КЛИМА УРЕДИ – Опасности и совети за безбедна употреба

КЛИМА УРЕДИ – Опасности и совети за безбедна употреба

Во време кога сме соочени со проблемот на климатските промени и сѐпоголемиот број екстремно топли денови во летните месеци, клима уредите не претставуваат само прашање на комфор или луксуз, туку и неопходност за заштита на човекот од неповолните внатрешни и надворешни влијанија, и подобрување и адаптирање на работните и на животните услови.

Колку употребата на клима уредите е добра или лоша?

Несоодветната употреба, несоодветното приспособување и одржувањето на клима уредите и системите за климатизација, покрај многуте погодности може да имаат и низа недостатоци.
Па, така, наместо комфор и удобност, клима уредите може да  предизвикаат и здравствени тешкотии, па дури и посериозни заболувања.
Докажано е дека долготрајниот престој во климатизирани простории ги влошува симптомите на артритис и воспаленијата на синусите, а зачестена е и појавата на грип, настинки и воспаленија на дишните патишта, токму поради неправилната употреба на клима уредите.
Покрај ова, константното изложување на телото на температурни шокови секојпат кога излегуваме од разладена просторија на пеколните температури надвор, предизвикуваат стрес кој со текот на времето се одразува и на нашето здравје.

Од каде да се започне и како да се избегнат последиците?

Најважно од сѐ, при купувањето клима уред е соодветниот избор на климатизер што ќе ги задоволи карактеристиките и потребите приспособени на домот или на работниот простор. Изборот на место за поставување дополнително ќе придонесе дали и колку клима уредот ќе го наруши и ќе има влијание врз престојот во просторот. Клима уредот не треба да биде поставен така што директно ќе дува кон местото каде што најчесто престојувате (гарнитури за седење, трпезариска маса). Најдобро е клима уредот да се постави на дискретно место во дневната соба или на позиција од која ќе може да ги „покрие“ повеќето простории во домот.
Лошиот избор и лошото поставување на уредот се првите чекори за очекувани проблеми.

Одржување

Редовното одржување на клима уредите во никој случај не смее да се изостави, затоа што е од големо значење за исправноста и за правилно функционирање на уредот, но и за здравјето на корисниците. Нередовното чистење и одржување предизвикува не само лош квалитет на воздухот и непријатна миризба, туку и придонесува за размножување на бактерии, мувла и габички. На овој начин, клима уредот прераснува во причинител за појава на алергиски реакции, кашлање, кивање, главоболка и сл. Неретко клима уредите се расадници и на бактериски инфекции од кои најкарактеристична е појавата на таканаречена „легионерска болест“ која се добива од бактеријата легионела (Legionella pneumophila). Станува збор за  тешко воспаление на белите дробови кое неретко знае да заврши и со фатални последици.
Се препорачува клима уредот темелно да се исчисти еднаш годишно, најдобро на крајот на пролетта. Не треба да се чека од клима уредот да почнат да се шират непријатни миризби или климата да почне послабо да лади или да грее.

Приспособување

За време на топлите и спарни денови се препорачува престој во климатизирани простории, особено на постарите лица, хронично болните и лицата со зголемен крвен притисок. Соодветнататемпература и влажност на воздухот директно влијаат на општото здравје на луѓето, нивната продуктивност и креативност. Но, секако,притоа треба да се внимава разликата помеѓу надворешната температура и таа во просториите, да не е поголема од 5-7 степени Целзиусови. Поголемата разлика во температурата е штетна по здравјето, бидејќи наглите промени се причина кај организмот да доведат до висок степен на стрес. Што се однесува навлажноста на воздухот, најдобро е таа да биде 50%, а клима уредот да биде поставенполека да го испушта студениот воздух.

Клима уред во вашиот автомобил – ДА или НЕ?

Ако одите на подолг пат, клима уредот е неопходен. Млазот на студен воздух насочете го да не „бие“директно кон вас или кон другитепатници во автомобилот. Пред да излезете од возилото,исклучете ја климата на десет минути, а пред да го напуштите возилото отворете ги прозорците да се навикнете на надворешната температура и,на тој начин,да го избегнете температурниот „шок“.
Како и кај домашните уреди, и клима системите во возилата треба да бидат соодветно сервисирани и одржувани.