Како жените го доживуваат своето тело?

Како жените го доживуваат своето тело?

И со диплома под рака, успешна кариера, среден дом, витка става, жените сѐ уште не се задоволни од својот изглед.

Иако жените влегоа во парламент и во вселенско летало и стојат во првите борбени линии кога се одлучува за судбината на оваа наша планета, се чини дека сѐ уште не научија дека вишокот околу половината не ги прави помалку луѓе.

Како било порано?

Назад во времето кога се носеа минивал фризури и жените слабееја пиејќи оцет, популарните светски магазини истражуваа како жените го доживуваат своето тело. Заклучокот бил дека се доживуваат предебело; 41 % не биле среќни со својот изглед.

Девојките од легендарната серија „Чувари на плажата“ (Baywatch) и преслабите модели на пистите и насловните страни на магазините, беа главните виновници за порастот на анорексичните девојки кои одеа во крајности само за да изгледаат ковчесто и да се вклопат во идеалот за совршен изглед.

Денес, тој идеал е сменет, бидејќи во мода се дамите со облини. Но, главниот проблем сѐ уште не е решен. Прашањето е зошто воопшто треба да постојат било какви идеали и шаблони за тоа како треба да изгледа една жена? И второ, зошто секогаш притисокот за некакви си совршени пропорции си го присвојуваат жените, а не мажите?

Ветар во грб се социјалните медиуми кои колку и да го олеснуваат споредувањето на жените една со друга, истовремено поттикнаа движење за себеприфаќање. Сѐ поголем е бројот на жени, знајни и незнајни, кои го промовираат здравиот изглед, природната убавина и стареењето како нормален процес.

Но, очигледно ќе треба да почекаме за да дојдеме до бројки кои велат дека помал е бројот на жени кои имаат проблем со самодовербата во однос на оние кои немаат. Истражувањето од 2014-та на светски познатиот магазин Glamour, потврди дека начинот на кој жените го доживуваат своето тело 30 години подоцна (после истражувањето што го споменавме погоре) е всушност полош. Во истражувањето биле вклучени 1.000 жени на возраст од 18 до 40 години, 54 % од нив (13 % повеќе од 1984) се несреќни со својот изглед, додека 80 % велат дека е доволно да се погледнат во огледало за да се чувствуваат лошо.

Овие податоци се сосем контрадикторни на честото себеизложување и промовирање на социјалните медиуми и уште една потврда дека истите служат за маскирање на несамодовербата меѓу женската популација. И самите психолози потврдуваат дека жените кои не практикуваат да се изложуваат себеси на социјалните медиуми и да ги коригираат фотографиите пред да ги објават, во принцип се жени кои имаат самодоверба.

Што е поинаку денес?

Дали ја паметите Изабел Каро? Француски модел кој осамна на билборд во 2007-та и го згрози светот со својата анорексична појава? За жал девојката почина, но и тоа како ја поткрена свесноста за болеста. Денес и модните дизајнери не патат по анорексични модели, напротив, сега во ек е натпреварот за најголем задник и најсекси облини и стартуваше ерата на полничките (plus size) модели. Во превод, се сменија трендовите кои повторно се оддалечуваат од здравиот изглед.

Потврда за тоа е податокот дека oд 1984-та па наваму, светот генерално е здебелен: Бројката на згоени луѓе е речиси двојно поголем и тоа меѓу возрасните од 20 до 74 години, а сѐ поголем е бројот на деца кои се соочуваат со вишок килограми.

Но, порастот на конфекцискиот број не е причината за пад на самодовербата меѓу жените, бидејќи несреќни се и оние со нормална тежина. На прашањето: „Со колку плус килограми сѐ уште би биле задоволни од изгледот?“ 60 % од жените, без оглед на тоа колку тежеле, одговориле дека можат да си дозволат максимум 2 килограми. За повеќе од третина доволен е само 1 грам за да ја сменат перцепцијата за себе.

Зошто жените се престроги со себеси?

Местото каде што жените го бараат спасот за да не се удават од комплекси е истото она што ги влече кон бездната, тоа место гласи: социјални медиуми. 64% од жените изјавиле дека после разгледувањето фотографии на Facebook или Instagram, инстантно го замразуваат своето тело.

Но, на интернет има сѐ, девојки во различни облици и големини и секојдневие далеку од гламурот на Холивуд, зарем тоа не требаше да ја прошири човечката перцепција за убавина?

Очигледно дека не! Разликата е тоа што порано жените се споредуваа со познатите телевизиски лица и оние од магазините, а денес се споредуваат со огромна бројка на обични жени од соседството. А тоа е уште поболно, бидејќи овие обични жени не се платени да изгледаат како што изгледаат, а сепак изгледаат како од црвен тепих.

