Девојка со убавина која плени и глас кој освојува. Млада, амбициозна и талентирана. Едноставно, Викторија Лоба. Сметаме дека воведот е пишуван години наназад на јавната сцена, па со овој наш „Аптекарски разговор“ ќе се обидеме да проговориме и да дознаеме нешто ново и можеби помалку познато.
Ваш Аптекар: Актер и уметник во душа, секогаш ведра и насмеана. Како би се опишале самата себе?
Викторија Лоба: Јас сум сангвиник, интуитивен екстроверт, пејач и креативен идеалист. Човек кој сака постојано да учи и да се надградува интелектуално и духовно.
Ваш Аптекар: Дали можеби улогата на аптекар некогаш била на листата „што сакам да бидам” и како Вие лично ги доживувате лицата во бел мантил од зад пултот?
Викторија Лоба: Лично, јас никогаш не сум се замислувала во бел мантил, иако мојата мајка имаше голема желба пред да се запишам во музичко, да учам медицина. Сепак, мојот животен пат бил поинаков, но затоа мојата најдобра другарка од детството работи како фармацевт и јас секогаш со голема почит ги гледам луѓето во белите мантили.
Ваш Аптекар: Во време кога стресот и хроничниот замор стануваат „ноќна мора“ дури и за помладите генерации, Вие несомнено оставате впечаток дека „страдате“ од вишок енергија, ведар дух и самодоверба. Дали Викторија има магичен рецепт, дали е тоа дарба, или искуство кое Ве научило како да се остане во средината на нештата?
Викторија Лоба: Точно е дека природно имам ведар дух и многу животна енергија. Верувам дека е поради позитивниот став кон животот, но знам некогаш толку да се уморам од работа, што ме спасува само долг и квалитетен сон. Сонот дефинитивно е многу важен исто како и правилната исхрана и конзумирање на доволно количество на вода. Мене во живот ме враќа протеинската супа или шејк ако е утро, а исто така, многу сакам да пијам зелен чај кој ме буди подобро и од кафето.
Ваш Аптекар: Колку храната е фактор кој Ве оптоварува? Сведоци сме на наплив на разни програми и режими на исхрана. Дали сте следбеник на некој од овие трендови, и кој е Вашиот избор кога е во прашање храната?
Викторија Лоба: Конзумирам пред сѐ здрава храна, припазувам да внесувам доволно растителни протеини во исхраната и секако, дополнително пијам комбинација од витамини и минерали наменети за жени. Никогаш не сум држела диети, а кога сакам да подослабам, само намалувам со количество на храна.
Ваш Аптекар: Дали и колку Викторија сака да готви и да го поминува времето во кујна?
Викторија Лоба: Готвењето е мојата јака страна, но за жал, немам многу време сега за во кујна.
Ваш Аптекар: Со оглед на тоа дека секогаш изгледате беспрекорно, зрачите со убавина и спокој, колку во оваа трка со времето има простор кој е посветен само на Вас? Што е тоа што Ве релаксира и што Ви ги полни батериите?
Викторија Лоба: Секоја вечер пред спиење си посветувам околу два часа на себеси. Се релаксирам со музика, читам или пешачам, можам да си направам и некој свој домашен спа третман на лице како сите жени,нели :).Но вистинско релаксирање за мене е да сум блиску до природата.Tоа ме полни со чиста енергија и ме трга од негативните мисли.
Ваш Аптекар: Дали и колку спортот е задолжителен за Викторија?
Викторија Лоба: Задолжителен е, уживам во спортските активности како џогинг, пливање, пешачење итн.
Ваш Аптекар: Дали можеме на читателите на Ваш Аптекар да им откриеме што во моментот работи Викторија и што може да очекуваме кога се во прашање музиката и актерството?
Викторија Лоба: Во моментот работам на неколку проекти, а најважниот проект е мојот албум на македонски и на англиски кој е веќе при крај и кој ќе го промовирам оваа есен.
Ваш Аптекар: Кој би бил Вашиот совет до нашите читатели? Која е Вашата формула, за добро здравје, добро расположение и ведар дух?
Викторија Лоба: Да го сакаат животот, да бидат благодарни дури и на најмалите убави нешта и да негуваат позитивно мислење. Тоа е алатката која мене ми помага да совладам проблеми и да останам во добро здравје.