Иако зимата е сезона која најмногу предизвикува интерес за зајакнување на имунитетот, борбата со вирусите и воспаленијата треба да да продолжи и во лето. Вирусите не стивнуваат во топлите месеци, туку само се менува вирусниот спектар, па телото се соочува со нови вируси со кои треба да се избори.
Имунитет
Во лето доминираат ентеровирусите кои поттикнуваат симптоми на обична настинка, но уште поактуелни се гастроинтестинални проблеми. Изобилството на свежо овошје и зеленчук се предност на летото што треба да ја искористите за да го одржите имунитетот стабилен. Но, има и голем број суплементи што можете да ги пиете за да бидете сигурни дека тој ќе функционира со полн капацитет и наесен.
На имунитетот неопходен му е витамин Ц во секое годишно доба. Во повисоки дози, витаминот Ц може да го намали времетраењето на настинката ако се разболите и покрај се. Слично дејство има и ехинацеата, билката која традиционално се користи за борба против инфекции, го забавува прогресот на симптомите поврзани со обичната настинка. Мултивитамините и минералите се погодна форма што ветува сигурен внес на соодветна количина хранливи материи, особено во текот на одморот кога правилната и балансирана исхрана е доведена во прашање. Преку редовен дотур на цинк и железо во организмот, мали се шансите имунитетот да ве издаде.
Поленска треска
Според СЗО, секое 5 лице ќе биде погодено од поленска треска (резултат на алергија на полен) во одреден период од својот живот. Летото се смета за високоризичен период во кој расте бројката на заболени. Поленската треска најчесто се третира со антихистамини, но во фазата кога симптомите се уште не настапиле или се благи, делуваат и природните додатоци. На оваа листа одново влегува витаминот Ц за кој се верува дека има моќни антихистамински својства. Хистаминот е соединение во телото кое го посредува алергискиот одговор и затоа витаминот Ц може да биде корисен.
Тука се и бета-глуканите, кои иако традиционално се користат за одржување на холестеролот на посакувано ниво, се смета дека имаат стимулирачки ефект врз имунолошкиот систем и можат да помогнат при алергиски состојби
Топлотен осип
Топлотниот осип е црвен осип на кожата што предизвикува чешање и чувство на пецкање. Може да се развие насекаде на телото, но најчесто ги зафаќа бутовите, грбот, вратот и лицето. Обично се јавува кај осетливи луѓе кога се потат повеќе од вообичаено, особено во топли и влажни услови. прво доаѓа до блокирање на потните канали, а тоа поттикнува воспаление кое резултира со карактеристичен осип. Бета каротенот ја штити кожата од оксидативно оштетување од слободните радикали, чие производство се зголемува како резултат на изложување на сонце. Се покажа дека суплементите на бета каротен значително ја зголемуваат толеранцијата на сонце кај фотосензитивни лица.
Иако научниците се уште се обидуваат да го идентификуваат точниот механизам со кој витаминот Б6 ја штити кожата, потврдено е дека неговото редовно консумирање ја намалува честотата на топлотен осип кај чувствителните лица. Поради неговата антихистаминска активност, витаминот Ц може да помогне во намалувањето на воспалението и чешањето кои се главните симптоми на топлотниот осип.
Задолжителни за на пат
Топ 3 додатоци кои заслужуваат место во вашата патна торба:
ПРОБИОТИЦИ – корисни бактерии кои придонесуваат за одржување на здрав дигестивен систем. Додатокот на пробиотик е неопходен за да го насели гастроинтестинален тракт со пријателски бактерии, така што ќе бидете подобро заштитени во случај кога ненамерно ќе наидете на непознати микроби.
Б КОМПЛЕКС – Б витамините извршуваат широк спектар на функции во телото и се важни хранливи материи за одржување на нивото на енергија и справување со стресот. Одредени Б витамини, исто така, имаат улога во имунолошкиот систем, а многу луѓе веруваат дека земањето витамин Б1 може да ги одврати комарците.
ЃУМБИР – Без разлика дали патувате со автомобил, автобус, авион или брод, пристигнувањето од точка А до точка Б може да претставува предизвик ако сте чувствителни на самото движење, нишање и кривини. Ѓумбирот е најпопуларниот природен лек за лошење при патување и со векови се користи за таа намена. Денес, постојат многу форми на додатоци со ѓумбир (без толку интензивен вкус) кои ја олеснуваат консумацијата.