Замор, печење, чувство на песок во очите. Компјутер, куп документи, мобилен телефон и клима – „добитна комбинација“ за суво око. Работа пред компјутер, еден куп документи на биро, пуштена клима над главата, на паузата проверувате што се случува на Фејсбук или на Инстаграм, тргнувате кон дома, надвор ниски температури, си пуштате пак клима во колата, а автобусите воопшто да не ги споменуваме. Сигурно ви звучи како еден нормален работен ден. А, дали сте се запрашале како овој „нормален“ работен ден (кој се повторува со години) влијае на вашите очи?
Што е во суштина суво око?
Според дефиницијата од Националниот институт за суво око, синдром на суво око претставува квантитативно или квалитативно нарушување на солзниот филм, кое резултира со нарушување на очната површина. Обично, кога ќе споменеме суво око, веднаш помислуваме на недостаток на солзи т.е квантитативно нарушување на солзниот филм, меѓутоа пореметувањето што многу почесто се јавува е, во суштина, квалитативно и е поврзано со зголемено испарување на солзите, односно евапорација.
Типови суво око
Синдромот на суво око настанува заради: намалено создавање солзи (квантитативно пореметување), зголемено испарување (квалитативно пореметување) или како комбинација на двата фактора (мешан тип). Квантитативниот тип на суво око, за среќа поредок, се обично болести поврзани со солзната жлезда. Тука спаѓаат Сјогреновиот синдром (автоимуно заболување), обструкција на каналот од солзната жлезда, внес на одредени лекови што го намалуваат лачењето на солзите и други.
За квалитативно нарушување (испарување) на солзниот филм се одговорни: внатрешни фактори, како нарушена функција на Мајбомови жлезди кои се одговорни за масниот (липидниот) слој на солзниот филм, абнормално затворање на капаците (после оперативен зафат на капаци), намалено трепкање и други. За абнормален солзен филм придонесуваат и какви било оперативни зафати на окото (ласерска корекција, операција на катаракта или глауком и др.) и одредени кожни заболувања (себореичен дерматит, розацеа и др.).
Надворешни фактори кои влијаат на нарушување на солзниот филм се: недостаток на витамин А, конзерванси од капки, носење контактни леќи, разни хемикалии и др.
Мешаниот тип, можеби и најтежок, е комбинација од двата фактора.
Солзниот филм со дебелина од само неколку микрони е прва линија на одбрана на окото
При излачување на солзите од солзната жлезда и помошните жлезди, течноста се распоредува рамномерно на површината на окото и се формира т.н солзен филм, кој се состои од три дела: воден дел, мукозен дел (слуз) и липиден (масен) дел, а дебелината на солзниот филм изнесува само неколку микрони.
Сигурно си мислите дека солзниот филм чија дебелина изнесува само неколку микрони (поточно 5-7 микрони) не игра никаква улога при заштита на очите, а уште помалку на вашиот вид.
Меѓутоа, не е така.
Солзниот филм со слоевите што ги споменавме претставува прва линија на одбрана на окото. Тоа значи дека какво било туѓо тело (прашина, хемикалија, бактерија, вирус итн.) прво се соочува со солзниот филм. Со самото трепкање солзите го испираат окото и поголем дел од страната содржина се истиснува во солзниот канал. А, од друга страна, солзите содржат природни антитела и ензими (лизозим) кои делуваат против надворешните бактерии и вируси.
Освен ваквата заштитна улога, солзите имаат и рефрактивна улога, односно улога во јасно формирање на сликата. Тоа го прават на начин што ја одржуваат рожницата глатка, мазна и сјајна, а со тоа прекршувањето на светлосните зраци е правилно. Доколку настане нарушување на кој било од слоевите или на сите, може да дојде до намалување на видот, односно заматување на сликата. Тоа се случува во суштина заради промена на рефрактивната (прекршувачка) моќ на рожницата, која има најголем удел во диоптриската моќ на окото.
Уште една улога, не помалку важна, е самото подмачкување на окото и одржување на влажноста, којашто е битна за рожницата, конјунктивата (сврзница) и за нормален акт на трепкање.
Напредниот стадиум на суво око може да доведе до оштетување на рожницата, промена на рефрактивната моќ, заматен вид, честа појава на инфекции на окото и последователно оштетување на видот.
Како да бидам сигурен/сигурна дека имам суво око?
Синдромот на суво око, според направените истражувања во Америка, се јавува кај 7 % од популацијата и се зголемува со возраста.
