од цигара, пура или од луле. Пушењето е масовна појава и втор вид злоупотреба на психоактивни супстанции (никотин), веднаш по кофеинот. Истражувањата покажале дека мажите повеќе пушат кога се уморни, додека жените пушат во стресни ситуации.

Никотинот и другите слични алкалоиди влијаат на психоактивната состојба и заедно со катранот (остаток кој содржи смола и други придружни соединенија) имаат негативни здравствени последици. Тие последици вклучуваат рак на белите дробови, рак на грлото и рак на устата, срцеви болести, удари, емфизема, хроничен бронхитис и дегенерација на кожата.

Повеќето луѓе го поврзуваат пушењето цигари со проблемите во дишните органи и со појавата на рак на белите дробови. Истражувањата покажуваат дека пушењето цигари е одговорно за околу една петтина од сите смртни случаи предизвикани од срцеви болести. Пушачите имаат два до четири пати поголем ризик од болести на кардиоваскуларниот систем и околу 70 проценти повисок ризик од смртност како последица на болестите на кардиоваскуларниот систем во споредба со непушачите.

Пасивно пушење!

Чадот од цигарите не влијае само на пушачите туку и на непушачите. Кога пушите, луѓето околу вас се, исто така, изложени на ризик од здравствени проблеми, особено децата.

Пасивното пушење (вдишувањето на чадот од другите пушачи) кај непушачите го зголемува ризикот од рак на белите дробови и ризикот од синдромот на ненадејна смрт кај бебињата.

Децата кои живеат со пушачи се поподложни на настинки и инфекции.

Ризици по здравјето 

Врската помеѓу пушењето и кардиоваскуларните болести?

Пушењето е една од причините за атеросклероза – наталожување маснотии во артериите. Атеросклерозата настанува кога ѕидовите на артериите се здебелуваат, а наталожените маснотии го блокираат протокот на крв низ артериите.

Врската помеѓу пушењето и срцевиот удар?

Ризикот од срцев удар кај пушачите нагло се зголемува со бројот на испушени цигари. Не постои безбедно пушење. Луѓето кои пушат по една кутија цигари дневно имаат двојно поголем ризик од срцев удар отколку непушачите.

Врската помеѓу пушењето и контрацепцијата?

Жените кои пушат и употребуваат контрацептивни пилули го зголемуваат нивниот ризик од коронарни и периферни артериски болести, срцев и мозочен удар, споредено со женинепушачи кои земаат контрацепција.

Други медицински состојби поврзани со пушењето?

  • Намален транспорт на кислород до срцето и до другите органи во телото

  • Намалена толеранција за физичка активност

  • Намален HDL (добар) холестерол

  • Зголемен крвен притисок и забрзани срцеви отчукувања

  • Зголемен ризик од развивање болест на коронарната артерија и срцев удар

  • Зголемен ризик од појава на карцином на белите дробови, на грлото, хронична астма, хроничен бронхитис и емфизема

  • Зголемен ризик од дијабетес

  • Зголемен ризик од заболувања на непцата

  • Зголемен ризик од згрутчување на крвта

  • Почести респираторни инфекции кај децата изложени на пасивно пушење

Зошто да ги оставите цигарите?

Одвикнувањето од пушењето е една од најважните одлуки кои еден пушач треба да ги направи во животот. Оваа одлука ќе го подобри квалитетот, но и должината на вашиот живот. Веднаш штом ќе престанете со пушење, вашето тело почнува да ги поправа штетите кои биле предизвикани од пушењето. Колку порано ја донесете оваа одлука во животот, толку подобро ќе биде тоа за вашето здравје. 

Што се случува во вашето тело по откажување од пушење?

  • Во рок од првите 20 минути, крвниот притисок се намалува.

  • Во првите 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во крвта се нормализира.

  • Во период од 2 до 12 недели, циркулацијата се подобрува и функцијата на белите дробови се зголемува.

  • Во периодот од 1 до 9 месеци, кашлањето и отежнатото дишење се намалуваат.

  • Во првата година, ризикот од коронарна срцева болест е за половина намален, во однос на пушачите.

  • По 5 години, ризикот од срцев удар е намален, односно еднаков со оној на непушач.

  • По поминати 10 години по откажувањето, ризикот од рак на белите дробови паѓа на околу половина од ризикот кој го носи непушач и ризикот од рак на устата, грлото, хранопроводот, мочниот меур, грлото на матката и панкреасот се намалува.

  • По 15 години, ризикот од коронарна срцева болест е еднаков со оној кај непушачите.

