Имаат мирис што плени и вкус што ја стоплува душата. Но, приказната за костените не завршува тука! Овој предвесник на студеното време изобилува со многу хранливи материи поради кои треба да се потрудите да го консумирате почесто. За разлика од другите јатки, костените имаат помалку калории, но затоа предничат со витаминот Ц кој не е типичен за овие плодови. Содржат и други антиоксидантски компоненти, како витамините А и Е и плус гална и елаична киселина.
Познати се и по растителните влакна со чија помош се овозможува непречена работа на дигестивниот систем, но и стабилно ниво на шеќер и холестерол во крвта. Костените се одличен избор за храна во периоди на анемија или пад на железото во крвта, бидејќи не само што содржат железо, туку обезбедуваат сигурна апсорпција на минералот со помош на витаминот Ц во составот. Само со 100 грама печени костени се задоволуваат 45 % од дневните потреби за витамин Ц. Уште една предност на костените е калиумот, кој спречува создавање песок и камчиња во бубрезите. Високиот процент на витамини од Б групата го прават костенот неопходен за мозокот и за енергија. Бакарот, калциумот, магнезиумот и манганот се дел од минералниот состав на костените кои најмногу влијаат на здравјето на коските.