За повеќето од нас, летото несомнено е најомилениот период во годината. Период резервиран за многу сонце, забава и одмор покрај море. Сèшто е потребно за полнење на батериите и за добро здравје. Сепак, и покрај сите добри страни, летото, а особено високите летни температури сè почесто стануваат и сериозна закана врз здравјето. Поради ова, сè почести се и препораките на лекарите за важноста од соодветно однесување и заштита, особено кога се во прашање критичните групи како што се старите лица, бремените жени, хронично болните и малите деца. Сепак, и сосема здравите лица не се имуни на овие влијанија, па препораките и советите важат подеднакво и за нив.
Како реагира нашиот организам?
Во услови на континуирана зголемена надворешна температура, организмот се обидува да се приспособи, поради што доаѓа до зголемено губење течности, зголемено потење и до ширење на крвните садови. Ова доведува до забрзано губење на електролитите од организмот, дехидрирање, пад на крвниот притисок и шеќерот, и појава на симптоми на малаксаност, вртоглавица и главоболка.
Кој е прв на удар?
Високите температури најмногу главоболки им предизвикуваат на лицата со срцеви заболувања, дијабетичарите, лицата кои страдаат од покачен крвен притисок, како и на лицата со респираторни проблеми.
Кој е прв на удар?
Високите температури најмногу главоболки им предизвикуваат на лицата со срцеви заболувања, дијабетичарите, лицата кои страдаат од покачен крвен притисок, како и на лицата со респираторни проблеми.
Овие лица мора да обрнат особено внимание и да водат сметка за своето здравје во периоди на високи или екстремно високи температури. Одбранбениот механизам кај овие лица работи со зголемено оптоварување, па симптомите на приспособување се засилени и често доаѓа до влошување на здравствената состојба. Сепак, ова не значи дека хроничнo болните не може да поминат низ овие препреки. Следењето на дадените совети и редовната употреба на пропишаната терапија ќе им овозможат подеднакво да уживаат во благодатите на летото.
Високите температури предизвикуваат варирање на крвниот притисок
Високите температури и зголемувањето на влажноста предизвикуваат брзо ширење на крвните садови проследено со нагло опаѓање на крвниот притисок и забрзување на срцевите отчукувања. Оваа појава е карактеристична и за здравите лица, но особено е ризична за луѓето со слабо срце, покачен крвен притисок и лица кои се на терапија за намалување на притисокот. Симптомите се карактеристични и вклучуваат заматен вид, вртоглавица, постојано чувство на жед, краток здив, па дури и несвестица. Затоа, кај овие лица се препорачува редовна лекарска контрола, соодветна корекција и приспособување на терапијата и, секако, приспособување на исхраната со редовни оброци и доволно количество течности.
Освен тоа, кај лицата со срцеви заболувања се препорачува да избегнуваат физичка активност и движење надвор во најтоплиот период од денот. Доколку веќе се практикува некаква активност, добро е таа да се изведува рано наутро или во вечерните часови. Останатиот дел од денот треба да го поминат во потемна и разладена просторија.
Тешкотии во текот на летните периоди чувствуваат и лицата со проширени вени. Кај овие лица се препорачива што помалку седење и често подигање на нозете над нивото на срцето (во лежечка положба). Може да помогне и масирање на нозете и употреба на препарати за намалување на болката и на отоците.
Дијабетичарите треба секојдневно да го проверуваат нивото на шеќерот во крвта.
Во летните периоди, кај лицата кои боледуваат од дијабетес имаат зголемен ризик од влијанието на сонцето на опаѓање на нивото на шеќерот во крвта. Ова се должи на намалената способност за потење. Со самото ова, осцилациите на шеќерот во крвта кај овие лица се поизразени, а дехидрацијата настапува побрзо. Поради тоа, дијабетичарите треба редовно да го проверуваат нивото на шеќерот во крвта и да водат сметка на исхраната. Симптомите како што се треперење, чувство на слабост и бледило, се само знаци на предупредување, особено ако тие се резултат и на нередовна и несоодветна исхрана.
Високите температури може негативно да влијаат и на ефикасноста на терапијата за дијабетес, особено кај лицата кои примаат инсулин. Поради ова, неопходна е секојдневна контрола на нивото на шеќерот во крвта и соодветно дозирање на лековите во консултација со лекар.
Доколку одите на пливање, потребно е претходно да го измерите нивото на шеќерот во крвта. Доколку вредноста е повисока од 16mmol/l, физичката активност е добредојдена , но доколку нивото на шеќерот во крвта е под 8mmol/l, пред пливањето потребно е да консумирате намирници кои се богати со јахглехидрати, за да се избегне состојба на хипогликемија.
Лицата со болески на респираторниот систем се советува да седат во разладени простории и да мируваат.
Топлото време не е погодно и за астматичарите, затоа што телото разладувајќи се троши дополнителна енергија. Ова доведува до трошење на кислородот во крвта и до појава на забрзано дишење. Вдишувањето на топлиот воздух ги иритира дишните патишта, па се појавуваат симптоми на гушење и свирење во градите.
На лицата кои страдаат од астма не им се препорачува да излегуваат надвор во периодот од 10.00-17.00 часот. Им се препорачува да мируваат во разладени простории.
Пожелно е облеката што ја носат, да биде од лесни природни материјали, бидејќи синтетичката облека спречува испарување на потта и предизвикува прегревање на организмот.
Спортувањето е дозволено во раните утрински часови и доцните попладневни часови, а оброците треба да бидат лесно сварливи и во повеќе мали порции.
Употреба на лекови во период на високи летни температури
Еден од најзначајните негативни ефекти на топлото време поврзано со употреба на одредени лекови е намалувањето на ефектот на потење.
Бидејќи 90% од способноста на телото да се разладува е преку системот на потење, намалувањето на капацитетот на потење може да предизвика дополнителни компликации.
Имајќи предвид дека повеќе лекови може да делуваат на системот за терморегулацијата, особено е важно да ги следите инструкциите на лекарите и фармацевтите, со цел безбедна употреба на лековите и минимизирање на несаканите реакции.
Општи препораки за заштита и за однесување во услови на високи и екстремно високи надворешни температури
- Колку што е можно, избегнувајте излегување во надворешна средина во периодот од 10.00-17.00 часот;
- Избегнувајте напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности;
- При неопходен престој на отворен простор, избегнувајте директна изложеност на сонце, најдете можности за почести одмори под сенка;
- Носете светла и лесна облека (светлите бои во извесна мера ја одбиваат светлината) од природни такенини (памучни, ленени), ставете заштитни очила и капа;
- Внесувајте големо количество течности (не чекајте да бидете жедни), почнувајќи од обичната вода за пиење, па сè до минерализирани безалкохолни пијалаци;
- Избегнувајте алкохолни пијалаци и пијалаци кои содржат кофеин, како и екстремно ладни пијалаци;
- Внесувајте помало количество храна. Избегнувајте мрсна и висококалорична храна и храна која содржи поголемо количество шеќер;
- Бидете дисциплинирани во однос на дадените препораки за својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително консултирајте го вашиот лекар или фармацевт;
- Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо, и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате;
- Доколку имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на поладно место и напијте се течност што содржи електролити.