За да го тестираат ваквиот феномен, истражувачите им покажувале на испитаниците три фотографии од девојки во бикини, но од вратот надолу. Потоа им биле покажани истите фотографии со откриени лица. Се работело за актерката Џесика Бел, тенисерката Серена Вилијамс и моделот Кендис Свонпул. Испитаниците требале да опишат како овие фотографии влијаеле врз нивната перцепција за изгледот; генерално полошо се чувствувале гледајќи ги фотографиите без лик.

Анонимните жени можат да бидат било кои“, објаснува клиничкиот психолог Џесика Цукер. „Кога не знаете дека се работи за позната личност, вашите очекувања се менуваат; веднаш помислувате дека тоа тело треба да ви биде достижно“.

На социјалните медиуми обично гледаме делови од тело на пример, само стомакот, обликувани раце или задник, а тоа влијае да престанеме и сопственото тело да го гледаме како една убава целина. Можеби вашата уста сама по себе не е атрактивна и полна, но тоа не значи дека вие не сте убави.

Социјалните медиуми нѐ поттикнуваат да бараме вреднување и потврда од другите, па секое објавување фотографии е во функција да се соберат што повеќе лајкови. Кога под вашата фотографија нема да осамне прифатлива бројка на лајкови, нормално дека ќе се запрашате: „Дали сум грда?“ Фрапантно е тоа што ваквите грижи ги поттикнуваат жените на драстични мерки. Пластичните хирурзи потврдуваат дека жените поттикнати од тоа да изгледаат убаво на профил фотографијата на Facebook подлегнуваат на корекции. „Жените се тотално обземени со совршени selfie фотографи,“ тврди Семјуел Ј. Беран, пластичен хирург во Њујорк. „Сите мислат дека нивниот нос е голем, дека им требаат филери или дека нивната лева града е поголема од десната.“ Константната потреба другите да ни потврдат дека изгледаме убаво го маргинализира и она што изгледа сосем во ред.

Потребата нз жените да бидат вреднувани според изгледот е интензивирана од преголемото онлајн изложување: 1.8 милијарди фотографии секојдневно се прикачуваат и споделуваат само на една социјална мрежа. Денес, константно ги консумираме медиумите, на моменти дури се бориме да им избегаме. Колку повеќе време жените трошат за да разгледуваат туѓи фотографии, толку повеќе се опседнуваат со својот изглед.

Дали жените некогаш ќе се променат?

Најлошо е тоа што физичките комплекси на жените се одразуваат и во останатите сфери од нивниот живот – 30% од жените ги спречува да водат љубов со партнерот, 27% се воздржуваат од средби со нови луѓе, 17% се плашат да излезат на состанок.

Во раниот 20-ти век жените го прифаќаа она што им беше дадено – крупни или ситни, сеедно. Во средните 20-ти години почнаа да го користат терминот „имиџ’ и научија дека имиџот е флексибилен и со него може да се манипулира преку диета, мејкап и облека. Жените си наметнаа долг да го контролираат по секоја цена. Дали би паднале на зборовите: „Твоето тело е убаво без оглед на се?“ Можеби да, но во наредната секунда на Инстаграм ќе ви се појави некоја неодолива блогерка и сѐ ќе падне во вода.

Опседнувањето со изгледот треба да биде секундарна работа во услови кога жените се на позиција да го променат светот, но очигледно не е така.

Колку жените се поуспешни, толку повеќе треба да докажуваат дека се женствени. На жената полесно ѝ е да приграби моќ доколку тоа го прави на женствен начин – да покаже дека сака да се облекува убаво и дека се грижи за своето тело – бидејќи на тој начин ја доживуваат како помала закана. Но, женскиот идентитет не го дефинираат колковите, градите, ниту задникот. За да се уверите во тоа, присвојте ја оваа тактика:

Што ве прави среќни?

Кога ова прашање им било поставено на мажите, поголемиот дел од нив одговориле: „Успехот на работа“. Поголемиот број од жените за жал одговориле дека најсреќни би биле кога би ја намалите тежината.Потребно е подлабоко да погледнете на работите. Земете лист хартија и напишете три нешта што би ве усреќиле, а што немаат никаква врска со изгледот (се брои намалувањето на тежина ако е во функција да го намалите холестеролот, а не конфекцискиот број). Закачете го листот на огледалото за секојпат кога ќе се погледнете да се сетите што навистина ќе ви го подобри животот.