Симптомите кои укажуваат на суво око се: чувство на туѓо тело во очите, отежнато трепкање, пецкање, повремено заматување на видот кое се подобрува со трепкање, чувство на замор при подолго читање или работа на компјутер.
Доколку се пронајдовте во погоре наведените симптоми, тогаш е многу веројатно дека имате некаков степен на суво око.
Еден практичен тест којшто може да ви помогне за да го испитате квалитетот на солзниот филм е да се фокусирате на една точка или предмет и да измерите колку долго можете да издржите без трепкање. Нормално, распукувањето на солзниот филм настанува после 10 секунди. Доколку трепнавте порано веројатно имате некаков степен на нарушување на солзниот филм и можеби е време да размислите како да ги заштитите очите.
За конечно дефинирање на состојбата, секако, потребен е преглед од специјалист офталмолог, кој ќе ви направи неколку тестови за да ја потврди дијагнозата.
Кои се ризик-фактори?
Инциденцата на суво око е зголемена во последните години. Со развојот на технологијата и честото користење на компјутер (по неколку часа дневно), воздухот од клима уредот на работа, дома и во автомобил, нечистиот воздух, преголемата топлина, изложеноста на сонце, прашината и уште редица фактори, го зголемуваат испарувањето на солзите, а тоа води до синдромот на суво око. Правени се студии кои укажуваат на тоа дека при долготрајна работа на компјутер поретко трепкаме (нормалното трепкање изнесува 12-15 пати во минута), а истото се случува и при долготрајно читање, работа со документи или седење пред каков било екран.
Како да си помогнете?
Доколку имате симптоми слични на наведените, многу е веројатно дека имате некаква форма на суво око. Терапијата на суво око е различна, зависно од типот и степенот на развиеност. Меѓутоа, како прва линија на терапија се вештачките солзи. Постојат различни типови вештачки солзи кои заменуваат различни компоненти на солзниот филм и олеснуваат различни симптоми. Затоа, најдобро е пред да почнете да користите какви било вештачки солзи да се консултирате со лекар офталмолог.
Она што можете секако да го направите е да ја промените работната атмосфера. Како?
– доколку морате на работа или дома да седите со клима, избегнувајте да седите директно под неа;
– на паузите наместо да проверувате Фејсбук или Инстаграм, или да читате блогови и хороскоп, излезете надвор;
– правете паузи од компјутерот на секои два часа;
– пијте доволно течности, но не газирани сокови и какви било засладени пијалаци. Во текот на работниот ден треба да испиете најмалку 1,5 литри вода или чај без шеќер;
– избегнувајте долготрајно седење директно на сонце или ветер;
– носете со себе вештачки солзи и на секои 2-3 часа капнувајте си по една капка. Веднаш ќе забележите освежување на очите;
– внесувајте доволно витамини, особено витамин А, јадете овошје, зеленчук и риба.
Колку пати да капнувам во текот на денот, дали вештачките солзи може да ми наштетат?
Вештачките солзи може да се капнуваат неограничено, заради тоа што немаат несакани ефекти, освен ако не сте алергични на некоја компонента, а тоа е многу ретко. Препорачано е за луѓето кои долго користат компјутер (програмери, гејмери, сметководители итн.), дневно да капнуваат онолку пати колку што поминуваат часови пред екранот. Доволно би било и 3-4 пати дневно. Луѓето кои имаат развиен степен на суво око капнуваат и до 12 пати дневно, односно на секој час.
Вештачки солзи во секој дом?
Вештачките солзи се прва помош при каков било проблем со очите. Без разлика дали сте шетале или ви влегла прашина, дали очите ви се црвени, имате чешање или пецкање – капнувањето вештачки солзи може во истиот момент да ви го олесни дискомфорот и да ви купи време додека отидете на очен лекар.
На различни блогови ќе најдете најразлични совети за капнување и облоги од разни чаеви, млеко итн., кои често знаат да бидат токсични за окото и да го искомплицираат проблемот. Она што сигурно нема да ви наштети се вештачките солзи.
Дали вештачките солзи може да се користат превентивно?
Секако, да. Во секој проблем од медицината подобро е да спречите отколку да лечите.
Во денешно време најголем дел од професиите бараат работа на компјутер, изложени сме на воздух од клима уреди, парно греење, седиме дури по неколку часа на мобилните телефони, изложени сме на топол воздух, сонце, ветер итн.
Без разлика дали имате веќе некакви потешкотии или не, добро би било да почнете да ги заштитувате очите и да применувате дел од советите за заштита.
Не заборавајте, очите се прозорец кон светот, одржувајте го сјаен!
Д-р Маја Иванова