Тивка закана од премногу седење
Како нација седиме премногу, нели?! Седиме на работа, седиме пред телевизор, омилено ни е долгото седење на кафе, тука е и седењето во омилената фотелја со добра книга или со телефонот, седиме дури и кога готвиме – особено ако не нè држат нозете.
Но, долготрајното седење, дури и кога изгледа безопасно, може да доведе до сериозни последици по здравјето на нашите вени. Една од нив е тромбозата на длабоките вени (ТДВ) – состојба која често доаѓа без предупредување, но која може да биде опасна по живот.
Што точно претставува тромбозата на длабоките вени?
ТДВ е состојба при која се создава крвна грутка (тромб) во длабоките вени, најчесто во ногата. Кога крвта не циркулира доволно – како што се случува при долготрајно седење или мирување – постои поголема шанса да дојде до абнормално згрутчување на крвта. Овој тромб може да го блокира нормалниот проток на крв и да предизвика болка, оток и воспаление. Најсериозна компликација е ако тромбот се одвои и отпатува до белите дробови – состојба позната како белодробна емболија, која бара итна медицинска помош.
Што може да предизвика длабоката венска тромбоза?
Длабоката венска тромбоза може да настане како резултат на различни фактори кои ја оштетуваат внатрешната обвивка на вените. Секое оштетување на оваа обвивка, било да е тоа поради хируршка интервенција, повреда или како одговор на имунолошкиот систем, може да предизвика формирање на тромб.
Дополнително, кога крвта е густа или кога циркулира премногу бавно, станува подложна на згрутчување. Ова е особено ризично кога се случува во вена која веќе е оштетена. На тромбозата може да влијаат и генетски фактори, хормонални промени или долгорочно седење во една позиција.
Кој е под ризик?
Се наоѓате во ризична група ако:
- Седите подолго време без да се движите, како што е случај со канцелариски работници или оние кои поминуваат многу време зад волан или пред телевизор.
- Патувате често со авион или воз.
- Сте постари од 60 години.
- Имате прекумерна тежина, хипертензија или други здравствени проблеми.
- Луѓето кои имаат канцер, кои се подложни на долготрајно лежење поради болест или операција.
- Пушачите.
Како се препознава оваа состојба?
Почетните симптоми може да се појават многу бавно и да бидат лесно занемарени:
- Болка или осетливост во ногата, најчесто на листот.
- Оток или чувствителност на кожата.
- Топлина и црвенило на местото каде што е присутен тромбот.
- Чувство на тежина во ногата.
Не сите случаи имаат симптоми, затоа е важно да се обрне внимание на сите промени во циркулацијата.
Како да се заштитите?
Редовно движење: Иако можеби веќе не сте во можност да трчате, кратките прошетки или едноставни вежби за нозете помагаат во одржување на добра циркулација.
Компресивни чорапи: Овие чорапи ја стимулираат циркулацијата и спречуваат формирање на тромб, и се особено корисни при долготрајно седење.
Многу вода: Хидратацијата е важна за течноста на крвта, а и помага во превенција од згрутчување.
Контрола на тежината: Здравата тежина ја намалува веројатноста за тромбоза.
Редовно вежбање: Дури и на работа, важно е да станете и да се движите на секои 1-2 часа.
Кога да побарате лекар?
Во случај на следниве симптоми, одложувањето на консултацијата со лекар може да има сериозни последици:
- Болка или оток во едната нога.
- Тешка болка при одење или стоење.
- Чувство на замор и слабост, непосредно по седење.
- Кратко дишење или болка во градите (може да се случи ако тромбозата премине во белодробна емболија).
Што ако веќе се појави тромбоза?
Дијагнозата обично се поставува со ултразвук на вените, а третманот вклучува:
Антикоагулантни лекови – ја разредуваат крвта и помагаат во спречување на проширување на тромбот. Се внесуваат орално или преку инјекција. Антикоагулантите немаат способност да го разбијат тромбот, но спречуваат формирање на други тромбови и на телото му даваат време самото да го разбие постоечкиот тромб.
Третманот на длабока венска тромбоза со тромболитици вклучува лекови кои имаат способност да го разбијат тромбот. Овие лекови можат да предизвикаат сериозно крвавење, па затоа се користат само во итни ситуации. Тромболитиците се примаат интравенозно и се администрираат исклучиво во болнички услови, каде пациентот може да биде под постојан медицински надзор.
Во некои случаи, доколку тромбот се прошири, може да биде потребна хируршка интервенција.
Несакани ефекти од лековите за третман на длабока венска тромбоза
Антикоагулантите, лекови кои ја разредуваат крвта, ги прават пациентите подложни на модринки и почести крвавења. Внатрешното крвавење може да биде многу сериозно, па затоа кога користите антикоагуланти, важно е лекарот да се увери дека крвта не е премногу разредена. Некои од новите антикоагуланти не бараат постојан медицински надзор во поглед на ефектот на разредувањето на крвта.
Предупредувачки знаци за внатрешно крвавење
Внатрешното крвавење во стомакот може да се препознае преку силна болка, повраќање во форма на кафени зрнца или светлоцрвена течност. Ако се случи крвавење во мозокот, тоа може да предизвика силна главоболка или симптоми на мозочен удар, како што се неприродни движења, заматен вид и конфузија.
Не потценувајте ја тивката опасност!
Тромбозата на длабоките вени е болест која е тесно поврзана со модерниот начин на живот – постојаното седење и недостатокот на физичка активност ја зголемуваат веројатноста за нејзино појавување. Затоа, важно е да внимавате на малите промени во вашиот животен стил. Иако може да изгледаат неважни, тие можат да имаат големо влијание на вашето здравје. Ако сте постари и не се чувствувате свои, најдобро е да се консултирате со лекар за да избегнете сериозни последици.
Вежби за поттикнување на циркулацијата додека сте на работа
Додека седите на столот, почнете да ја подигате и спуштате едната нога, па потоа другата, како да марширате со нозете под биро. Ова ќе ја подобри циркулацијата.
Стојте и правете неколку кругови со зглобовите на стапалата (десно и лево).
Станувајте од столот секој час и прошетајте малку низ канцеларијата или домот. Овие кратки паузи ќе го поттикнат протокот на крв и ќе спречат згрутчување на крвта.
Длабока венска тромбоза за време на бременост
Жените се поподложни на длабока венска тромбоза за време на бременоста, а исто така и 4 до 6 недели по породувањето. Ова е резултат на поголемото ниво на естроген, кој ја прави крвта поподложна на згрутчување. Дополнително, притисокот од проширената матка може да го забави протокот на крвта во вените. Во некои случаи, одредени нарушувања во крвта можат дополнително да го зголемат ризикот од развој на тромбоза.
Длабоката венска тромбоза и долгите патувања
Патувањата на нови и далечни места можат да бидат многу возбудливи, но не и седењето на истото седиште за време на подолг меѓународен лет. Научните истражувања потврдуваат дека летовите кои траат подолго од 4 часа го зголемуваат ризикот од развој на длабока венска тромбоза. Овој ризик не важи само за авионските летови, туку и за патувања со автомобил, автобус или воз. Долгото седење без движење го забавува протокот на крвта и ја зголемува веројатноста за формирање на тромбови.
Што е белодробна емболија?
Белодробната емболија се случува кога тромбот се одвојува и патува до белите дробови, каде може да ја блокира артеријата која ги снабдува белите дробови со крв. Ова може да биде фатално ако не се третира навреме. Симптомите вклучуваат тешка болка во градите, отежнато дишење, брзо или нерамномерно чукање на срцето и кашлица со крв.