Престанете да се споредувате. Истражувањето покажало дека жените кои биле најсреќни со својот изглед, не се споредувале со други. За да престанете и вие, сетете се на некој свој квалитет што не е поврзан со изгледот на пример, вие сте одличен слушател кога некој има мака. Секој пат кога ќе се фатите себеси како зјапате во нечија фотографија велејќи си: „Камо и јас да имав такви нозе…“ Престанете! Пробајте нешто вака: „Преубави ѝ се нозете. Среќа што јас имам (додајте некој од вашите квалитети)“. Можеби звучи будалесто, но успева.

Тестирајте се после скролање на Инстаграм. Откако ќе се одјавите од социјалните мрежи, се чувствувате ли полошо? Ако да, време е да олабавите од нив. Обидете се да се воздржите од навиката да прегледувате фотографии, бидејќи истражувањето покажало дека не целото време поминато на Facebook ја оштетува перцепцијата за себеси, туку времето потрошено за прегледување на профилите на пријателите.

Почнете да вежбате. 97 % од жените кои биле среќни со своето тело изјавиле дека вежбањето им помогнало, 99 % потврдиле дека диетите се неуспешни. Вежбањето прави телото да се чувствува моќно и го тера мозокот да не му придава значење на изгледот.

Глумете. Кога жените биле замолени да го опишат своето тело со еден збор, 35 % од одговорите биле остри („труп“, „одвратно“, „кусо и набиено“). 37 % проценти од одговорите биле прекрасни („здраво“, „секси“, „мускулесто“, „совршено“). Ако вашиот одговор не спаѓа во втората категорија, смислете позитивен одговор, да буквално смислете го и кажете го. Секојпат кога ќе го правите тоа, вие всушност ќе го поттикнете мозокот да размислува позитивно. Да, треба храброст да се сакаме онакви какви што сме, но тоа е возможно.

8ми март

ДА ПРЕМИНЕМЕ НА ФАКТИТЕ

Клучните откритија од ексклузивното истражување во 1984 и 2014 на тема: Како жените го доживуваат своето тело?

ЖЕНИТЕ ИМААТ ПОЛОША ПЕРЦЕПЦИЈА ЗА СОПСТВЕНИОТ ИЗГЛЕД

41% од жените во 1984 биле несреќни со изгледот. Во 2014-та таа бројка скокна за 13 проценти, што значи 54% од жените не се среќни како изгледаат. И додека 73% од жените со прекумерна телесна тежина не го сакаат своето тело, 49% од оние што тежат нормално изјавиле дека се дебели.

И МАЖИТЕ СЕ НЕЗАДОВОЛНИ, НО ТОА НЕ ГИ ДЕФИНИРА

33% од мажите во 2014-та изјавиле дека не се задоволни од својата физичка појава (не биле вклучени во истражувањето во 1984-та), но тоа не ги загрижува. „Мажите се дефинираат себеси врз основа на тоа што го работат; нивното тело не е центарот на нивниот идентитет и себе вреднување,“ вели д-р Џејмс Махалик од Колеџот Бостон.

ШТО НАЈМНОГУ БИ ГИ УСРЕЌИЛО ЖЕНИТЕ?

Намалување на килограмите – најчестиот одговор и во двете истражувања, но првиот пат го одбрале 42 %, додека во 2014-та рекордни 54 %. Дури и жените кои нормално изгледале изјавиле дека тоа им е број еден приоритет. (За споредба: 21 % од жените избрале „успех на работа“; 13 % избрале „средба со стара пријателка“; 11 % избрале „состанок со оној што го обожавам“).

ЖЕНИТЕ НАЈМНОГУ СИ ГО МРАЗАТ СТОМАКОТ

Во 1984-тата кога Џејн Фонда важеше за идеал, бутините биле најомразениот дел од делото; 72 % од жените ги мразеле своите колкови и бутини. Во 2014-та па до денес, 76 % од жените се незадоволни од својот стомак.

ЖЕНИТЕ ПОЧНУВААТ ДА СФАЌААТ ДЕКА НА МАЖИТЕ НЕ ИМ Е ВАЖНА ТЕЖИНАТА

Само 47 % од испитаничките мислат дека треба да бидат слаби за да ги привлечат мажите, за разлика од 80 % назад во 1984-та. ПРОГРЕС!

И УШТЕ ПРОГРЕС…

На прашањето дали се доживуваат за ниски, премногу високи, дебели или преслаби, 15 % од жените во 1984-та одговориле „таман сум“. Во 2014-та истото за себе го мислат 22 % – голем чекор за жените, уште поголем за човештвото.