Состојба честа како астмата и дијабетесот, а ги засега само жените. За разлика од претходните две, оваа болест вешто се крие низ лавиринтите на женското тело и ако не се улови навреме, зад себе носи сериозни последици.
Голема е веројатноста да сте слушнале за ендометриоза, особено ако сте жени. Ако уште малку ја разгорите љупобитноста и се обратите на интернет форумите, ќе најдете стотици жени од своето опкружување, кои на ваков или онаков начин се или биле засегнати од ендометриозата. Ендометриозата е тешка и комплицирана за дијагностицирање, бидејќи симптомите за нејзино откривање се многу слични на менструалните, како грчеви, болки во стомакот, промени во расположението, зголемен апетит.
Ендометриозата е болест при која внатрешниот слој кој ја обвива матката наречен ендометриум, (оној слој кој, ако не дојде до бременост, се исфрла надвор од организмот заедно со крвта и останатата слузница) расте на места на кои не би требало да расте, како на јајчниците, јајцеводите, малата карлица, па дури и бешиката и стомакот.
Ендометриумот кај здравата жена, која се наоѓа во внатрешноста на матката, под дејство на естрогенот ‒ кој во период на овулација го достигнува својот врв ‒ отекува, а потоа се распаѓа и на крај се исфрла надвор од оганизмот преку крвавењето во текот на менструацијата. Но, она ткиво надвор од матката кое останува заробено предизвикува воспаление, внатрешно крвавење и екстремни болки.
Бидејќи болките и грчевите својствени за менструацијата се рефлексија на симптомите на ендометриозата, никој не крева огромна паника и токму поради тоа станува премногу тешко да се дијагностицира болеста. Во просек, процесот на откривање на ендометриозата трае цели 7 години.
Според последните истражувања, секоја 10-та жена во светот има ендометриоза, што значи дека околу 176 милиони жени ширум светот страдаат од неподносливи болки. Ваквите бројки се показател дека ендометриозата стои рамо до рамо со дијабетесот и астмата.
Рутинската контрола кај гинеколог може да покаже специфична циста на ехо прегледот која понатаму се анализира со помош на тумор маркери. Сепак, единствениот начин за да бидете сигурни дека се работи за ендометриоза е да направите лапароскопија – мал хируршки зафат при кој во абдоменот се прави минимален отвор со помош на лапараскоп со кој се проверува дали има клетки или ткиво во форма на израстоци. Се прави биопсија за понатамошни испитувања или се отстранува со конзервативна операција. Во потешките случаи кога доаѓа до целосно оштетување на некој од репродуктивните органи, бидејќи ткивото на ендометриумот на некој начин ги кородира ограните на кои не припаѓа, потребна е покомплексна операција особено ако организмот не реагира на ласерската терапија.
Додека сите операции поврзани со ендометриозата имаат за цел да го отстранат ткивото, хистеректомија подразбира целосно отстранување на матката, а офоректомија и на јајчниците. Зависно од степенот на проблемот, може да бидат отстранети двата или едниот јајчник.
Уште еден проблем со ендометриозата е нејзиното непознато потекло. Станува збор за уште една во низата тивки и невидливи болести со фатални последици. Низа научни теории се обидуваат да објаснат зошто и како ендометриумот од внатрешните ѕидови на матката завршува на други органи. Една можност научниците гледаат во ретроградната менструација – менструална крв која за време на циклусот се враќа во телото на жената. На ваков начин постои можност ендометриумот да заврши во јајцеводите, малата карлица и абдоменалните празнини.
Фактори на ризик
Вообичаени фактори кои можат да го зголемат ризикот од ендометриоза се:
- Немање деца.
- Семејна историја: Член во семејството со ендометриоза.
- Стартување на менструалниот циклус пред 11-годишна возраст.
- Кратки менструални циклуси.
- Тешки менструални циклуси подолги од 7 дена.
Причината зошто доаѓа до ретроградна менструација е непозната, но познато е дека ова не е единствена причина за појава на ендометриоза, бидејќи не сите жени со ретроградна менструација развиваат ендометриоза.
Абнормалната промена во природата на клетките е уште една причина. Самиот слој со кој се обложени органите на карлицата, во себе содржи матични клетки кои имаат можност да се развијат во други форми на ткива како што е ендометриумот. Постои теорија дека клетките на внатрешниот слој на матката патуваат преку крвотокот и на тој начин стасуваат до различни органи во телото.
Истражувачите не ја исклучуваат ниту генетиката како причина за појава на ендометриоза. Ако постои семејна историја на жени со ендометриоза, таа се појавува во секоја нова генерација.
Постојат докази кои покажуваат дека некои жени со ендометриоза имаат нарушен имунитет, па тој не ги регистира абнормалностите, односно дека ткивата на ендометриумот не припаѓаат на одредени органи.
