Една од причините за постојано затнат нос
Не дишете со полн капацитет, бидејќи носот постојано ви е затнат? Имате чувство дека вашето сетило за мирис не е она што беше?
Главната причина за намалување на сетилото за мирис е оштетување на олфакторниот (сензорен) нерв и неговата мукоза под дејство на воспаление, а честа појава за време на коронавирусот.
Во тој случај е компромитирана комуникацијата помеѓу носот и мозокот, па мирисните дразби не стасуваат до центрите на мозокот.
Ако и после заздравување на нервот ситуацијата не се смени, тогаш најверојатно станува збор за полипи во носот – дијагноза што честопати се протнува под радарот на дијагностичарите.
Што се назални полипи?
Полипи се всушност оние месести, неканцерогени кожни израстоци кои растат во синусите или назалните патишта. Назалните полипи не се болни, па ако се мали, најверојатно нема ни да знаете дека ги имате.
Назалните полипи честопати се последица на хроничен риносинузитис, честа медицинска состојба која влијае на приближно 12 проценти од популацијата и се каректеризира со воспаление на синусите повеќе од три месеци. Состојбите како астма, алергии, нарушување на имунитетот, исто така водат до појава на назални полипи.
Симптоми
Вообичаено, тие се најавуваат со следните симптоми: затнат нос, капење од носот, притисок на челото, ’рчење, главоболка. Полипите исто така го намалуваат сетилото за мирис и вкус и може да предизвикаат забоболка. Симптомите потсетуваат на типична настинка, но се протегаат во подолг временски период.
Колку и да се непријатни, најмногу поради затнатиот нос, носните полипи се главно бенигни и повеќе се водат како тешка форма на воспаление отколку како израстоци. Полипите кои се формираат во други делови од телото, како дебелото црево и ректумот, можат да бидат малигни и да предизвикаат рак.
Дијагноза
За дијагностицирање на назалните полипи, лекарот може да направи назален ендоскоп (осветлена цевка опремена со камера) за да ја испита ситуацијата. Може да се примени и компјутерска томографија или скенирање на регијата со цел да се испита колку е сериозен синузитисот и каква шема има воспалението. Тестовите за алергија и микробиолошките култури може да помогнат во дијагностицирање на хроничното воспаление.
Лекување
Главната цел на третманот е да се контролираат симптомите на пациентот, со минимална изложеност на медицинска и хируршка терапија. Најчесто тоа подразбира смирување на воспалението и намножување на добрите бактерии во носната празнина.
Лекарот може да препише антибиотици со широк спектар, локален назален стероид спреј, плакнење со солен раствор и/или системски стероиди за лекување на синузитис и полипи, додека лековите за разредување на мукозните и назалните деконгестиви можат да помогнат во ублажувањето на запушувањето.
Во краен случај, кога лековите не делуваат, може да се примени ендоскопска хирургија за да се прошират природните синусни канали и да се отстранат сите попречни коски и воспалителни меки ткива.
Ендоскопската хирургија е амбулантска процедура која се изведува под општа анестезија. Болката вообичаено трае неколку дена, додека целосното закрепнување се јавува во текот на шест до осум недели. Во текот на заздравувањето, пациентот треба да користи физиолошки раствор за плакнење и лекови за да спречи можна инфекција.
Дали се станува зависен од спреј за нос?
Пред легнување, кога сте во природа, кога не можете да јадете на раат од што снемувате воздух, посегнувате по спрејот за нос? Голема е веројатноста за неколку дена да сфатите дека сте затнати многу повеќе од претходно. Како е можно?
Пречестото прскање назален спреј води до развој на ринитис медикаментоза или повратна конгестија. Овој маѓепсан круг на прекумерна употреба и зависност може да трае со месеци, па дури и со години. ОТЦ спрејовите е добро да се користат 4-5дена, но ако сте зависник од спреј за нос, спуштете го шишенцето.
Побарајте од вашиот доктор да ви препише орални стероиди за да се намалат воспалението и конгестијата додека вашите синуси заздравуваат. Користете средство за плакнење нос или солен раствор.