Не е сè така лесно

Симптомите кои се појавуваат на почетокот на одвикнувањето од цигари се вртоглавица, депресија, чувство на фрустрација, нетрпеливост и лутина, мачнини, раздразливост. Се појавуваат и проблеми со спиењето, немир, замор, деконцентрација, зголемен апетит и побавно отчукување на срцето.

Престанокот со пушењето опфаќа неколку различни пристапи, почнувајќи од лекови и психотерапија до посебни часови и програми. Пушењето е навика која е тешко да се прекине, бидејќи вклучува многу различни аспекти на емотивниот и социјалниот живот на индивидуата, како и физичка зависност од никотинот. Повеќето луѓе кои се откажале од пушењето успешно, користат комбинација на третмани или техники за откажување.

Како?

  • Изберете вистински мотив

За да бидете и за да останете мотивирани, ви треба силна, лична причина да престанете да пушите. Изберете причина која е доволно силна да ја надмине потребата да запалите цигара.

  • Не плашете се

Може да биде многу примамливо да ги фрлите цигарите во корпа за отпадоци и да кажете дека сте престанале да пушите. Сепак, 95 проценти од луѓето кои се обидуваат да престанат да пушат без соодветна терапија, се враќаат на пушењето. Причината во тоа е никотинската зависност.

  • Пробајте никотинска терапија

Кога ќе престанете да пушите, повлекувањето на никотинот може да направи да се чувствувате фрустрирано, депресивно, немирно или раздразливо. Исто така, желбата за цигара може да биде неиздржлива. Никотинската терапија може да ги намали овие симптоми. Истражувањата покажуваат дека користењето никотински гуми за џвакање или фластери може двојно да ги зголемат шансите за престанување со пушењето. Комбинирање на овие производи со цигарите не е препорачливо.

  • Побарајте лекарства

Постојат лекови кои ја намалуваат желбата за никотин. Други лекови, пак, може да помогнат да се намалат проблематичните симптоми на одвикнување, како што се депресија или намалена концентрација.

  • Не поминувајте сами низ одвикнувањето

Кажете на пријателите, семејството, на колегите од работа дека се обидувате да престанете да пушите. Нивната поддршка може да биде од голема помош и важност.

  • Контролирајте го стресот

Една од причините поради која луѓето пушат е тоа што никотинот им помага да се опуштат. Кога ќе престанете да пушите, ќе мора да најдете нов начин на кој ќе се изборите со стресот. Обидете се со редовни масажи, слушајте музика која релаксира, учете јога или таи чи. Ако е можно, избегнувајте стресни состојби првите неколку недели откако ќе престанете да пушите.

  • Избегнувајте алкохол и други предизвикувачи

Одредени активности може да ја зголемат желбата за пушење. Алкохолот е еден од најчестите поттикнувачи, па обидете се да го консумирате што е можно помалку, откако ќе престанете да пушите. Ако морате да запалите цигара со кафе, првите неколку недели почнете да пиете чај. Ако, обично, пушите по оброк, најдете нешто друго со што ќе ја замените таа навика, измијте ги забите веднаш по оброкот или џвакајте гума.

  • Исчистете го домот

Откако ќе ја запалите својата последна цигара, фрлете ги сите запалки и пепелници што ги имате дома. Верувајте, нема да сакате да ја видите или да ја помирисате која било работа што може да ве потсети на пушење.

  • Не престанувајте да се обидувате

Многу често се случува луѓето да се откажат и повторно да почнат да пушат.

Никогаш не престанувајте со обидите!

  • Движете се

Физичката активност може да помогне во намалување на желбата за никотин, па може да олесни и некои симптоми при одвикнувањето. Дури и мал тренинг е доволен, како што е лесна прошетка или чистење на градината.

  • Јадете овошје и зеленчук

Јадете што повеќе овошје, зеленчук и млечни производи со ниска маснотија. Студиите покажуваат дека овие намирници го влошуваат вкусот на цигарите. Ова ќе ви помогне да ја намалите желбата за цигари, а истовремено ќе внесувате хранливи состојки кои се важни за нормално функционирање на организмот.

  • Одберете своја награда

Покрај огромните здравствени предности, една од привилегиите од престанување со пушењето се и сите пари кои ќе ги заштедите. Наградете се така што со тие пари ќе си купите нешто забавно.

Никогаш не е доцна!

Донесете одлука и започнете сега. Кога ќе се вратат свежината, здивот, чувството на мирис и вкус, и кога нема да чувствувате замор и при најмал напор, барањето на место за пушачи ќе биде минато. Ваквата одлука со сигурност ќе ви го смени квалитетот на животот. На подобро, се разбира.

Проф. д-р Бистра Ангеловска