Мирисот на лаванда го повикува сонот на очи, лимонот расонува, а розата смирува. Токму така, мирисите од природата години наназад му помагаат на човекот. Само со едно вдишување од магичното етерично масло, телото и мозокот ги преплавува бран од позитивни сензации. На современиот човек можеби му е тешко да поверува дека мирисот може да ја сопре болката, но и науката го потврди она кое за кое знаеле најстарите цивилизации. Старите Египќани уште 4.500 години пред новата ера ги користеле мирисите во лекувањето на широк спектар болести, дали вие би се потпреле на нивните методи? Едно е сигурно, полошо не може да ви стане!
Од цвет до масло во мало шишенце… КАКО?
Етеричните масла се добиваат со дестилација, а Индијците биле меѓу првите кои го користиле овој метод на одземање на „душата“ на растението – неговиот мирис и нектар. За да се добијат само неколку капки етерично масло, потребна е голема количина ливчиња, гранчиња, смола, па дури и корен од растението. Но, тие неколку капки не само што се решение за повеќе типови болка, туку со нивното разблажување (со неутрални масла како бадемово, сончогледово, маслиново) се добива вистински корисен лек.
Важно е да знаете дека маслото не смее да се користи неразредено, во спротивно ризикувате да се здобиете со изгореници, алергиски реакции, мачнина, вртоглавица, па дури и труење.
Етеричните масла стасуваат до органите преку крвотокот, враќајќи ја хармонијата во критичните точки. Основни трансмитери се носот и кожата. Но, маслото нема да има ефект доколку пациентот не ужива во неговиот мирис. Сепак, добро е што секогаш постои заменски мирис со истото дејство.
Етеричното масло можете да го купите готово, но можете и сами да го подготвите. Најпрво треба да откриете кои масла се наменети за вашиот проблем, а потоа можете сами да ја направите мирисната комбинација.
Во едно шишенце, со пипета, ќе капнете по 10 капки од секое масло. Обично не треба да се мешаат повеќе од 5 различни масла. Тие капки ќе ги помешате со базично масло што најмногу ви одговара. Ако имате нормална или сува кожа, послужете се со маслиново масло како основно; за оние со масна кожа е посоодветно сончогледовото. Ваквиот маслен раствор ќе ви служи навистина долг период, бидејќи при еден третман не смеете да користите повеќе од 10 капки, во спротивно ќе добиете главоболка.
Од масло до хармонија… КАКО?
Постојат 4 методи преку кои можете да уживате во благодатите од растенијата преточени во масло:
Ароматична купка
Се применува при болки во мускулите или зглобовите, пореметена циркулација, замор, несоница, стрес, депресија. Наполнете ја кадата со вода и капнете 10-тина капки од етеричното масло. Освен преку кожата, полезното дејство на маслото ќе го осетите и преку респираторниот систем. Ако сте во брзање и имате во план брз туш, капнете на сунѓерот 4-6 капки масло и тријте ги на кожата (не мора да користите сапун).
Аромакомпресија ( мирисни облоги)
Се применуваат при болки во мускулите и во зглобовите, при отоци и главоболки. Натопете чиста газа во ладна вода ако треба да третирате отоци, или топла вода за болки во мускули и коски, во која претходно ќе капнете 6 капки масло. Бидете трпеливи и оставете ги облогите да делуваат барем еден час.
Ароматични инхалции
Се применуваат при проблеми со дишењето, астма, затнат нос. Доволно е само да го отворите шишето и да вдишете од мирисот или да капнете неколку капки масло во распрскувач со вода и да ја освежите просторијата. Ароматичните масла се користат на ист принцип како кога правите инхалација со пареа од камилица.
Ароматична масажа
Се применува при депресија, тага, лошо расположение, а делува врз секоја болест од причина што продира длабоко во кожата и носи брзи резултати. Маслото за масажа се подготвува на тој начин што во 10 мл неутрално масло се капнуваат 5 капки од избраното етерично масло. Со нежни движења и повремен благ притисок на болното место, болката поминува.
Капка масло за секој дел од телото!
Мирисен лек против болки во мускулите и во зглобовите: бергамот, лаванда, ѓумбир, рузмарин, камилица.
Справете се со сезонските вируси и настинки со помош на масло од лимон, лаванда, гераниум, бибер, еукалиптус. Добро ќе им дојдат и на луѓето што патат од алергии.
Во случај кашлицата да не сака да си замине, наместо антибиотици, направете инхалација со сандалово масло, лаванда, темјан, бор, елка или гераниум.
Ароматичната купка треба да биде задолжителна за жените што често се изложени на вагинални инфекции. Камилицата, кедарот, чемпресот, темјанот, боровницата, рузмаринот, освен што се одлични диуретици, ги облажуваат циститисот и кандидата.
Променливото расположение често е резултат на хормоните, особено за време на ПМС. За да воспоставите хормонска рамнотежа, набавете масло од: нероли, чемпрес, лаванда, иванско цвеќе, лимон, бор, камилица.
Етеричното масло од босилок, рузмарин, мента и лимон ги подобрува мисловната активност и концентрацијата.
И при најмал стрес, први страдаат нервите. За нивно зајакнување одговорно е маслото од камилица, лаванда, мелиса, рузмарин.
За снижување на крвниот притисок дишете масло од лимон, лаванда, мајоран, иванско цвеќе.
Лошото варење е честа причина за вишокот килограми. Но, затоа тука се биберот, ѓумбирот, лавандата, лимонот, нането и боровницата.
Бактериостатски ефект имаат еукалиптус, боровница, лаванда, рузмарин.
Лузни, повреди, модрици, оток… облогите од камилица, лаванда, мирта и чајевац се докажан лек за заздравување на секаков тип рани.
По оперативен зафат, на ткивото му е потребно време за да се регенерира. Благата масажа со лаванда, мирта и темјан го забрзува ваквиот процес.