Колку грама сол водат до хипертензија?
Прехранбената сол е незаменлив дел од исхраната на човекот. Без сол, храната е како без вкус. Освен што му помага на човекот полесно да ги задоволи рецепторите за вкус, солта содржи натриум – минерал неопходен за здраво срце.
Но, само мало отстапување од препорачаниот дневен внес на натриум е доволен за минералот да се претвори во непријател број еден на срцето.
Луѓето консумираат сѐ повеќе сол!
Кујнската сол (натриум хлорид) е извор на важни електролити за организмот. Нашите предци внесувале сол во многу мала количина, едвај 1 грам во денот. Кога Кинезите, пред пет илјади години, ја откриле можноста за продолжување на рокот на храната со конзервирање, солта добила огромно економско значење, но и уделот на солта во исхраната на луѓето постепено почнал да расте.
Од 1 грам, луѓето почнале да консумираат 5 грама сол дневно. Во 19 век бил постигнат рекорд во консумација на сол, па дневно се консумирале од 9 до 12 грама. Со пронаоѓање на фрижидерот, извесен период, опаднала дневната потрошувачка на солта во домаќинствата.
Денес, дневниот внес е ист како во 19-ти век, иако последните истражувања покажуваат дека луѓето внесуваат и повеќе од 12 грама сол дневно, а тоа е многу опасно!
Но, брзото темпо на живот подразбира брза храна, полуготови производи и комплетно преработена храна која содржи многу, многу сол.
Малку сол е добро за здравјето
Натриумот, содржан во кујнската сол, е важен за одржување на рамнотежа на телесните течности, за воспоставување киселинско-базна рамнотежа, за пренос на нервните импулси и за нормална функција на клетките.
Од друга страна, прекумерното внесување натриум може да предизвика задржување на течности во телото што доведува до зголемување на крвниот притисок кој може да го загрози срцето, артериите, бубрезите и мозокот.
Секој грам натриум доведува до задржување на 70 милилитри вода, покачувајќи го циркулирачкиот волумен на течности во телото односно крвниот притисок.
Задржувањето на течности под влијание на натриум, е особено изразено кај некои пациенти со хронична бубрежна болест и кај пациенти со срцева слабост.
Способноста на натриумот да го зголемува притисокот е особено изразена кај пациентите со артериска хипертензија, кај кои притисокот е особено чувствителен на внесот на сол.
Поврзаноста помеѓу солта и крвниот притисок
Ако луѓето во светот внесуваат од 9 до 12 грама сол дневно, тоа значи дека истовремено внесуваат од 3.5 до 5.5 грама натриум. Според една студија спроведена во Хрватска, внесот на сол проценет со 24 часовно мерење на натриум во урината, бил 11.6 грама што е двојно повеќе од препорачаното. Помалку од 6 грама сол дневно консумирале помалку од 10% од луѓето, а дури 40% од населението консумирало повеќе од 12 грама сол.
Од една страна, постои јасна врска помеѓу натриумот и покачениот крвен притисок! Но, од друга страна намалениот внес на натриум има негативен ефект врз кардиоваскуларното здравје (покачен ризик од мозочен удар, миокарден инфаркт, ненадејна смрт, срцева слабост и периферна артериска болест).
Истражувањата покажаа дека и високиот внес на натриум и нискиот внес на натриум (помалку од 3 грама дневно) се поврзани со повисоки стапки на смртност и зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања.
Според една студија, намалувањето на солта за 4.4 грама дневно (што одговара на намалување на натриумот за 1.75 грама на ден) било поврзано со просечно намалување на систолниот крвен притисок за 4,2 mmHg и дијастолниот крвен притисок за 2.1 mmHg.
Кај лицата со артериска хипертензија овој ефект бил уште поизразен – систолниот притисок се намалил во просек за 5.4 mmHg, а дијастолниот за 2.8 mmHg.
Благотворното дејство на намалениот натриум врз крвниот притисок, најсилно го чувствуваат постарите лица, лицата со дијабетес, лицата со метаболички синдром и лицата со хронично бубрежно заболување.
Бенефити од намалување на солта во исхраната, а со тоа и на натриумот, чувствуваат и луѓето кои земаат терапија за висок крвен притисок. Искуствата покажуваат дека тие луѓе го намалиле бројот, но и дозата на таблетите со кои го регулираат притисокот.
Препорака: Помалку од 5 грама сол во денот!
Врз основа на резултатите од бројни студии, Светската здравствена организација издаде препорака дневната доза на сол да биде помала од 5 грама, што одговара на внес на натриум помал од 2 грама дневно. Се проценува дека 30% намалување на внесот на сол ќе спречи 2.5 милиони смртни случаи годишно ширум светот.
Препораката за намалување на внесот на солта во исхраната, не подразбира само намалување на солта што се користи при подготовка на оброците во домот. Поголемиот дел од солта е веќе содржанa во полуготовата и готовата храна. Затоа, слободно може да се каже дека поголемиот дел од солта во храната всушност е скриена.
Се проценува дека 80% од солта што ја консумираат луѓето доаѓа од готовата храна, а само 20% од домашно приготвената храна.
Од готовата храна, најмногу сол има лебот и пекарските производи, месото и месните производи, грицките, сирењето и другите млечни производи.
Кога јадете две кришки леб, внесувате повеќе од 1.5 грама сол, а со едно солено ѓеврече внесувате околу 2 грама сол, што е повеќе од една третина од препорачаната доза сол во денот.
Расте бројот на случаите со хипертензија!
Во 2015 година, 1.13 милијарди луѓе ширум светот страдале од артериска хипертензија. Се проценува дека до 2025 година, 1,5 милијарди од светската популација ќе страда од хипертензија. Време е да ја намалиме солта!