Ендометриозата се класифицира во 4 степени во зависност од точната локација, распространетоста, длабочината, како и присуството и сериозноста на таканаречената корозија или оштетување на ткивото. Најголемиот број случаи спаѓаат во првите две категории, додека вторите две се одликуваат со големи цисти и сериозно оштетување. Степенот на ендометриозата не е поврзан со големината и зачестеноста на симптомите, но неплодноста е многу чест симптом за ендометириоза од 4-ти степен.
На болеста ѝ е потребен голем временски период додека ги покаже симптомите. Некои од нив, како болките и грчевите, се исти како оние за време на менструалниот циклус и не откриваат многу. Болниот сексуален однос е вториот симптом кој би требало да ги насочи жените на гинеколог. Сепак, најчестата причина поради која докторите почнуваат да се сомневаат на ендометриозата е проблемот со зачнување. Жените кои имаат тешкотии да забременат, многу почесто имаат ендометриоза за разлика од оние кои веќе забремениле. Сепак, многу жени со дијагностицирана ендометриоза успеале да забременат, особено ако болеста е во втората или третата фаза. Се претпоставува дека 70 % од овие жени ќе забременат во првите три години од третирање на болеста. И покрај тоа, докторите препорачуваат забременување уште во првата година од лапароскопијата.
Едно од прашањата кои често се поставуваат е дали постои поврзаност помеѓу ендометриозата и ракот. За почеток, заедничкиот именител на ракот и ендометриозата е естрогенот, кој стимулира делба на клетка во јајчниците и дојките. Со текот на времето, клетките кои постојано се делат може да направат грешка, односно да дојде до неконтролирана поделба на клетки или рак.
Ендометриозата од друга страна е ткивото кое ја обвива матката, а кое расте на несвојствено место. Истото расте под дејство на естрогенот, па така самата болест зависи од естрогенот.
Големо истражување кое вклучува податоци од 114 илјади жени во болница во Данска, открива дека жените кај кои ендометриозата е дијагностицирана под 40-тата година од животот, имаат редуциран ризик за рак на дојка, додека оние со дијагноза меѓу 40-тите и 50-тите имаат 14 % поголеми шанси да фатат рак на дојка. За жените над 50-тата, шансите се исти без разлика дали имале или немале дијагностицирана ендометриоза.
Некои истражувања се темелат не теориите дека жените со ендометриоза имаат зголемени шанси за појава на некои типови рак на јајчници. Ризикот е најголем кај жени кои имале ендометриоза и проблем при примарна бременост (прво зачнување). Сепак, комбинацијата на орални контрацептивни пилули кои понекогаш се користат како терапија за ендометриозата, значително го намалуваат овој ризик.
Симптоми
- Болни циклуси. Болка во карлицата, грчеви, а понекогаш и болки во долниот дел на грбот и стомакот кои обично се јавуваат за време на менструалниот период. Тие понекогаш можат да започнат пред или да продолжат неколку дена по неговото завршување.
- Прекумерно крвавење. Жените со ендометриоза обично имаат обилни менструални периоди, а понекогаш и крвават помеѓу менструациите (пробивно крвавење).
- Болка при дефекација или мокрење.
- Болка за време или после сексуален однос.
- Гастроинтестинални или дигестивни потешкотии.
- Неплодност.
- Замор и недостиг на енергија.
Како храната може да помогне?
Здравите животни навики можат да го намалат ризикот од ендометриоза и значително да ги олеснат симптомите кај жените кои веќе боледуваат.
Избегнувајте:
- Глутен или сите производи од пченица како леб и тестенини со цел да се намалат подуеноста и болките во малата карлица, најмалку 4 до 6 недели.
- Ксеноестрогените, хемиски материи присутни во пестицидите, хербицидите, пластичните амбалажи, кои во телото се однесуваат како хормонот естроген, но со многу појако дејство.
- Алкохол. Студиите покажуваат дека прекумерното пиење алкохол може да ги зголеми нивоата на естроген, а тоа го зголемува ризикот од ендометриоза.
- Кофеин. Според една студија, прекумерните дози кофеин внесени преку кафе, зелен чај и газирани пијалаци го зголемуваат естрогенот кај некои жени.
Применувајте:
- Физичка активност. Важна е за ублажување на симптомите на ендометриозата. Редовната физичка активност може да ги зголеми нивоата на добрите естрогенски метаболити (компонентите кои се создаваат кога се разградува естрогенот) и да ги намали нивоата на лошите, но оваа теза сè уште не е докажана во целост.
- Редовна консумација на ферментирани производи како јогурт, кефир, ферментиран зеленчук со цел да се регулира дигестијата.
- Редовна консумација на омега-3 масни киселини, масло од јаглика, витамин Ц, витамин Е, цинк и Б комплекс (витамините ја контролираат простагландиската рамнотежа и имаат антивоспалително дејство), магнезиум (речиси кај сите жени со ендометриоза се забележува дефицит на минералот магнезиум), аминокиселината Л-метионин, бидејќи ја поттикнува детоксикацијата на вишокот естроген во црниот дроб. Соодветната доза на овие додатоци на исхраната ја дозира матичниот гинеколог.