Грипот е акутна вирусна инфекција која се јавува во целиот свет. Во Европа годишните епидемии на сезонски грип обично се случуваат во текот на есента и зимата и можат да заразат до 20 % од населението.
Сезонскиот грип често предизвикува непријатност во период од неколку дена кај сите заразени лица со своите вообичаени симптоми, но лицата обично прилично брзо закрепнуваат. Сепак, за лица кои имаат широк спектар на здравствени проблеми, грипот може да биде сериозна, па дури и фатална болест.
Кои лица се изложени на ризик?
Оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации од грип се возрасните над 65 години, бидејќи имунолошкиот систем слабее со текот на годините и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите, како на пример грипот. Исто така, доколку заболениот претходно веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест, или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен.
Светската здравствена организација (СЗО) им препорачува на лицата на возраст над 65 години и лицата со здравствени проблеми да се вакцинираат против грип секоја година. Вакцините против грип се безбедни, а несаканите реакции се мали, особено во споредба со многу поголемиот ризик од компликациите од грип.
Што препорачува СЗО?
СЗО им препорачува на бремените жени да се вакцинираат против грип бидејќи се повеќе склони на потешка форма на болест кога се заразени со грип, и тоа може да има негативни последици за фетусот. Што е уште поважно, вакцината против грип дадена за време на бременоста го штити и новороденчето во првите месеци од животот.
Исто така, здравствените работници се сметаат како ризична група со оглед на тоа што се повеќе изложени на различни вируси на дневна основа, вклучувајќи го и грипот, и треба да се заштитат.
Најдобар начин да се спречи инфекцијата од сезонскиот грип е вакцинацијата. Со оглед на тоа што вирусите на грип се менуваат, потребно е да се прими сезонска вакцина секоја година за да се остане во чекор со циркулирачките вируси. За превенција на ширење на грипот не треба да ги заборавиме и вообичаените хигиенски мерки како редовно миење на раце, редовно чистење на заеднички површини и проветрување на просториите, покривање при кивање и кашлање, отстранување на користените марамчиња. Во случај на појава на симптоми на грип посетете го вашиот матичен лекар и избегнувајте ги другите лица.