Најдобрата превентива од зимски настинки и депресија
Често се вели дека смеата е најдобриот лек за душата – фраза зад која има многу наука. Насмевката е најсилниот стимулатор на ендорфин, хормон на среќата кој го подобрува расположението и чувството за себе. Тоа е истата онаа благосостојба што ја чувствуваме после вежбање, прошетка на сонце, вкусен оброк и низа други мали активности од секојдневието кои несвесно нè усреќуваат.
Воодушевен од придобивките на смеењето, лекарот од Мумбаи, д-р Мадан Катарија, во 1955-тата создал свој клуб на смеа. Имено, тој собрал мала група луѓе и секојдневно ги водел во некој од јавните паркови во градот за да разменуваат смешни шеги и приказни. Случајните минувачи биле заинтригирани од гласната смеа, па набрзо групата од пет пораснала на педесетина луѓе.
Кога веќе им снемало приказни за раскажување, докторот ги поттикнувал да се смеат без причина, да ги одглумат звуците на смеење за смеата да стане вистинска и заразна. Ваквата практика прераснала во нова техника наречена јога на смеење која денес се практикува низ целиот свет.
Една типична јога сесија на смеење вклучува вежби за дишење, истегнување, а потоа насоки кои имаат цел да ве насмеат – потсетување на смешни сеќавања или едноставно одглумување на различни видови смеење кои постепено од лажни ќе преминат во вистински. Штом вистинската смеа го преземе часот, присутните ќе ги почувствуваат придобивките.
Најважни придобивки од смеењето
Смеењето ги намалува стресот и напнатоста, ги релаксира мускулите и обезбедува спокоен сон. Некои истражувања покажуваат дека го зајакнува имунолошкиот систем, бидејќи преку смеење клетките се снабдуваат со повеќе кислород, а тоа го подобрува и нивото на енергија. Смеењето е најзабавниот тип кардиоваскуларна вежба, преку смеење се подобрува тонусот на мускулите особено во делот на стомакот.
Науката зад смеењето?
Д-р Ли Берк, вонреден професор на Универзитетот „Лома Линда“ во Калифорнија, почнал да ги истражува придобивките од смеењето кон крајот на 1970-тите. Тој забележал дека смеењето може да ги намали негативните ефекти од хормонот на стрес – кортизол. Истражувањето на Берк, исто така, откри дека смеењето може да го зголеми нивото на природните клетки убијци, вид бели крвни зрнца, кои се потребни за борба против вирусите и клетките на туморот и за одржување на здравјето на целото тело. Оттогаш спроведени се многу истражувања кои го врзуваат смеењето со други здравствени придобивки:
Намалување на анксиозноста
Во една лабораториска студија, испитаниците лажно биле наведени да веруваат дека ќе добијат електричен шок по 12 минути. Додека чекале шокот да се случи, им била пуштена смешна снимка. Дел од групата слушале снимка што не била смешна, а дел не слушале никаква снимка. Во меѓувреме им биле измерени маркери на вознемиреност. Оние кои ја слушале смешната снимка биле оценети за помалку вознемирени од другите две групи.
Подобрување на општото здравје
Студијата објавена во 2014 година го разгледувала влијанието на сесиите јога со смеење врз општото здравје на 38 машки студенти по медицина. На дел од учесниците им бил доделен еден час јога со смеење неделно, додека другите воопшто не посетувале јога. Генерално, групата која учествувала во јогата со смеење покажала подобрување во општото здравје, квалитетот на сонот, а и ги намалиле симптомите на анксиозност и депресија. Иако резултатите се ветувачки, имајте предвид дека ова истражување било спроведено само на мажи.
Управување со менопаузата
Студијата од 2012 година истражувала дали терапијата со смеа може да има позитивно влијание на жените кои минуваат низ менопауза. Испитаниците учествувале во пет 30-минутни сесии на терапија со смеа. Нивните резултати беле мерени во однос на контролна група. Серија прашалници откриле дека терапијата со смеа помогнала да се зголемат оптимизмот и самодовербата и да се намали депресијата кај жените во менопауза, во споредба со контролната група.